Синоќа, во галерискиот простор на Кинотеката на Македонија, со изложба на плакати и графички дизајни, визуелниот уметник Ладислав Цветковски ја одбележа својата 28-годишна соработка со Кинотеката. 

Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од  150 печатени изданија на Кинотеката – како што се: плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги,  ДВД-ја (Браќата Манаки, Столе Попов, Љубиша Георгиевски), а соработката се шири и на изработка на печатени материјали за „ИФФК Браќа Манаки“ (кога Кинотеката беше организатор на Фестивалот), како и на комплетното брендирање и осмислување на визуелниот идентитет на 70-иот Конгрес на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмски архиви) кој се одржа во Скопје, во 2014 година, во организација на Кинотеката.

Ладислав Цветковски

Почнувајќи од третиот број на  списанието за историја, теорија и и култура на филмот „ Кинопис“ во 1991 година, па се до 56-то, последно издание на списанието, оваа 2019 година, Цветковски графички ги уредува содржините и ги дизајнира насловните страници на списанието.

Во каталогот кон оваа изложба, филмскиот критичар и теоретичар Илинденка Петрушевска, поранешен филмолог во Кинотеката и уредник на списанието „Кинопис“, за својата долгогодишна професионална соработка со Цветковски, ќе напише:

Световите што Лади (Цветковски) ни ги понуди во неговите дизајнерски решенија за мене претставуваат музика и поезија на визуелните глетки. И она што е многу важно – Лади ги чита текстовите што треба графички и ликовно да ги оформи. И од тоа произлегува и богатата лепеза на постапки – некогаш тоа е во строги, би рекла речиси фотографски рамки, а некогаш тоа е разлеан мозаик на форми што се преплетуваат едни во други со дискретни назнаки на содржината – во колорит што предизвикува „звуци над тишината“. Јасно, зборувам за кориците на издавачките проекти, а што се однесува до графичкото осмислување на текстуалниот дел – е, тука доаѓа до полн израз „пишувањето“ на Лади со значенска предумисла. Често се прашував зошто тука треба две фотографии или зошто тука треба вака текстот да завршува? Сфатив дека таквите постапки не се за да се пополнат дупките: сфатив дека Лади „пишува“ со знаци/значенски графички решенија…“.

Изложбата на Ладислав Цветковски, во која е прикажан дел од дизајните работени за потребите на Кинотеката од 1991 до 2019 година, ќе биде отворена сè до 15 јануари 2020 година, во галеријата на Кинотеката.

Leave a comment