„Кога еден филм е создаден, тој е креиран на јазик кој не е составен само од зборови туку и начин преку кој тој јазик ја отвора нашата перцепција за светот, нашето разбирање и поимање за него.“

Анджеј Витолд Вајда

Едно од најпроминентните имиња во европска кинематографија по Втората светска војна е Анджеј Вајда (1926-2016), полски филмски, телевизиски и театарски режисер и сценарист, кој во својата богата уметничка кариера од периодот 1955-2016 г. режирал над 35 играни филма, повеќе од 50 театарски претстави и 12 телевизиски документарни филмови. Мошне интересни за филмските уметници се и неколкуте story board скици, кои сам ги изработувал за своите први филмови во почетокот на својата кариера, а денеска се чуваат во познатото Вајда студио, посебно препознатливи како неговата воена (анти-воена) трилогија: ГЕНЕРАЦИЈА (1955), кој се смета за прв голем филм на Вајда, КАНАЛ (1957) со кој истата година триумфира на Канскиот фестивал и ја добива Специјалната награда на жирито (ја делел со Бергмановиот филм СЕДМИОТ ПЕЧАТ) и ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (1959), антивоена драма со харизматичниот полски актер, атрактивниот Збигњев Цибулски.

Анджеј Витолд Вајда се родил во 1926 година во градот Сувалки, познат како комерцијален центар на североисточна Полска, од мајката Аниела, учителка, и таткото Јакуб, армиски офицер, кој бил застрелан од Руската армија во 1940 година во Катинската шума. Мошне млад се приклучува кон илегалниот отпор против нацистите и бил активно вклучен во борбите на партизанските одреди. По војната бил силно привлечен од визуелните уметности додека работел како асистент при реставрацијата на фреските во црквата во питорескниот град Радом (100 км јужно од Варшава), денес познат туристички центар, така што решава да студира и се запишува на Високата школа за ликовни уметности во Краков (1946-1949). Но, неговиот немирен дух не го издржал самувањето пред сликарското платно. Вајда бил исклучително социјален тип, обожувал дружби и велат дека лесно се вљубувал, па неговите пријатели се шегувале на негова сметка кога во кафеаната влегувала непозната девојка. Тој многу ја сакал драмата како литературен жанр, а потоа открил дека филмската уметност за него е вистинскиот мелем. Затоа, студирал и дипломирал на познатата Филмска школа во Лоѓ (1949-1953), каде што магистрирал на отсекот режија и каде што запознава истомисленици и доживотни пријатели меѓу студентите и професорите. Воената (анти-воената) трилогијата на Вајда се смета за зачеток во значењето на Полската филмска школа како референтна филмска естетика на која ѝ се приклучуваат еминентни уметници и интелектуалци кои создаваат во периодот од 1956 до 1963 година, меѓу кои, покрај Анжеј Вајда, се и режисерот Јержи Кавалерович (познат по неговиот политички ангажман како член на Полската работничка партија, а потоа и пратеник во Парламентот), режисерите и сценаристи Анджеј Мунк, Војцех Јержи Кас, Станислав Розевиц и други. Филмовите на членовите на Полската филмска школа биле карактеристични по препознатливиот симболизам во налетите на социјалните и политичките промени во Полска за време на Втората светска војна, окупацијата на Полска од нацистичкиот режим, периодот на познатото востание во Варшавското гето, летото 1944 година и потоа. Вајда се издвојува по својата сценаристичка и режисерска работа во употребата на – нему омилените – алегории и симболизам во филмскиот концепт, блиски до италијанскиот неореализам на почетокот на неговата кариера, а во подоцнежните негови продукции, визуелните прикази често добиваат шарм и авторска есенција на францускиот film noire.

За него велат дека голема почит имал кон писателите, луѓето од перо, како што тој ги нарекувал, а особено му биле интересни делата во кои психолошкиот момент на одлука повлекува низа отстапки, особено морални. Тој со умешност ги формира карактерите во своите филмови според одредени литерарни ликови од делата на Славомир Мрожек, Адам Мицкиевич, Јержи Анджејевски, та затоа неговите јунаци се револуционери, десиденти, имигранти, социјалисти, разочарани херои, заборавени херои, изгубени и скршени херои, вљубени херои и антихерои. Но, ситуациите во кои тој ги „внесува“ тие свои јунаци, херои и антихерои се секогаш блиску до работ на амбисот наречен „врата во извртената слика на општеството“. Тие секогаш можат да се вратат чекор наназад, кон удобното и спокојно утро, со навлечени завеси на прозорците, игнорирајќи го грдото секојдневие, но мигот е „зграпчен“, младешкиот занос и идеалот ги понесува и тој миг за неговите херои е вечност, тоа е вистинскиот избор, смртта не постои, само тој миг… Тоа Вајда знае мајсторски да го изрежира, спротиставувајќи го протагонистот со тегобноста на просторот, гледачот само треба да внимава на деталите кои ги симболизираат оние силни пориви на авторот, неговиот беспрекорен дух да остане човек докрај и неговата борба со вистината и со неправдата. И покрај тоа што неговата генерација филмски автори се познати по преференција на денарација и рушење на митовите во повоена Полска, по напуштањето на веќе поставените традиционални филмски конструкции, по неконвенционалниот начин на снимање на филмскиот сет, Вајда со своите филмови никогаш не ги изневери своите сограѓани во оддавањето почит кон вистинските херои на војната, обичните луѓе, работниците, оние кои беа понижувани, измачувани, убивани, протерувани, а се бореа за основното човеково право, да дишат и да бидат слободни, тој всушност никогаш не се изневери себе си. Идеализмот и бруталноста се моќно присутни во неговите ликови. Неспокојот е ситуација која ги следи сите превирања во неговите стории.

Во ГЕНЕРАЦИЈА (Pokolenie), работен според автобиографскиот роман на Бохдан Ческо, кој е и сценарист, Вајда судира два света, два млади живота. Филмот е сместен во варшавското работничко сиромашно предградие Вола, во 1942 година, во виорот на Втората светска војна за време на најѕверските нацистички убиства во Полска. Младиот Стах (Тадеуш Ломницки), неодговорен, осамен, запуштен и очаен по смртта на својот пријател, и Дорота (Урсула Моджинска), се антиподи на војната, младоста и љубовта. Интересно е што на сетот на овој филм за прв пат е употребен ефектот на симулација на крвави рани со лажни куршуми (squibs), а мајсторот на овој визуелен ефект за да го постигне бараниот резултат користел кондом со лажна крв и динамит. Со овој филм Анджеј Вајда го следи патот на својот голем пријател, највлијателниот ликовен уметник во повоена Полска, сликарот Анджеј Вроблевски, познат по својата серија на надреални и фигуративни дела „Стрелања“. Еден од актерските ликови, пак, (Мундек) е олицетворен од големиот пријател на Вајда, Роман Полански, кој подоцна ќе изјави: „За нас ова беше многу значаен филм. Како целата полска кинематографија да почнуваше со овој филм. Тоа за сите нас претставуваше извонредно искуство. Сите бевме толку млади… Вајда беше многу млад, искрен. Сите верувавме во тоа што го правиме“. На овој прв долгометражен игран филм на Вајда филмската фела во Полска не гледала со наклоност, напротив, тие не ја одобрувале сликата преку која ја прикажува Полска во тоа време, претенциозната комунистичка пропаганда мошне присутна во филмот, нечистотијата и мизеријата, но најмногу начинот на неговата режисерска работа, која вклучувала користење минимално светло, природни временски услови. Тврделе дека Вајда ги прекршил веќе воспоставените продукциски перцепции. Филмот е снимен на локации каде што за прв пат во еден полски филм биле снимени сцени на вистински дожд, со вистински облачно темно небо, што естетски и технички се сметало за анатема во филмот. Но, Вајда немал намера да се брани, имал намера да работи, да создава нови филмови. Неговиот втор филм КАНАЛ (Kanał) претставува воена драма, работена според вистински настан, според новелата на Јержи Стефан Ставински „Тие го сакаа животот“, и претставува одговор на неговиот прв филм и повторно го враќа името на Анджеј Вајда на насловните страници на дневните весници и неделни списанија низ Европа. Филмот е полн со многу добро обликувани карактери, секој од нив носи една позната човечка природна состојба, особина, мана или доблест. Смелост, лудост, сомилост, искреност, неискреност, љубов, страв, разочараност. Одред од 43 војници на силите на отпорот, предводени од храбриот, решителен и чесен поручник Задра (Венцислав Глински), заедно со нивни сограѓани, меѓу нив и композиторот Михал, се обидуваат да го избегнат нацистичкиот масакр, одлучувајќи да се повлечат од разрушената Варшава и изолираната област Мокотов, користејќи ги каналите под градот. Тешка, трогателна драма се одвива меѓу ликовите на овој втор црно-бел филм на Вајда. Секој сака да живее, но не по секоја цена, не по цена да остане сам и да го изгуби семејството, тогаш се губи смисла. Овде Вајда го става настрана идеолошкото, политичкото, а го издигнува поединецот кој самиот со себе ги носи судбинските пранги. И во КАНАЛ визуелните симболи и алегории се пресудни и импресивни, како прашината низ руинираниот град, кој сè уште се урива и станува прашина пред нивните очи, како ниско спуштените облаци, како огнот што гори близу расклатениот фрлен клавир покрај патот, а композиторот Михал (Владек Шејбал) не може да одолее да не притисне неколку клавиши, како романтичниот хероизам во лицето на Стокротка (Терезе Ижевска), како темната вода во каналот и истрелот во глувата ноќ на Халинка (Тереза Березовска). Овој филм на Вајда е ода за една скршена генерација и маестрално повлекува линија и нè уверува дека уметноста е предупредување, дека уметноста е и прочистување, потенцирајќи го „триумфот на хероизмот на животот, над триумфот на хероизмот на смртта“. И покрај контроверзите кои го следеа овој филм дека се враќа на романтичниот хероизам, сепак во суштина Вајда, со својот сензуален стил, ги обликува карактерите во КАНАЛ и им дава херојска димензија. Во последниот филм од оваа црно бела трилогија ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiół i diament), главните улоги ги толкуваат Збигњев Цибулски (Мацек) и Ева Кшижевска (Кристина), актери кои го полнат екранот со своите појави. Филмот е конципиран како акциска драма со романтичен вкус и го прикажува времето по војната, 1948 година, и претставува сага по вистинскиот идеализам и разнишаната доверба во поранешните соборци, на кои им се доверувал животот. Овој пат на тројца поранешни војници од Народната армија им се доверува задача да го убијат главниот опонент на нивната армија. По неуспехот на првиот обид и сите непредвидливи случувања пред вториот, се случува љубов, која не може да опстане, бидејќи смртта ги демне и убиецот и жртвата. Вајда не зазема страна во овој филм, тој ги прикажува нештата како што се одвивале и затоа бил многу критикуван. Неговиот продуцент за овој филм не добил дозвола да се прикаже на Канскиот фестивал, но се прикажал на Венецискиот филмски фестивал и таму ја добива наградата на меѓународната критика ФИПРЕСЦИ (FIPRESCI). Можеби е соодветно и да се спомене дека фронтменот на Пинк Флојд (Роџер Вотерс) бил импресиониран од филмот на Вајда и песната Две сонца на заоѓање (Two suns in the Sunset) ја напишал во чест на Вајда и филмот, додека пак, познатиот театарски режисер Еуџенио Барба, откако неколку пати го гледал филмот во Осло, решил да оди во Полска и да се ги продолжи своите студии на отсекот режија, но не завршил до крај, иако соработувал како помошник режисер на Јержи Гротовски, а за неговото искуство во Полска во 1999 година ќе ја издаде книгата „Во земјата на пепелта и дијамантите“. Не му било лесно на Вајда да се оддели од својата тема за војната и лузните од неа, тој е длабоко врзан со иронијата на познатата мисла дека „револуцијата ги јаде своите деца“, затоа што тоа што го добиле како комунистичка влада во Полска не било она за што тој и неговите соборци сонувале, затоа и почнува да го обмислува филмскиот диптих, кој потоа ќе му донесе меѓународна почит слава и бројни награди: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Człowiek z marmuru) и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Człowiek z żelaza); првиот филм го завршил во 1977, додека вториот во 1981 година. Двата филма го рефлектираат режисерскиот гнев кон сталинистичкиот режим и неговите инсталации во Полска кои се ригорозни и репресивни, но и непријателството кон културниот естаблишмент којшто континуирано врши опресивна рестрикција на уметничката импресија. Во првиот филм, прекрасната Кристина Јанда има улога на млада режисерка Агњешка која прави (се обидува да снима) документарец за симболот на работничката класа и пролетаријатот во Нова Хута (место близу Краков), ѕидарот Матеуш Биркут (Јержи Радзивилович), а насловот на филмот реферира на мермерниот споменик кој е вајан според ликот на Биркут. Младата и итра режисерка низ филмот се обидува да ги избегне сите административни и физички стапици кои го кочат нејзиниот проект и очајно го бара Биркут, кого никаде го нема. Една интересна фуриозна драма на која Вајда ѝ дава западноевропски шмек, но пред сè ја изнесува на виделина иронијата во вербата на државниот етатизам и надојдената плима предводена од уметниците и филмаџиите. Филмот го навестува и раѓањето на Солидарност, работничкото движење кое ќе ги прерасне во значајна политичка сила во Полска. Биркут во филмот е прогласен за предавник заради својот другар, и на крајот малку необјасниво го снемува. Вајда неколкупати го менувал крајот на сценариото и сакал да навести дека Биркут е убиен, но тоа го сторил во вториот дел од филмскиот диптих. Предизвикуваат внимание црно-белите архивски снимки кои Агњешка ги користи во својата филмска теза, бидејќи без нив би имало многу празни одови во филмот. Со ова Вајда ја нагласува важноста од историските вистини, не само од историјата како референца туку и од документираните скриени досиеја на многумина интелектуалци и работници, членови на Солидарност кои исчезнале и се воделе само како исчезнати. Филмов е посебно важен во историјата на Полската кинематографија. Вториот негов филм од диптихот ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (1981) е продолжение на сторијата за работниците на гдањското бродоградилиште и членовите на Солидарност, следена низ ликот на Мацек Томчик, синот на ѕидарот Биркут, и на радио новинарот Винкел, пион на режимот, кој се обидува да го провоцира и да го наклевети Мацек, кој во меѓувреме стапува во брак со новинарката Агњешка. Ова е еден топла човечка драма, исполнета со низа темни лавиринти на човечката душа, понекогаш изгубена, понекогаш убиена во срж, но филм кој на Вајда ќе му ја донесе „Златната палма“ во Кан во 1981 година. Во филмот се појавува и Лех Валенса лично, како дел од иконографијата на отпорот кон државата и нејзината контрола над нивните животи. Во тоа Вајда е непогрешлив, останувајќи верен на неговите алегории и често скриени визуелни симболи, тој отворено покажува колку таа власт имала конторола, не само врз нивните животи туку и врз нивната смрт. Ова е филм кој ги надополнува сите нејаснотии останати од ЧОВЕК ОД МЕРМЕР, филм кој заедно со неговиот трет филм ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ – ќе влезе на седум листи за 100 најдобри филмови на сите времиња. Анджеј Вајда, пред крајот на својот живот, како последно збогум во спомен на својот татко – ја режира историската драма КАТИН (Katyń) во 2007 година, филм за една одамна извршена, а прикриена човечка трагедија, масакр за кој никој никому не се извини, убиството на полските војници во Катинската шума. Покрај предметите (копчињата, бројаниците) „преживува“ и љубовта. Човечката природа се навикнува и на најдоброто и на најлошото, Вајда со овој филм затвора еден свој магичен круг, полн со премрежија и привиденија толку потребни за да не се заборави.

Неговите филмови се симбол на издигнувањето на човекот над сите неправди, понижувања, омаловажувања, клевети, навреди, симбол на паметењето над смртта. И покрај тоа што ги освои сите национални награди за неговите филмови во Полска, Вајда ги доби почесните признанија „Златен Лав“ во Венеција и „Златна мечка“ во Берлин. По Фелини и Бергман, тој беше третиот филмски режисер што ја доби „Европската филмска награда за животно дело“. Доби и четири номинации за Оскар за најдобар странски филм, а од рацете на легендарната Џејн Фонда во 2000 година го прими и почесниот „Оскар за придонес кон светската филмска уметност“. Вајда е најдобриот режисер во адаптација на прозни дела, тој е виртуоз во кастингот и во бирање на соработници. Прецизен е во дефинирањето и заокружувањето на карактерите, режисерскиот занает навистина е како создаден за него. Неговите карактери и ден-денес сè уште се полнокрвни и можеме да ги сретнеме по нашите улици. Недореченостите и прикривањето на вистината секој народ ги има почувствувано, затоа и филмовите на Вајда ќе бидат секогаш актуелни и често цитирани, како и одново и одново гледани…

Можеби ќе ми беше полесно да пишувам за Вајда ако имав шанса да го запознам, но можеби и не, насловот на овој текст е извлечен според сеќавањата на мојата пријателка, полската кинематограферка Јоланта Дилевска (Jolanta Dylewska) со која кога и да имав шанса да ја сретнам разговаравме за филмаџиите кои прават смели филмови. Често во нашите разговори јас ги употребував изразите бледи, млаки и смели. Да, така некако и ги подредував ликовите на филмските автори кои не ги познавав лично, а имав шанса да ги гледам нивните филмови. Анджеј Вајда го подредував под смелите, а таа во една прилика ми рече: „Тој изгледа како тивок човек, со спокојно лице, но со очи кои стрелаат, а самиот тој има енергија да го подигне светот, изгледа обично, а необичен е“.

Авторот