Стефан Арсенијевиќ за филмот „Бановиќ Страхиња“ ја доби наградата за најдобар режисер, Давид Боневил и Диего Роша за најдобро сценарио за филмот „Последното капење“, специјална награда од жирито и беше доделена на Ивона Синежинска за „Аматери“, а нововостановената награда „Упа“, во чест на неодамна починатиот актер Љупчо Тодоровски, за најдобро актерско остварување и припадна на Мелика Форотуан од филмот „Пари“.
-И благодарам на „Киненова“ затоа што постои, бидејќи Скопје навистина заслужува и му прилега да има вистински меѓународен фестивал на дебитантски филм како и секоја светска метропола, рече Никола Поповски, член на жирито што ги додели наградите во конкуренција за кратки филмови заедно со Мехмед Бахадир, претседател и Петар Станојловиќ.
Според нивната одлука, за креативни визуелни решенија кои дискретно и ефикасно го оплеменуваат навидум вообичаениот љубовен триаголник и со чија помош овој филм предизвикува вистинска емоционална зачудност, за најдобар македонски краток филм е прогласен „Касапот“ на Илчо Царовски. Наградата во име на авторот ја прими неговата сестра Тања Царовска.
За извонредно конструираното поврзување на два лика кои навидум и немаат никаков меѓусебен потенцијал, Специјалната награда од жирито ја добива филмот „Мајстор за се“ на Николас Клифард, бидејќи конструкцијата е секогаш основа за создавање на еден филм. Уште кога на таа конструкција совршено ќе се накалеми и реално возможна и веројатна животна  ситуација, тогаш имате вистинска филмска приказна.
Филмовите, па дури и оние кратките имаат можност да се нурнат длабоко и во оние едноставни теми и од нив да раскажат приказна која ќе ги прошири перпективите на дотогаш утврдените сознанија. Кога во пакет ќе добиете и вешто изманипулирани и аудио-визуелни решенија, вградени за ефикасно раскажана приказна, заедно со деца за протагонисти, што за авторите отсекогаш претставувало предизвик за работа, тогаш добивате нешто што може да се нарече ремек-дело. За ремек-дело, најдобар краток филм е прогласен филмот „Пријател“ на Андреј Светлов.
Жирито во состав: Петар Валчанов, Зане Балчус и Владимир Ангелов одлучи Стефан Арсенијевиќ за филмот „Бановиќ Страхиња“ да ја добие наградата за најдобар режисер, Давид Боневил и Диего Роша за најдобро сценарио за филмот „Последното капење“, специјална награда од жирито и беше доделено на Ивона Синежинска за „Аматери“, а нововостановената награда „Упа“ за најдобро актерско остварување и припадна на Мелика Форотуан од филмот „Пари“.
Одлуката ја соопштија Владимир Ангелов и Зане Балчус.
„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан доби Гран при за најдобар филм на Киненова 2021 за силната приказна водена од женски карактер кој се обидува да го промени традиционалното општество, следејќи ги нејзините верувања и покрај противречностите и тешкотиите. Филмот демонстрира ветувачки силен глас на филмски режисер подготвен да се справи со тешки теми во предизвикувачки услови.
-Ми претставува задоволство и огромна чест ова признание и сакам оваа награда да и ја посветам на Хала Мустафа, главниот лик на нашиот филм која се бори себе, за слобода, но се бори и во името на сите жени кои се борат за слобода, рече во своето видео обраќање Килијан.
Стефан Арсенијевиќ ја доби награда за најдобар режисер за „Бановиќ Страхиња“, за маестралниот пристап при изнесување на виделина на една многу современа тема, со ликови кои се обидуваат да најдат подобар живот и сигурност во многу неизвесни околности.
-Драги пријатели во Скопје, јас после отворањето на МФФ „Киненова“ се вратив во Белград. Имам прекрасни спомени од средбите со драги луѓе и разговорите со нив. Оваа фантастична вест која ја добивма навистина не израдува. Голема чест е да се добие награда за најдобра режија на фестивалот „Киненова“, рече Арсенијевиќ во својата видео порака, со надеж дека ќе се видиме и следната година на новото фестивалско издание.
„Последното капење“ на Давид Боневил и Диего Роша ја доби наградата за најдобро сценарио, за многу интимното и чувствително прикажување на ликовите кои го пронаоѓаат својот пат во новите околности, кои ги предизвикуваат нивните постоечки погледи на светот.
-Многу сум среќен поради доделеното признание за најдобро сценарио. Патувам за Португалија во моментов и многу сум благодарен за топлиот прием и за наградата. И во името на Диего Роша, кој е мој партнер во создавањето на сценариото, ви испраќаме љубов и благодарност, рече во видео порака Боневил.
Филмот „Аматери“ на Ивона Сикежинска ја доби Специјална награда од жирито за вештиот пристап кон справување со актерската екипа во приказна за луѓе со посебни потреби во креативна средина, а на Мелика Фороутан од филмот „Пари“ и е доделена нововоспоставена награда „УПА“ за најдобро актерско остварување, за силната и незаборавна изведба во улога на мајка која поминува низ трансформативно искуство во потрага по својот изгубен син.
На последниот ден од Фестивалот беше прикажан филмот COLLECTIVE/КОЛЕКТИВ на Александар Нанау / Alexander Nanau / Романија / од програмата НАГРАДА ЛУКС.