Со проекција на филмот „Биби и Боби ја учат азбуката“ за најмладите посетители, гости од градинката „Орце Николов“ од Скопје, Кинотеката го одбележа, 5 мај,  Денот на македонскиот јазик и азбука.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов и министерка за култура Бисера Kостадиновска-Стојчевска ги пречекаа гостите во киносалата и им упатија поздрави со што им го честитаа овој значаен ден.

– Да се оди на кино е една од најубавите работи на светот, а особено кога има проекција од која може да се научат и буквите од нашата азбука. – рече Ангелов и им посака пријатна проекција на децата.

Домаќините беа изненадени затоа што гостите веќе ја знаеа азбуката, а пред филмот заедно ја запеаа и македонската азбука.

На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.