По повод текстот на Румена Бужаровска објавен во Окно (https://okno.mk/node/92293)

 

ЗА ЖЕНИТЕ И НАГРАДИТЕ (КИНОТЕКА Е ЖЕНСКИ РОД И ГОРДИ СМЕ НА ТОА)

– нашата приказна –

 

Баш ни е мило што Румена Бужаровска има нежни спомени и симпатии кон нашата застарена државна институција (Кинотека на Република Северна Македонија). Во таа „социјалистичка зграда“, како што ја нарекува во својот неодамна објвен текст на порталот Окно, сè уште има библиотека – не една, ами три: за белетристика, за стручна литература (овие се дел од библиотеката Другарче) и за филмска литература (на Кинотеката). Тие што редовно ги користат услугите на библиотеката и Кинотеката, знаат што сè има во зградата.

Вистина е дека делува застaрено, ќе кажеме и запуштено, но тоа е повеќе заради немањето финансиска можност да се освежи, адаптира на современите потреби на нашите посетители, корисници на содржини, граѓани (тоалети, дигитални содржини, енергетска ефикасност, звучна изолација, итн.). Тука сите се сложуваме. Иако тоа не е причина 10-тина илјади посетители тука да не се чувствуваат пријатно, во година на пандемија, односно 20-тина илјади во порелаксирани услови.

Забележуваме дека во последниве месеци Кинотеката на Бужаровска ѝ служи како непресушна инспирација за размислување и творење, но и повод (шлагворт) во јавноста (домашна и странска) да го изнесе својот гнев во врска со запоставеноста на жените авторки на полето на литературата и наградите. Разбираме, убаво е да се најде повод за да се изнесе на виделина нешто многу длабоко и фрустрирачко, нешто што боли, како неправда, невреднување, игнорирање. Здраво е и неопходно овие препреки да се исфрлат од сопствениот систем.

Во овој контекст, таа како мантра издвојува (и цитира) една реченица извадена од (кон)текст што најавува филмска програма, текст под кој има потпишан автор и што е објавен и на социјалните профили на Кинотеката, како и во брошурата по повод Неделата на полски филм (https://issuu.com/maccinema/docs/20211212_193611_1_?fbclid=IwAR04n8Bl0fL5yBj7ezsbM06HOpbRe97POVpUqluR5rgEKtaFdr-PQMy_89o): „Наградите кои ги имаат добиено овие наслови на филмските фестивали во светот се изразени во троцифрени бројки. Три од авторите на оваа репрезентативна селекција се жени, но филмовите на Холанд, Шумовска и Садовска докажуваат дека ним воопшто не им е потребна некоја политика на родова еднаквост, бидејќи квалитетот на нивните дела говори повеќе од сите стратегии.“

И, од оваа реченица подоцна категорички заклучува дека Кинотека е „шовинистичка институција“ („Кинотеката го имплицира тоа дека жените, замислете, понекогаш можат да бидат еднакво добри како мажите, нормата за квалитет.“)

Сметаме дека инспирацијата (и провокацијата која произлегува од тоа) авторката на текстот ја наоѓа на погрешно место, дека оваа реченица на С. Синадинов – кој патем ниеднаш не е спомнат во обраќањето – ја интерпретира произволно, односно чисто субјективно или злонамерно (?). Еве, ќе се обидеме и ние да најдеме толкување на оваа реченица – дека авторот на ум ја имал општествено-политичката состојба во Полска каде што жените во последно време се борат да остварат демократски права кои заради новодонесената легислатива ги изгубиле, односно им се одземени, но сепак наоѓаат средства и начин да се изразат, да снимаат провокативни и општопрепознаени филмови (овој месец има реприза и можеби може да дојде да ги погледне кај нас, во киносала). Исто така, авторот можеби инспирација нашол во отворената дебата и една од поновите изјави на Тјери Фремо, до неодамна директор на Канскиот фестивал, сега генерален делегат, кој прифаќајќи ја тенденцијата жените да се сè повеќе застапени во филмот ја отфрла идејата за квоти, и бара други начини да промовира родова еднаквост: „Работиме со граѓански организации на проблемите со родовата застапеност и ние сме прв фестивал што потпиша гаранција за рамноправна родова застапеност. Фестивалската администрација има сè повеќе и повеќе жени и Пјер Лескур (моментален претседател на Канскиот фестивал) рече дека е посветен да најде наследник и сака тоа да биде жена. А во врска со Официјалната селекција, кога ја правиме, не ги земаме предвид родот, расата, религијата… Го гледаме филмот. Гледаме од каде доаѓаат филмовите, но тоа е за да се обезбеди универзалната димензија на фестивалот. Но, кога се двоумиме помеѓу два филма и еден од нив е режиран од жена, го избираме тој што е е режиран од жена.“ (https://variety.com/2021/film/news/cannes-film-festival-thierry-fremaux-women-netflix-1234988217/)

Нејсе, за да се стигне до вакво толкување потребен е малку поширок хоризонт.

Да спомнеме и дека текстот на Кинотеката не е само 239 зборови. Текст од 239 зборови има има само на порталите/медиумите што ја пренеле информацијата. Нашиот, изворниот текст, во зависност од медиумот, е многу поголем, а интегрално објавен во брошурата чиј линк може да се види погоре.

И се извинуваме во име на „шовинистичката“ Кинотека и во име на нашите „шовинистички“ колеги што не можеме да ја исправиме неправдата сторена кон поетесите кои учествувале на Струшките вечери на поезијата, оние кои конкурирале за наградата на српски НИН, или за Нобеловата награда за литреатура и секаде онаму каде што Бужаровска наведува дека жените творци и креативки биле омаловажувани, шутнати настрана, игнорирани, дискриминирани. Но тоа не е работа на нашата институција. Кинотеката, евентуално, може да ја исправи „неправдата“ кон жените филмски творци чиј придонес во Кинотеката (и во македонската кинематографија) бил непризнаен, невреднуван, невидлив и ненаградуван. А каков е случајот?

Во последниве 5 години признанието „Златен објектив“ кое го востанови и доделува Кинотеката, го добија три жени. Од 2006-та до 2017-та немаше ниедна… Две добитнички на „Златен објектив“, на предлог на Кинотеката, ја добија и државната награда „Св. Климент Охридски“. Истите, по добивањето на државната награда се стекнаа и со други привилегии за што сме исклучително (!) среќни. Слободно контактирајте ги Илинденка Петрушева и Елена Дончева. Ќе ви кажат од прва рака, да не биде дека сме фалбаџии. На полето на литературното творештво, соодносот на мажи и жени автори во минатото можеби не бил толку на штета на жените, како во македонската кинематографија, знаеме, но не пишуваме за тоа. Но во домашната филмска продукција, до 2000-тите години и првата генерација на ФДУ, во филмот жените работеле само во секторот костимографија, монтажа, анимација. И има една режисерка/сценаристка – Вера Кличкова. Бужаровска секако го знае ова. Извинете доколку превидовме некоја колешка. Ништо поинаку не било и во светот.

Денес работите во филмот се сменети и кај нас ги имаме Теона и Лабина, Лешниковска, Дина, Елеонора, Димитрова, Гарванлиева, Џиџева, Тамара, Емилија, Жаки, Наташа,  Алисија, Опачиќ, Станишева, Илина, Јагода, Апчевска, Роза, Катерина, неколку Марии, повеќемина што се занимаваат со публицистика и објавуваат во Кинопис… Сите тие и нивните филмови нашле дом во Кинотеката – биле претставувани, интервјуирани, прикажувани, презентирани во странство… И повторно – родовиот сооднос не е ниту приближно до оној што го посакуваме, но Кинотеката се труди да го исправи тој сооднос. Ќе си земеме за право, без лажна скромност, да кажеме дека за оваа позитивна промена во соодносот на мажи и жени филмски работници и автори, меѓу другите, е заслужна и Кинотеката. Патем, нашата драга соработничка Марија Џиџева води проект за филмска писменост.

Во текстот Бужаровска (објавен во okno.mk и каде сè не) додава: „Наградите се битни… од причина што ја зголемуваат видливоста на авторките и им даваат одредена општествена етаблираност, по што доаѓа и признание од пошироката јавност.“  Еве го и нашиот „близнак“. Тоа ли не е во ред со филмската програма на Кинотека, конкретно изборот на филмови во Неделата на полски филм? Наградите на авторките? Дали тоа значи дека во нашата филмска програма треба да вклучиме само наградувани автори и филмови? Оние што се ненаградувани – дали тоа значи дека се непризнати од филмската публика, дека се „не етаблирани“? Безвредни? Неквалитетни? Ние „шовинистите“ од Кинотека пак, си мислиме дека квалитетот на делото е тоа што на еден автор (без разлика на род), пред сè и после сè, му ја овозможува видливоста ѝ  ја дава заслужената општествена етаблираност и признанието од јавноста.

Шовинизмот обично оди рака под рака со други „изми“. Оние лошите како национализми, етноцентризми, фашизми, а и со хомофобија, зоофобија (како нетрпеливост, а не страв), расизам, дискриминација, негрижа за средината… А ние не сме такви. Оние што доаѓаат тука ги познаваат нашиот Чарли за кој сите се грижиме и сктиникот Лаки кој сега е среќно вдомен. Избегнуваме пластична амбалажа. Може да дојдете во ноември кога садиме дрвца и калемиме јаболкници. Ѓубрето, што преку ограда ни го „подаруваат“ случајните трујачи на средината, го собираме секој ден – во дворот во кој се одржуваат „Деновите на квир кино“, за што многумина нè обвинуваат,  ни преречуваат и нè гледаат попреку. Затоа пишуваме отворено – ние и нашите колеги/шки се чувствуваме навредено и дискриминирано и „длабоко и суштествено вознемирени“ што нашата институција е обвинета за шовинизам

Бидејќи, Кинотека сме сите ние што работиме тука! Ако е Кинотека шовинистичка и има шовинистичка програма, стратегија, определба, тогаш и сите ние 40 вработени, од кои половината се жени (50 %) – сме шовинисти!? Шовинист(к)и се и сите жени кои тука биле на директорска или раководна позиција. Тука соодносот е 4 : 4. Соодносот во години е малку полош. Веројатно е шовинистка и онаа која е една од оснивачите на Кинотеката, која е мошне почитувана и вреднувана во светот на филмското творештво не само кај нас, туку и во целиот регион. Не „само“ заради тоа што е жена. Туку затоа што е човек, интелект, познавач, истражувач.

Не, „Кинотеката не имплицира дека жените можат да бидат еднакво добри како мажите.“ Во Кинотеката тоа е така. Жените се добри како и мажите и обратно. Тоа прашање кај нас никогаш не било поставено, ниту помислено. Изнесените факти го кажуваат тоа, а не фабрикуваните. Нема да навлегуваме во психоанализа. И ние можеме да ја анализираме авторката на текстот во „Окно“ во кој таа имплицира дека Синадинов (инаку фриленсер – во превод: невработен дипломиран книжевник со долгогодишна и богата кариера во филмската публицистика кој едвај врзува крај со крај и нема никаков пристап до „разноразни фондови“ или државна плата) цица од државните фондови, но нема. Исто како што нема да генерализираме нечиј опус преку едно прочитано симпатично раскасче во кое ликот на мажот е опишан како шовинист, ниту пак заради тоа ќе обвинуваме за мизандрија.

Затоа и ги покануваме сите што се сомневаат во ова што го напишавме да ја посетат „нашата“ Кинотека. Да погледнат некој филм. Можеби ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ во кој во главна улога како дете актер се појавува Д. Бужаровски, филм кој нашата „државна, симпатична институција“ го чува веќе 62 години.  Или да дојдете следниот месец да го погледнете филмот ЈАС, БЛАГА МИЦАНОВА (1977 г.) – приказна за првата жена булдожеристка прикажан на првиот ПРВО ПА ЖЕНСКО (секако со помош на Кинотеката). Впрочем, Кинотеката ги чува и вреднува филмовите и аудиовизуелните записи на многу автори, без разлика на нивните пол/род, ориентација, политичка или идеолошка определба… и други наметнати делби.

Ние не се лутиме, само посочуваме и објаснуваме, и образложуваме, за да нема забуни и лажни очекувања. Ниту пак лажни обвинувања, ако е за право. Впрочем, публиката знае подобро од нас. И знае подобро, и гледа подобро. Неа не можеме да ја излажеме, ниту пак се обидуваме во тоа. Да ни е жива и здрава, бројна и во добро расположение.

 

Во духот на рамноправноста овој текст го напишаа и потпишуваат,

 

Владимир Ангелов

Александра Младеновиќ