Наградата на ДФРМ „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ постхумно ќе биде доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.

„Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда која во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Во неговата богата професионална биографија ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм.

Горјан Тозија (1954-2022), познат по прекарот Медо, беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Mинистерството за култура и советник во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“.

Тозија беше продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“, кој доби номинација за Оскар во 1994, Undercover (1991), Sidney Sheldon’s Memories of Midnight (1991), The Forgotten (1989), A time of destiny (1988).

Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ-проекти, а во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.

Како пасиониран вљубеник во филмот, Тозија целиот свој живот го посвети на афирмација на македонската кинематографија во светот, се залагаше за поддршка на младите креативни автори и за поголема застапеност на жените во филмската индустрија.

„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија. Со наградата воведена во 2013 година се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова,актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020) и Бајрам Северџан, филмски актер (2021).

И оваа година тимот на „Божиновски часовници и накит“/ Bozinovski watches & jewelry ја имаше честа да ја изработи наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на фестивалот „Браќа Манаки“, награда која традиционално се доделува за особен придонес во македонската кинематографија.