Со проекцијата на филмот МОЕТО ЕЗЕРО (Liqeni im / My lake) на Ѓерѓ Џувани (Gjergj Xhuvani), во Кинотеката започна Неделата на албански филм.

Настанот го отвори директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, кој изрази задоволство што за прв пат кај нас се одржува Недела на албанскиот филм. Тој посочи дека откако постои филмската програма во кинотечната сала, секогаш кога има ретроспектива на некоја национална кинематографија Кинотеката го истакнува нејзиното знаме, и изрази задоволство што и знамето на Република Албанија конечно е во таа неформална колекција. Ангелов спомена дека Кинотеката ја иницирала идејата за Неделата на албански филм заедно со Амбасадата на Република Албанија во Скопје и Националниот филмски центар на Албанија (Qendra Kombëtare e Kinematografisë / Albanian National Center of Cinematography) уште пред 4-5 години, но таа се реализира дури деновиве, меѓу другото и заради пандемијата со ковид-19.

Ангелов им се заблагодари на Н.Е. Фатос Река (Fatos Reka), амбасадор на Република Албанија, на Едуарт Макри (Eduart Makri), директорот на Националниот филмски центар на Албанија, и на Мајлинда Фата (Majlinda Fata), кординаторка на манифестацијата.

На присутните потоа им се обрати амбасадорот Река, кој изрази задоволство од одржувањето на првата Недела на албански филм во Македонија. Тој направи краток вовед во современата албанска кинематографија, наведувајќи ги најзначајните автори од поновата генерација и темите со кои се занимаваат во нивните филмови, а кои се костурот на програмата на Неделата на албански филм.

Мајлинда Фата потсети на Ѓерѓ Џувани(Тирана, 1962 – Рим, 2019), еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори, кој почина непосредно по постпродукцијата на неговиот филм МОЕТО ЕЗЕРО. Џувани во неговата кариера режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови ѝ се ПАРОЛИ (Slogans, 2001) и ИСТОК, ЗАПАД, ИСТОК: ФИНАЛЕН СПРИНТ (East, West, East: The Final Sprint, 2009; делумно сниман и во Македонија). МОЕТО ЕЗЕРО има алтернативен наслов – „Мојот филм“, во кој Џувани ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското општество, исполнета со трговија со дрога и насилство меѓу младите.

До 26 октомври ќе бидат прикажани уште 4 долгометражни и 4 краткометражни играни филмови.