Aмбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија, Н.Е. Хиронори Савада, во придружба на својата сопругата Хитоми Савада, на 1. јуни дојде во официјална посета на Кинотеката.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, ги запозна високите гости со историјатот, содржините и програмските активности на Кинотеката.

Посетата на јапонскиот амбасадор е во пресрет на НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИОТ ФИЛМ, која ќе започне на 4 јуни (петок), во 20:00 ч. на сцената на летното кино „Мирно лето“. Во рамките на ревијата која ќе трае сè до 9 јуни (среда) ќе бидат прикажани пет играни филмови, како и избор од творештвото во стоп-анимација на извонредниот уметник Такеши Јаширо. Сите филмски наслови се од најновата јапонска филмска продукција.

Амбасадорот Савада и директорот на Кинотеката Ангелов се осврнаа на досегашната плодна соработка – годинешната ревија на јапонскиот филм во Кинотеката е 14-та по ред – и разговараа за развивање на идните заеднички проекти.