Со проекција на комедијата СЕКОЈ ПРОКЛЕТ БОЖИЌ (Ogni maledetto Natale) на Лука Вендрусколо во саботата (18 мај) во Кинотеката започна Неделата на италијанскиот филм.

Говорејќи за годинешната програма на Неделата на италијанскиот филм, амбасадорот на Италија, Н.Е. Карло Ромео, истакна дека изборот на филмови го има семејството како заедничка тема.

Карло Ромео, амбасадор на Италија (лево) и Владимир Ангелов, директор на Кинотека

Режисерот Вендрусколо ги поздрави присутните гледачи, кои ја исполнија кинотечната сала до последно место, со видео-порака, претставувајќи го неговиот нов филм со актерите Алесандро Кателан, Алесандра Мастронарди, Франческо Панофино (Alessandro Cattelan, Alessandra Mastronardi, Francesco Pannofino).

Годинешната Недела на италијанскиот филм ги обединува насловите на потврдените класици како Еторе Скола (Ettore Scola) и Виторио Де Сика (Vittorio De Sica) и остварувањата на новите автори како Аличе Рорвахер (Alice Rohrwacher) и Лука Вендрусколо.

Можеби изгледа чудно, но честа да ја затвори Неделата на италијански филм му припадна на ИСЦЕЛИТЕЛ на Ѓорче Ставрески. Амбасадорот Ромео го истакна големиот успех на ИСЦЕЛИТЕЛ низ светот, но потенцираше дека филмот на Ставрески победи и на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Бергамо минатата година, а наиде и на одличен прием кај публиката во италијанските кино-сали.

Влезот на проекциите на Неделата на италијански филм е бесплатен.

Leave a comment