Пишува: Алек Василевски

Американски театарски и филмски актер, сценарист и режисер, кој неодамна го прослави својот осумдесет и први роденден. Актер со завидна техничка перфекција и харизма, кој од седумдесетите години на минатиот век па до денес израсна во икона на филмскиот свет портретирајќи моќни, авторитативни, но и збунети ликови.
Со темна коса, темен тен, изразено голем нос, препознатлив засипнат и рапав глас, тој никогаш не можел да се пофали со идеална убавина која ги краси многубројните холивудски актери како Марлон Брандо, Ворен Бити, Роберт Редфорд, Бред Пит и други, но затоа поседува неодолив шарм и чувство за хумор што му донесоа многу привлечни девојки и улоги на мафијаш во многу култни филмови во историјата на светската кинематографија.
Иако повеќе од дваесет пати бил номиниран за најпрестижните филмски и театарски награди, ги има добиено само Златниот глобус за СЕРПИКО, Гран при за СТРАШИЛО , Оскар за МИРИС НА ЖЕНАТА, наградата БАФТА за КУМ 2 и КУЧЕШКО ПОПЛАДНЕ, наградата Обие за театарската претстава ИНДИЈАНЕЦОТ ГО САКА БРОНКС, Тони за претставата НОСИ ЛИ ТИГАРОТ ВРАТОВРСКА и наградата за животно дело што му ја додели Американската филмска академија.
Тој и понатаму неуморно работи, не мирува и не престанува да снима. Секој кој го сака и го интересира филмот знае кој е и никој не може да оспори дека е еден од најголемите глумци денес. Секако, станува збор за Ал Пачино.
Во едно интервју ќе каже: „Сакав да станам актер од својата шеснаесета година, но никогаш не планирав да станам ѕвезда и тоа го остварив. Ѕвездите живеат во Холивуд и имаат базени во облик на срце, а актерите се луѓе кои зад себе оставаат друг вид на траги. Во оваа работа, освен талентот јас имав и среќа, како што имав многу падови и подеми, од хаос до стабилност.“
Роден е на 25 април, 1940 година како Алфредо Џејмс Пачино во источен Харлем на њујоршки Менхетн, а потомок е на втората генерација на италијански доселеници од Сицилија кои припаѓале на пониската средна класа. Харизматичниот актер имал само две години кога неговите родители се разделиле. Татко му Салваторе ги напуштил, а Ал и неговата мајка се преселиле да живеат во Бронкс, најсиромашниот кварт во Њујорк, кај неговите баба и дедо. Иако сè уште бил мало дете Ал Пачино долго време го носел товарот на предавството и неверството и тешко го доживувал заминувањето на татко му и сè почестото отсуство на мајка си од дома заради работата. Дедо му и баба му биле единствените цврсти столбови во неговиот живот и му посветувале многу внимание и љубов. Единствената радост му била кога мајка му го носела во кино. Ги паметел репликите од филмовите и ги интерпретирал без проблеми. Интелигентен, но никогаш мотивиран во училиштето, утеха и исполнетост пронаоѓал глумејќи во училишната драмска секција, каде што имал можност да го покаже својот одличен талент за глума. По завршувањето на основното училиште го напушта училиштето за да стане актер. Често се расправал со мајка си и револтиран го напуштил домот. Работел сè и сешто за да преживее. Од скромните примања кои ги добивал работејќи како разнесувач на весници, кондуктер во автобус, поштар, билетар во театарот, глумел по подруми во театарски претстави, одвојувал пари колку што можел за часови по глума, верувајќи дека еден ден ќе му се оствари сонот. Раното осамостојување си имало свој данок. Почнал да пие и пуши и често останувал без кров на главата зошто немал пари да плати за кирија, па ноќите ги поминувал на клупите во паркови и во театарските гардероби. Но сепак, имал и светли моменти. Сопствениците на малите театри и клубови нему и на неговите пријатели им дозволувале да присуствуваат на настаните, а тие им возвраќале со тоа што им помагале во клубовите. Негов сон било еден ден да глуми во некои од делата на Шекспир. Кога заштедил доволно пари се запишал во студиото ХБ (Херберт Берхолт) и таму го запознал својот учител Чарлс Лотон, кој почнал да го учи за вештините на глума, а своевремено станале и добри пријатели. Чувството за вина зошто не бил покрај мајка му и дедо му кога им било најтешко, двете најважни фигури во неговиот живот, почнало да го прогонува и не можел да се ослободи од тој товар со години. Но и покрај тоа, во 1966 година успеал да се запише во филмската академија на познатиот Ли Страсберг, поборник на контроверзната метода, метода со техника која наложува актерот своите сопствени искуства и емоции да ги пренесе на ликовите кој ги толкува за да биде поуверлив. По тој принцип созреал и Ал Пачино, еден од најдобрите актери денес, познат по исклучителната и страсна посветеност на улогите, заради кои стана пример на многу млади актери.
Во едно интервју тој ќе каже: „Сакам добро сценарио, во него се задлабочувам, отворен сум кон ликот што го толкувам и сакам сè да знам за него и потполно му се посветувам. Не се сметам себе си за легенда што ќе дели совети и јас сè уште учам и од помладите колеги. Мој совет за напредок во кариерата е труд; читајте, работете нешто што највеќе ве интересира, тоа е тајната за успех.“
При крајот на шеесетите години од дваесетиот век неговата упорност почнала да дава резултати. Кариерата ја започнал на Бродвеј каде во почетокот глумел споредни улоги, но набрзо неговиот талент го забележале многу критичари и уште на самиот почеток бил високо оценет и награден. Талентот можел да се види уште во 1968 година кога го глумел главниот лик во оф-бродвејската драма од социјален карктер, ИНДИЈАНЕЦОТ ГО САКА БРОНКС, ликот на бруталното момче од улицата, кој му ја донесе престижната награда Обие за најдобар театарски актер во 1967/68 г. Тоа признание резултирало со нови понуди, во 1969 година дебитирал на Бродвеј во театарската претстава ДАЛИ ТИГАРОТ НОСИ ВРАТОВРСКА. За беспрекорно одиграниот лик – нанаркоман социопат, ја добил најугледната американска театарска награда Тони.
Охрабрен од успехот истата година дебитирал на филм во комедијата на Фред Кое, ЈАС НАТАЛИ (1969), но со популарност се здоби дури во улогата на Боби, ситен крадец и дилер на дрога кој и самиот стана зависник, во филмот на Џери Шацберг, ПАНИКА ВО ПАРКОТ НА ДРОГАТА (1971). Припремајќи сè за улогата поминал десетина дена и ноќи со тешки нарко зависници, а за алкохолизмот доволно знаел од своето лично искуство. Иако неговата партнерка Кити Вин, за својата улога на Хелен, ја доби наградата на фестивалот во Кан за најдобра глумица, сепак, актерската виртуозност во најголема мерка ја покажа Пачино. Филмот постигна солиден успех, но поважно за Пачино беше тоа што со улогата на Боби го привлече вниманието кон себе на режисерот Френсис Форд Копола, кој во тоа време ја собира актерската екипа за филмот КУМ (1972). Тој бил воодушевен од Пачино и веднаш го ангажирал за филмот и заради тоа жестоко се судрил со шефовите на филмското студио, кои за улогата на Мајкл Корлеоне им давале предност на веќе познатите Роберт Редфорд, Ворен Бити и Џек Николсон. После долги расправии со продуцентите, Копола успеал да ги убеди и улогата на сложениот лик на најмладиот син од кланот на Корлеоне му ја додели на Ал Пачино. Наскоро дојде и големиот успех. За првиот дел од трилогијата на Френсис Форд Копола КУМ,(1972) за улогата на Мајкл Корлеоне, беше номиниран за Оскар. Преминот од незаинтересиран миленик на семејството во ладнокрвен, пресметлив и смел предводник на кланот, го оствари со сугестивност која го постави на престижната позиција на ѕвезда која може да ги избира улогите. Неговата појава на човек кој не му припаѓа на гламурозниот свет, туку го открива како нервозен, помалку агресивен и упорен бранител на својата позиција и на своите идеи.
Малку е познато дека на сетот на ова култно остварување имало толку слога, колку што имало и кај мафијашкото семејство, за кое се зборува во филмот. За време на снимањето постојано имало уцени,расправии и отпуштања. И иако ја добил улогата на Мајкл Корлеоне, тој цело време се плашел да не добие отказ, бидејќи изгледало дека продуцентите не се задоволни со одлуката на Копола, а актерите од филмската екипа го одбегнувале и постојано се карале со него. Но, по една маестрално одглумена сцена, сè се променило. Тоа била сцената во ресторанот кога Мајкл го убива мафијашот-противник на семејството Корлеоне – Вирџил Турчинот Солока. Продуцентите биле воодушевени, а на Пачино му било загарантирано место во светот на филмот. Се покажало дека Копола имал непогрешливо претчуство.
Во 1972 година КУМ остварил голема финансиска добивка и влегол во антологијата на холивудската продукција како еден од најдобрите филмски проекти во историјата.
Пачино секогаш внимателно ги бира улогите и никогаш не греши. По КУМ оствари одлична улога во филмот СЕРПИКО (1973) на Сидни Ламет. Го глумеше младиот њујоршки полицаец Френк Серпико, кој открива голема корупција и бескомпромисно се бори против криминалот не штедејќи ги ни полицајците кои се вмешани во валканите зделки. СЕРПИКО се вбројува во еден од најголемите филмски хитови во седумдесетите години од минатиот век и се базира на вистинска приказна. Автентичниот Френк Серпико после истрагата бил принуден да ги напушти САД и денес живее во некоја европска држава под псевдоним. За време на снимањето на филмот бил присутен и самиот Серпико. Пачино заради тоа бил многу среќен, се здружил со него и се советувал за секој детал околу улогата и дијалозите. За оваа улога го освои Златниот глобус, а беше номиниран и за Оскар. Во филмот СТРАШИЛО (1974) на Џери Шатцберг, освен Пачино кој ја има улогата на морнарот Лионел, покрај него е и Џин Хекман како Макс, поранешен затвореник. Ова е интересна приказна за необичното пријателство меѓу двајца осамени скитници со различни карактери, со пропаднати илузии, кои заедничката самотија и бесцелното лутање за подобар живот ќе ги соедини, а меѓу нив ќе се развие верно и искрено пријателство. Низ ликовите на овие двајца губитници ,филмот ја доловува изгубеноста на американските луѓе во тоа време. Филмот е добитник на Гран при во Кан.
Истата година ја прифатил понудата на Копола да глуми во КУМ 2.Тој беше повторно номиниран за Оскар и Златен глобус, но овој пат ја доби угледната британска награда БАФТА. Неуморната работа во театарот ќе му донесе ново признание. По втор пат ја добива наградата ТОНИ, овој пат за претставата ОСНОВНИОТ ТРЕНИНГ НА ПАВЛО ХУМЕЛ (1976). И покрај професионалната афирмација, многу пари и углед во филмските кругови, тој не бил во состојба да побегне од сеништата на детството и младоста. Го прогонувало чувството на вина кон мајка му, емотивниот долг кон дедо му и неверојатната несигурност. Секој ден пиел сè повеќе и повеќе. Кога неговиот учител по глума и долгогодишен пријател Чарлс Лотон со кого дваесет години делел добро и лошо му рекол дека треба да побара лекарска помош, сфатил дека го допрел дното. Кога собрал доволно храброст и сила почнал да се лечи. Во лечењето многу му помогнал и ангажманот во криминалистичката драма на Сидни Ламет, КУЧЕШКО ПОПЛАДНЕ (1975) во кој брилијатно ја одигра улогата ограбувач на банка кој на крајот сепак ќе биде изигран и ликвидиран. Филмот освен номинација за ОСКАР, се здобил и со голема популарност, благодарение на многуте пофалби од филмските критичари. Потоа следеа други филмови и други улоги, меѓу кои и улогата во возбудливата судска драма ПРАВДА ЗА СИТЕ (1979) во режија на Норман Џуисон. Ал Пачино го толкува ликот на младиот адвокат за криминални случаи Артур Киркленд, кој е присилен да брани моќен судија и мора да ги решава најапсурдните ситуации. За оваа улога тој беше номиниран за Оскар. Подеднакво беше убедлив во улогата на полицаец во драмата на Вилијам Фридкин МАМКА (1980), уфрлен во свратилиштата на хомосексуалците каде што се крие еден опасен психопат.
Во почетокот на осумдесеттите години од минатиот век заради големите количини испиен алкохол и секојдневното опивање, неговата кариера се најде во криза, па тој одлучи да се одмори од снимање и да се лечи од зависноста од алкохолот. По направената пауза, тој повторно застана пред филмските камери прифакајќи ја улогата во насилниот филм ЛИЦЕ СО ЛУЗНА (1983) на Брајан де Палма. Филм за кубанскиот трговец со дрога Тони Монтана. Филмот е криминалистичка драма за моќта и алчноста и се вбројува во едно од култните филмски остварувања во светот на гангстерскиот филм. Режисерот Брајан де Палма бил инспириран од истоимениот филм од 1932 година, меѓутоа филмот од 1983 година понуди многу поексплицитна приказна за животниот пат на кубанскиот криминалец Тони Монтана (Ал Пачино). Тони е бескомпромисен, немилосрден и одлучен во животот да успее по секоја цена, во што и успева. Заради сцените со насилство, критичарите не биле наклонети кон овој филм, но маестралната глума на Пачино е нешто што никако не може да се негира. Филмот постигна голем успех, а Пачино доби уште една номинација за Златен глобус.
Како и сите други великани на актерството така и тој има филмови кои сите ги знаат и ги цитираат, но има и филмови за кои не сакаат да зборуваат или им се дава малку простор, а заслужуваат далеку повеќе. Еден од тие филмови е МОРЕ НА ЉУБОВТА (1989) на Харолд Бекер. Филмот е трилер и обилува со еротика и полициско милје. Пачино е во улогата на невротичниот полицаец Френк Келр, назначен да го реши случајот на едно замрсено убиство, кој се вљубува во осомничената Хелен Кругер ( Елен Баркин). Во филмот посебно доминираат импресивно и уверливо одиграните еротски сцени на двајцата главни протагонисти. Невротичноста на полицаецот, неговата емоционална несигурност, која ја компензира со агресивност му овозможија на Пачино да ја истакне својата актерска вештина. Во ФРЕНКИ И ЏОНИ (1991) Ал Пачино (Џони) и Мишел Фајфер (Френки) се главните протагонисти, а режијата е на Гери Маршал. Овој филм е љубовна приказна за две несреќни души од Њујорк. Џони е средовечен маж и поранешен затвореник со талент за готвење, големо срце и добра душа, кој се вработува како готвач во ресторан во Њујорк, каде ја запознава Френки и се вљубува во неа. Таа е келнерка која има болно минато и нема верба во мажите. И додека тој верува дека во Френки ја најде сродната душа, таа е воздржана и несигурна за нивната иднина. Упорноста на Џони резултира со успех и на крајот Френки завршува во неговите прегратки.

Потоа следат поамбициозни улоги во филмовите како што се: МИРИСОТ НА ЖЕНАТА (1992) на Мартин Брест; ПАТОТ НА КАРЛИТО (1993), на Брајан де Палма; ЖЕГА (1995) на Мајкл Мен; АДВОКАТОТ НА ЃАВОЛОТ (1997) во режија на Тејлор Хекфорд ; ДОНИ БРАСКО (1997) на Мајкл Нуел; НЕСОНИЦА (2002) на Кристофер Нолан и др. Во сите овие филмови Пачино ги игра филмските ролји кои му го обезбедија статусот како еден од најдобрите и најбараните холивудски актерски имиња. Дваесет години после првата номинација за Оскар во 1993 година сепак го доби првиот Оскар за сјајно одиграната улога на слепиот и пензиониран полковник Френк Сладеа во филмот МИРИСОТ НА ЖЕНАТА(1992) на Мартин Брест. Приказната е за младиот студент Чарли (Крис Одонел) на кого му требаат пари за да се запише на факултет и затоа тој ја прифаќа работата да му прави друштво на Френк. Френк е осамен, депресивен, раздразлив, човек со многу барања, полн со бес кон светот и неподнослив во одредени ситуации, а на прв поглед секогаш мрзоволен и алкохолизиран. Но тој длабоко во себе ги има скриено своите емоции и чувство за убаво, а може да биде и пријатен соговорник, пред сè заради смислата за хумор. Френковата способност за беспрекорна идентификација на женскиот парфем и играта на аргентинското танго се само дел од показателите на неговата опседнатост со жените, па неговата романтична страна доаѓа до израз во долгите и чести разговори со Чарли. Така Френк постепено ја презема улогата на тутор, кој иако слеп и со незгоден карактер,ќе го подучи Чарли за многу работи кои ќе му бидат корисни во животот.
Култниот режисер Брајан де Палма и незаменливиот Ал Пачино после десет години од снимањето на филмот ЛИЦЕ СО ЛУЗНА, повторно почнаа да соработуваат во филмот ПАТОТ НА КАРЛИТО (1993), приказна за порториканскиот нарко дилер Карлито Бриганте. Њујоршкиот порториканец Карлито (Ал Пачино) заради своето дилање на дрога треба да издржува казна од триесет години затвор, но благодарејќи на својот влијателен адвокат и пријател Кленфилд ( Шон Пен) е пуштен на слобода после пет години издржана затворска казна.Тој се согласува да води ноќен клуб за да заработи пари и мечтае со својата љубов Гејл да се тргне од улиците на Њујорк засекогаш, за да го зборави минатото. Карлито е свесен дека сонот за бегство не може лесно да се оствари знаејќи колку е силно подземјето, но сето тоа го враќа повторно во светот од кој сака да побегне. Но Карлито не знае за друг живот освен ганстерскиот, кој го научил на одредени морални кодекси, па оттука се наметнува и прашањето како да го напушти „пријателот“ а воедно и неговиот адвокат на кого му ја должи слободата. Умешноста на Пачино за вербална и мимичка глума ја вдахнува карлитовата виталност и уверливост, но за доловување на ганстерските морални сомнежи и душевната состојба, пресудна е и неговата нарација, која балансирајќи меѓу сетната поетика и горчливата реалност, ни нуди и поучна мудрост за животот на улица. Благодарејќи на извонредното сценарио на Дејвид Коп и импресивната интерпретација на Пачино, ликот на Карлито е еден од најдобро доловените ликови на криминалец во историјата на филмот, но големо внимание заслужуваат секако и маестрално режираните акциски сцени на Брајан де Палма.
ИНСАЈДЕР (1999) на Мајкл Мен е филм за скандалот во американската тутунска индустрија, а Ал Пачино го глуми Ловел Бергман. Во ИНСОМНИЈА (2002) Пачино ја толкува улогата на искусниот полициски детектив Вили Дормер, кој заедно со својот колега доаѓаат во гратче на Алјаска да го разоткријат мистериозното убиството на една млада девојка. Робин Вилијамс ја толкува улогата на писателот Валтер Финч кој е осoмничен за убиството. Улогата во ликот на Вили Дормер е секако една од најкомплексните улоги воопшто која ја има одиграно во својот живот. Филмот постигна голем успех, а Кристофер Нолан стана еден од најбараните режисери во Холивуд. ДОНИ БРАСКО (1997), криминалистички филм на Мики Нуел, работен по вистински случај за агент на ФБИ, кој добива задача да се инфилтрира во њујоршкото мафијашко семејство Бонано, во седудесетите години. Пачино го глуми Лефти Ругиери, а Џони Деп го гледаме како Дони Браско. ЖЕГА (1995) е еден од најдобрите претставници на крими драма во режија на Мајкл Ман. Приказната е за двајца професионалци, но од спротивна страна на законот и за нивниот приватен конфликт. Ал Пачино го глуми Винсент Хана, полковник од оделот за убиства и грабеж во полициска станица во Лос Ангелес, a Роберт де Ниро ја има улогата на најдобриот крадец –Нил Mекели.
Тука би ги спомнал уште и следниве филмови и улоги на Пачино кои не се ништо помалку вредни од другите: ВЕНЕЦИЈАНСКИОТ ТРГОВЕЦ (2004) – Шајлок, ОКЕАНОВИТЕ 13 (2007) – Вили Банк; МАФИЈАШИ ОД СТАРИОТ КОВ (2012) – Вал; ФИЛ СПЕКТОР (2013) – Фил Спектор; ПОНИЗНОСТ (2014) – Симон Акслер; ПАТЕРНО (2018) – Џое Патерно; ИРЕЦОТ – Џими Хофа (2019); БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД (2019) – Марвин Шварц.
Легендарниот глумец и покрај својата возраст сè уште учествува во многу проекти, снима и ужива во својата работа не помислувајки за пензионирање.
Познато ни е дека интересот за неговите филмски остварувања е големо, но ништо помалку не е интересот и за неговиот приватен живот. Љубел многу жени, но ни на една не ѝ предложил брак. Неговата романтична историја ги вбројува Џил Клејборг, Марта Келер, Јан Тарант, Дебра Вингер, Беверли де Анџело (со која има две деца) и многу други, но врската со Дајан Китон била најдолга, цели дваесет години со паузи и страствени помирувања сè додека таа не му предложила да се венчаат. Никогаш не се женел, но има три деца. За разлика од неговите партнерки, Пачино на новинарите никогаш не им давал изјави, внимателно заштитувајќи си го приватниот живот.
Тој е многу познат по своите совети и мудри изреки, ќе споменам само некои од нив:
„Никогаш на никого немојте да се правдате, ниту пак да објаснувате, секој ќе разбере само нему како му одговара.“
„Никогаш не се откажувај од ништо, зaшто лесно е да го излажеш окото, но најтешко е да го излажеш срцето.“
„Не брзајте кога сте во друштво да зборувате за себе, приказната за вас ќе започне откако вие ќе си заминете. “
Сосема за на крај слободно можам да кажам дека тој е еден од најсаканите и најценетите актери во светот на филмот. Можеме да зборуваме со часови и денови за неговите успеси пред филмските камери и во театарот, но и за неправдите кон него при доделувањето на наградите и сепак да остане доволно материјал за некој следен текст.