Кинотекa продолжува со својата Филмска училница – проект за филмска писменост и креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од основните и средните училишта.

„Гледај филмови, учи и создавај“ е мотото на нашата интерактивна филмска училница  каде учесниците имаат можност да се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, да добијат основи на филмска писменост, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да добијат основни знаења за креирање на сопствени филмски етиди.

Третото издание на Филмската училница е во соработка со Филмскиот фестивал за млади „Џифони“, се оддржува секоја сабота како дел од манифестацијата „Џифони филмски денови“, и е отворена за сите деца  кои сакаат да научат како да раскажат филмска приказна.

Досега се реализирани четири сесии. На часовите учесниците се запознаа со почетоците на филмот во светот и во Македонија. Беа прикажани филмовите на браќата Лимиер и на браќата Манаки. Работеа вежби на опсервација. Разговараа за првите фази на  процесот од идеја до филм. Зборуваа за своите искуства при снимањата на своите први филмски форми. Прва гостинка беше Леона Јариќ. Беа прикажани и два филма од Националниот фонд на Кинотека – „Луѓе и птици“ и „Свилен конец“, кои побудија интересна дискусија кај учениците.

Фокусот на оваа Филмска училница е насочен кон три едукативно-кративни сегменти: учесниците  да направат кратка филмска етида, поединечно или тимски; да гледаат кратки играни и документарни филмови од почетоците на македонската кинематографија и да се обидат да направат декомпонирање на одредени сцени во современ контекст, и да добијат можност да си ги престават своите филмски обиди и искуства. Планирано е и да гостуваат и млади филмски автори.

Креатор на Филмската училница е режисерката Марија Џиџева, која ги води часовите, заедно со помладите соработници на Кинотека, а воедно и млади филмски автори Илија Павлов и Филип Лафазановски.

„Џифони филмски денови“ продолжува во сабота, 7 мај. Во Кинотека во 10 часот се прикажува филмот за  „Хакер“, а од 12 часот почнува Филмската училница со филмски учења и со проекција на кратките филмови „Градот на Вардар“ и „Весници, весници“.

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Следете нè на друштвените медиуми.