Со проекцијата на играниот филм ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА (Ich bin dein Mensch / I’m Your Man) на режисерката Марија Шредер (Maria Schrader) во Кинотеката започнаа Деновите на германски филм.

Фестивалот го организира Амбасадата на Германија во земјава, во соработка со Кинотека, Балканскиот центар за соработка „Лоја“ во Тетово и Куќата на Европа во Струмица и Крива Паланка.
До 18 октомври ќе бидат прикажани и филмовите РАБИЈЕ КУРНАЗ ПРОТИВ ЏОРЏ В. БУШ, СВЕТОТ ЌЕ БИДЕ ПОИНАКОВ и A E И О У – БРЗАТА АЗБУКА НА ЉУБОВТА.
Деновите на германскиот филм започнаа со поздравно обраќање на амбасадорката на Германија, Н.Е. Анке Холштајн.
Конечно повторно во киносала! Годинава на програмата имаме 4 наградувани германски филмови, кои покриваат широк спектар, од сериозни до семејни теми. Можам да ви кажам дека сите вредат да се гледаат, истакна амбасадорката Холштајн, заблагодарувајќи им се на долгогодишниот партнер во организацијата на Деновите на германски филм – Кинотеката, како и на Балканскиот центар за соработка „Лоја“ и Куќата на Европа во Струмица и Крива Паланка.
ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА е добитник на Германската филмска награда за 2021 година.
Актерката Марен Егерт ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра женска улога на Берлинале 2021, Дан Стивенс и сценаристите Шредер, Шомбург и Браславски ги освоија наградите на Германскиот филмски фестивал и на Баварскиот филмски фестивал. Филмот забележа и уште десетина други номинации и признанија.
Проекции на германските филмови ќе има и во Тетово, Кавадарци, Штип, Струмица, Крива Паланка, Куманово Кратово.
Филмовите се на германски јазик, со превод на македонски и на албански.
Влезот за проекциите во Кинотеката е 100 денари, а бесплатен во другите градови.