На 25 октомври (вторник) во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде отворена изложбата на фотографии од Охрид снимени во период од 1940 до 1945 година од  фотографот Јонче Поп Стефанија (1915, Охрид – 1983, Охрид).

Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија.

Како дел од овој проект беа исчистени, препакувани, дигитализирани и дигитално реставрирани 1025 негативи од фотографската збирка на Јонче Поп Стефанија. Исто така од изложбата е направена дигитална верзија со што овие фотографии стануваат достапни насекаде низ светот.

Автор на изложбата е Роберт Јанкулоски. Изложбата е финансирана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2022 година.

Изложбата го опфаќа периодот на Втората светска војна како  и времето пред започнувањето на војната, а дел од фотографиите се снимени веднаш по ослободувањето на Охрид. На фотографиите е прикажан животот во Охрид за време на војната, граѓаните, војниците присутни во градот и секојдневните активности на Охриѓани. Ова претставува само мал дел од фотографското наследство на Јонче Поп Стефанија кој со фотографија професионално се занимавал од 1936 година, а во 1944 година го откупил фотографскиот дуќан на Мирослав Бељан со кого и претходно соработувале. Постои можност дека некоја од изложените фотографии е снимена и од фотографот Бељан.

Јонче Поп Стефанија потекнува од фотографско семејство. Неговиот вујко Ставре Попоски е еден од првите фотографи во Македонија кој се стекнал со право за професионално бавење со фотографија. Исто така и постариот брат на Јонче, Благоја Поп Стефанија бил познат фотограф во Охрид пред Втората светска војна.

Иако фотографијата му била основна егзистенција, меѓу многубројните сочувани негативи, исполнети со безизразни ликови снимени за лични документи, среќаваме фотографии на луѓе преку кои може да го реконструираме животот во Охрид во тој период, како и фотографии со мотиви од Охридското Езеро, Градот или пејзажи од околината. За неговото размислување и креативниот однос кон фотографијата зборува и фактот што во 1942 година, заедно со Ристо Паунчеки, организираат изложба на фотографии што била поставена во просториите на хотелот Белви (денешен Палас) во Охрид, а истата поставка била презентирана и пред публиката во Пловдив (Бугарија).