„Златната палма“ за ТИТАН (“Titane”) на француската режисерка Жулија Дукурно (Julia Ducournau) на 74. Кански филмски фестивал е само втора награда за женски автор во историјата на овој фестивал, по 1993 година – кога победи Џејн Кемпион со филмот ПИЈАНО.
ТИТАН на Дукурно (нејзин втор филм) е приказна за млада жена-убиец, која по детската траума на преживеана сообраќајна несреќа – води љубов со автомобили, и од критиката беше прогласен за еден од најшокантните филмови на фестивалската програма.
На годинешното физичко издание на Канскиот фестивал (кој паузираше минатата година заради „пандемијата со корона вирусот“) – свој посебен, женски печат, оставија и режисерките кои победија во другите селекции на Кан: во програмата „Извесен поглед“ победи Кира Коваленко со ОПУШТЕНИ ТУПАНИЦИ, а Антоанета Аламат Кусијановиќ со МУРИНА од Хрватска освои „Златна камера“ за најдобар деби-филм.
Македонската режисерка Марија Апчевска со филмот СЕВЕРЕН ПОЛ беше во конкуренција за „Златна палма“ за краток филм: наградата ја доби нејзината колешка, кинеската режисерка Танг Ји (Tang Yi) за филмот СИТЕ ГАВРАНИ НА СВЕТОТ („Tian Xia Wu Ya“).
Гран-при на жирито предводено од режисерот Спајк Ли (Spike Lee) – во кое беа и Мајлин Фармер, Клебер Мендоха Фило, Меги Џиленхал, Џесика Хауснер, Мати Диоп, Мелани Лоран, Тахар Рахим и Ханг-Хо Сонг – ја поделија иранскиот режисер Асгар Фархади со филмот ХЕРОЈ и финскиот режисер Јухо Кусманен за ОДДЕЛ БР.6. Најдобар режисер е Французинот Леос Каракс за филмот АНЕТ.
Режисерите Надав Лапид од Израел за КОЛЕНОТО НА АМЕД и Апичатпонг Верасетакул од Тајланд за МЕМОРИЈА – ја добија рамноправно наградата од жирито на Фестивалот.
Кејлеб Лендри Џонс е најдобар актер за улогата во австралискиот НИТРАМ на Џастин Курцел, а Норвежанката Ренате Реинсве е најдобра актерка во НАЈЛОШИОТ ЧОВЕК ВО СВЕТОТ.
КРАТКИОТ ФИЛМ „СЕВЕРЕН ПОЛ“ НА МАРИЈА АПЧЕВСКА ВО ОФИЦИЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА
Апчевска го снимаше 15-минутниот филм во јануари во Скопје и Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино Око“. Главните улоги ги играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, а костимите се на Билјана Гргур.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.