70-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, традиционално првиот А-фестивал во годината, кој овој пат почна нешто подоцна, на 20 февруари, заврши вечерва во срцето на Европа. Но, исто така традиционално, на Берлиналето наградите секогаш се доделуваат во претпоследната фестивалска вечер, односно, в сабота, на гала свеченост на која се сумираат резултатите од актуелното издание, кое, според медиумите, годинава беше без грешка, со многу филмска возбуда и остварувања за кои ќе се зборува, пишува и анализира во следниот период. За среќа, модерните технологии и нивните супер моќи ни овозможуваат и кога не сме на фестивалот, да можеме во живо да ги проследиме речиси сите конференции за новинарите што се случуваат таму, и така да добиеме комплетен впечаток за филмовите во официјалната конкуренција, но и во останатите селекции, како и за тоа кон каде се движи филмската уметност, особено доколку знаеме дека Берлиналето отсекогаш се сметал за авангарден фестивал кој открива нови тенденции и кој не се плаши во своја прегратка да ги прими оние  филмски автори со нов, свеж поглед кон седмата уметност.

„There Is No Evil“

Жирито на чело со легендарниот актер Џереми Ајронс, „Златната мечка“ на јубилејното Берлинале му ја додели на иранскиот режисер Мохамад Расулоф за филмот „There Is No Evil“. Како и многупати досега (се сеќаваме дека токму на Берлиналето во 2011, тогашниот директор Дитер Козлик во текот на целиот фестивал го држеше празно столчето на кое требаше да седи култниот ирански режисер Џафар Панахи, чиј филм исто така беше во официјална конкуренција), и овој пат лауреатот Расулоф не присуствуваше на доделувањето на главната награда за неговиот филм поради забраната да патува надвор од неговата земја, секако, поради политичките пораки кои ги праќа филмот, разработувајќи ја темата на смртната казна.

„Never Rarely Sometimes Always“

„Сребрената мечка“, односно, „Grand jury prize“, отиде во рацете на младата американска авторка Елиза Хитман за нејзиното остварување „Never Rarely Sometimes Always“. Во нејзиното трето остварување во кариерата, Хитман раскажува компликувана приказна за две тинејџерки, кои од руралната Пенсилванија тргнуваат на пат кон Њујорк за да побараат медицинска помош по несаканата бременост на едната од нив.

По оскаровскиот успех на „Паразит“, јужнокорејската кинематографија го продолжува својот поход по наградите. Овој пат наградата „Сребрена мечка“ за најдобар режисер отиде во рацете на Хонг Санг-соо за филмот „The woman who run“, приказна за старите пријателства кои, ставени во нов контекст, ги разоткриваат сите тајни, претходно добро сокриени и чувани.

Актерските „мечки“ на годинашното Брлинале им припаднаа на домашната актерка Паула Беер за улогата во филмот „Undine“ на докажаниот германски режисер Кристијан Пецолд, додека Италијанецот Елио Џермано беше прогласен за најдобар актер за улогата во „Hideen away“ на режисерот Џорџо Дирити. Најдобрите сценаристи исто така доаѓаат од Апенините, братскиот пар Фабио и Дамијано Д’Иноченцо, кои го импресионираа жирито со приказната во филмот „Favolacce“. Интересно, „Сребрената мечка“ за исклучителен уметнички придонес отиде во рацете на кинематограферот Јурген Јургес за фотографијата во рускиот филм „DAU. Natasha“ на режисерскиот пар Иља Кржановски и Јекатерина Ертел, додека „Специјалната награда“ на жирито му припадна исто така на еден креативен пар, режисерите Беноа Делепен и Гистав Керверн за нивниот филм „Delete history“.

Меѓу новините воведени на новото Берлинале од страна на новите раководители на фестивалот, уметничкиот директор Карло Шатриан и менаџерката Мариен Ризенбек, е новата се(ле)кција насловена „Encounters“, во која меѓу себе си конкурираа филмовите на многу силни филмски автори. На крајот, жирито одлучи за најдобар филм да ја прогласи американско-шведско-јапонската копродукција „The works and days (of Tayoko Shiojiri in the Shiotani basin“ на режисерскиот тандем Андерс Едстрем и Си-Ди Винтер.

„Malmkrog“

За одбележување во оваа нова берлинска конкуренција, која се очекува да се развива на следните фестивалски изданија, се специјалната награда за австриската филмаџика Сандра Волнер за филмот „The trouble with being born“, како и наградата за најдобар режисер која заслужено отиде во рацете на одличниот романски филмаџија Кристијан Пуиу за новото остварување „Malmkrog“.

Во овој лауреатски пресек да споменеме и дека годинава за најдобар дебитант на Берлиналето беше прогласен колумбискиот режисер Камиљо Рестрепо за филмот „Los conductos“, а мораме да ја споменеме и наградата за најдобар документарен филм поради успехот на „Медена земја“ во изминатиот период, награда која мораме и понатаму да ја следиме на големите фестивали, а која годинава на Берлиналето ја доби документарниот филм „Irradies“ на Камбоџанецот Рити Пан, контроверзна приказна за луѓето кои го преживеале зрачењето во секогаш безмилосната војна.

И на крајот, последна, но не и помалку битна, наградата од публиката во престижната селекција „Панорама“, која отиде во рацете на српскиот режисер Срдан Голубовиќ за неговата потресна драма насловена „Татко“, сторија за малиот човек кој се бори против социјалните служби за старателство врз сопствените деца.

„Татко“

Победниците беа дел од 340-те филмови кои годинава во различни селекции беа прикажани на фестивалот во Берлин, кој продаде преку 300 илјади билети, со што се вбројува меѓу најпосетените фестивали во светот. Иако јубилејното издание започна со пукањето во малиот германски град Ханау, каде загинаа 11 луѓе, а тука беше и контантната опасност од Корона вирусот која лебдеше во воздухот, сепак, организаторите сметаат дека годинашното Берлинале долго ќе се памети, а за лауреатите уште долго ќе се зборува до крајот на годината.

Leave a comment