Уште еден убав продукт на македонската кинематографија, филмот „Мими“ во режија на Даријан Пејовски, кинематографер Дејан Димески, беше прикажан на годинешното издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

-Фестивалот „Браќа Манаки“ ми е многу драг, доаѓам од 1992 година уште како студент на овој фестивал, и годинава ми е јубилеј – 30 години присуство. Фестивалот многу придонесе во мојот развој преку гледање филмови, комуникација со постарите колеги и секогаш има врвно место во мојата биографија. Ова е моја прва соработка со Даријан Пејовски, со кој буквално го изодевме цел филм. Работевме во време на ковид пандемијата и бевме ограничени во движењето, но одлучивме да му дадеме нова димензија на Скопје, ги гледавме локациите, фотографиравме секоја вечер, работејќи речиси четири месеци успеавме во таа намера, рече Димески на денешната прес конференција.

Скопје изгледа многу поубаво во филмот отколку што вистински е.

-Ова не е филм кој би требало секому да му се допадне бидејќи обработува теми кои се сензитивни. Од една страна имаме елегантно кадрирање и долги кадри, а од друга страна има прилично грубо светло. Не ги осветлувавме посебно актерите, што во суштина многу ни помогна, особено во тесните простори каде што снимавме, бидејќи тие добија повеќе простор. Внимателно одбравме локации и се добива впечаток дека Скопје е поголем град отколку што е реално, истакна Пејовски.

Екипата не е голема, а главните сцени се во два стана и секогаш имало комуникација со актерите.

-Сцената со капењето е мошне специфична во три квадрати сме јас, актерката и тонецот. Кога го гледаш кадарот веднаш знаеш дали е добро или не, и што ќе каже режисерот, затоа што си тука во самата сцена, си помагаме меѓусебно со актерот. Со пошироки кадри влегувавме за и самиот актер да ја почувствува енергијата на камерата зошто едно е ако снимаме крупен план на 15 метри, а друго е кога снимаме на 35 сантиметри. Така актерот добива дополнителна енергија. Со сите актерки имавме одлична комуникација, сме соработувале и претходно и сакаат да влегуваат во ликот, и да создаваат, вели Димески.

Подводните сцени со бебето се снимале во базен во Куманово со подводен снимател од Словенија и сето тоа е реално. Бебето долго време било тренирано од Наташа Мешковска за да може да се адаптира да нурка под вода, а на снимањето присуствувале и тројца спасувачи, лекар и тројца нуркачи и подводниот директор на фотографија од Словенија кој кога ја видел сцената рекол дека досега не работел такво нешто. Исто така и актерката тренирала долго време за да може да плива.