ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ на летната сцена на Кинотеката започна во вторникот на 10. Август – со проекција на ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: ВТОРА ПРИКАЗНА. Втората приказна од успешниот проект на „Вардар филм“, чиј автор е Катарина Габунија, е реализиран во соработка со Кинотека.

Продолжението на првиот, од публиката многу позитивно прифатен и гледан видео-колаж е реализиран од снимки направени на 8-мм и супер 8-мм ленти од 60-ите, 70-ите и 80-ите години на минатиот век, направени од граѓани на Скопје кои ги забележале приватните моменти од своето секојдневие. Тие снимки се дигитализирани, тематски групирани, озвучени и организирани како приказни за градот и животот во него. Дигиталната обработка на филмските материјали е на филмологот Александар Трајковски, а музичката обработка на Сашко Потер Мицевски.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, отворајќи го ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ, на шега истакна дека е по малку љубоморен зошто „Вардар филм“, а не Кинотеката, е носител на овој проект. Сепак, секако дека Кинотеката со целиот технички капацитет соработуваше на овој проект.

Авторката на ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: ВТОРА ПРИКАЗНА Катерина Габунија им се заблагодари на соработниците и граѓаните кои учествувале во овој проект. А веќе се прибираат филмски материјали за третото продолжение на оваа успешна филмска приказна исткаена од „малите“ филмски ленти на скопјани од различни генерации.

ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ продолжи со проекцијата на ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), а вечерва и утревечер со уште двајца автори од францускиот „Нов бран“: Франсоа Трифо и Клод Лелуш. Потоа ќе биде прикажана познатата и значајна трилогија (ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА) на Александар Довженко (Александар Петрович Довженко, 1894–1956), пионерот на украинскиот и советскиот филм од 1920-итте (заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволод Пудовкин, Ѕига Вертов, итн.).

Неговите ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА се тематски различни, но со заедничка естетска нишка, оценувани со епитетите како „чиста поезија“ и„визуелна симфонија“.  Пред проекцијата на ЗВЕНИГОРА на 13 август, од 20.00 часот – свое предавање на тема „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до `Довженко-центар`“ ќе одржи и Арсениј Књазков, филмски истражувач од „Довженко-центарот“ во Киев.

Националниот центар „Александар Довженко“ („Довженко-центар“) е најголемата украинска филмска архива со обемна колекција филмски материјали, која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија. Проекцијата на филмовите АРСЕНАЛ е на 15 август, додека пак филмот ЗЕМЈА ќе биде прикажан на 16 август со почеток во 20 часот.

На програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ се и неколку архивски бисери од фондот на Кинотеката. Тоа се документарецот ГАЛИЧНИК во режија на Сифрид Миладинов – филмски, етнографски и историски раритет снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор, проекцијата ќе биде придружувана со музика во живо од страна на гитаристот Валентин Илиевски – потоа избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија, а овој избор завршува со филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА на германскиот снимател Роберт Швабталер (Robert Schwobthaler), кој за потребите на германски продуценти следел и снимал настани за време на Балканските војни во 1913.

Програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ – филмовите на Довженко и францускиот „нов“ бран – е реализирана во соработка со Амбасадата на Украина во Р.С. Македонија (Центарот Довженко) – Киев и Францускиот иститут од Скопје.