Кон 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ 

Синоќа во неофицијалниот главен град на прекрасната Далмација започна 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (во продолжение:  ФМФС). Сплиќаните, но и туристите со кои градот веќе изобилува (посетителите од азискиот континент со своите фотоапарати во Далмација се најбројни и највпечатливи), на свој начин, опуштено и со девизата „полако“ го наполнија прекрасниот простор во летното кино „Бачвице“ седејќи на тревата, на клупите, на „ѕидчето“ и каде уште не, и создадоа атмосфера типична за овие медитерански простори, овој пат славејќи ја Седмата уметност. Директорот на фестивалот Ален Мунитиќ и останатите гости, според протоколот, ни посакаа добредојде на новото издание на фестивалот, кој нуди богата програма од 70 филмови од 32 медитерански земји, со посебен програмски фокус врз земјите од Јужна Америка и Шведска.

За постоењето на ФМФС дознав неодамна, и неговото одржување токму во јунскиот термин ми дојде како мелем на рана и пред сè како збогатување на содржините од  културната понуда во градот за време на писателската резиденција доделена од „Reading Balkans“. Сплит има постар филмски фестивал од овој, и со неговите содржини во годините наназад сум подобро запознаен (во еден напис во „Слободна Далмација“ еднаш нагласија дека „Сплит филм фестивал“ е подобар за учење од венециската Мостра). Тој од 18 до 25 септември ќе го има своето 24. издание, но градот кој во последниве десет години е туристичка мека за илјадници туристи од целиот свет (Сплиќани преку лето се повлекуваат во околните гратчиња и бегаат од вревата, откако, секако, сите соби и апартмани однапред ги изнајмиле) веќе 12 години по ред токму на почетокот од летната сезона сосема легитимно го развива концептот на прикажување на најдоброто во филмската уметност од медитеранските земји (и пошироко), бидејќи само така, со нови културни понуди и концепти, ќе го одржи и надгради интересот за него и во годините што претстојат.

Во вторникот во коноба „Хваранин“, меѓу другите, се дружев и со почитуваниот хрватски писател и филмски критичар Јурица Павичиќ, повеќе од една декада селектор на угледниот Мотовунски филмски фестивал. Тој ми напомена дека програмата на 12. ФМФС е одлична и дека Мотовун и ФМФС се во пријателски односи, а преку летото и соработуваат за време на одржувањето на проектот „Кино Медитеран“, кога во преку 25 ( претежно островски) кина тече филмската програма составена од актуелни долгометражни и кратки остварувања за сите посетители, како за мештаните така и за туристите. Под мотото „И моје мисто има своје кино“, во малите населени места како Јелса, Супетар, Бол, Грохоте, Омиш, Мљет-Говеѓари…  барем во летниот период повторно се враќа магијата на подвижните слики на радост на многумина, што е навистина прекрасно.

А под мотото „Лито почиње на ФМФСу“, 12-то издание на фестивалот годинава се одвива на три локации. На двата досегашни стандардни простори, летното кино „Бачвице“, (во паркчето над познатата градска плажа, под отворено ѕвездено небо) и легендарната Кинотека „Златна врата“ (која заслужува засебен осврт), годинава му се приклучува и отвореното кино пред „Домот на младите“, простор кој засега ми е непознаница, но кој деновиве со драго срце ќе го посетам. Таму исто така под отворено небо ќе се одвиваат проекциите на среднометражните хрватски остварувања, како и на селекцијата на кратки филмови на земјите од Јужна Америка и Шведска.

Програмите кои имаат натпреварувачки карактер и кои на крајот ќе добијат свој победник, фестивалот со помош на спонзорите и стручното жири ќе ги наградат најдобрите остварувања од современата краткометражна хрватска филмска продукција, и секако, ќе биде прогласен и најдобар филм во официјалната селекција. Но, за да стават фокус токму врз новите, млади сили во хрватскиот филм, организаторот на ФМФС се решава токму актуелните кратки хрватски остварувања да ги прикаже во терминот веднаш пред оние од официјалната селекција, со што се добива на публицитет и поголема видливост. Ова е многу подобро решение од она што го практикуваат повеќето од македонските фестивали, во еден термин, еден по друг, да се прикаже сè што е актуелно во домашната кратка продукција. На тој начин како филмовите да се само „од нас за нас“ (мислејќи на филмската фела, секако). На отворањето синоќа се прикажа одличниот 20-минутен „Додека траеше Ролан Гарос“ на режисерката Снијежана Трибусон,  екранизација на истоимениот расказ на Тања Мравак од збирката „Мора да разговараме“, всушност, и мојот омилен во таа книга. Дали овој краток филм ќе освои 12.000 куни и наградата „Јешке“ во конкуренција од уште десетина хрватски кратки остварувања, ќе одлучи тричленото жири составено од филмски професионалци од подрачјето на филмската дистрибуција: Хуан Торес (Шпанија), Рајко Петровиќ (Србија), Селма Мехаџиќ (Хрватска), но и публиката со своите гласови.

И конечно, да ја претставам и главната програма на ФМФС, која годинава содржи 17 долгометражни филмови, 12 во трка за главната награда и пет надвор од конкуренција.  Деноививе ќе имаме можност да погледнеме филмови кои своите премиери ги имале на фестивалите во Венеција, Санденс, Ротердам, Берлин… Од Франција стигнуваат новите филмови на Жилиет Бинош („Онаа која ја замислуваш“) и на Изабел Ипер („Златна младина“), а тука е и „лебедовата песна“ на Ањес Варда, иконата на француската кинематографија; најдобриот шпански филм со 7 награди Гоја, „Власт“, е сериозен предизвик, како и филмовите кои доаѓаат од комплетно непознатите кинематографии на Сирија и Либан („Сè уште се снима“ и „Денот кога ја загубив сенката“); Павичиќ особено го препорача италијанско-хрватскиот документарец „Лавовите од Вис“, а интересно звучат и синопсисите за филмовите кои доаѓаат од турската кинематографија („Соопштение“) и секако, од Италија („Лоро“ и „Селфи“).

Токму со италијански целовечерен филм синоќа и беше отворен фестивалот. Добитникот на Сребрената мечка за најдобро сценарио на годинашното Берлинале, „Ситни риби“ на режисерот Клаудио Џованези, беше силна референца да се биде меѓу присутните на „Бачвице“. Портретот на една генерација која е во постојан судир ја следи приказната за една група од 15-годишници, која, не плашејќи се за својот живот, станува дел од озогласената мафијашка банда „Камора“. Се работи за екранизација на  книгата „La paranza dei bambini“ на контроверзниот неаполски автор Роберто Савијано, кој поради своите книги за „Камора“ одамна живее под полициска заштита. Интересно, актерите се натрушчици, тоа се жители на Неапол, кои, со секогаш препознатливата доза на италијански хумор и во најневеројатни ситуации, прилично успешно го носат филмот на своите плеќи. Сепак, како комплетното чувство за особено издржан проект да изостанува на крајот поради, во многу наврати, наивните решенија во одредени сцени кои оддаваат впечаток на површност и само загребување по површината на еден толку интересен феномен („деца мафијаши“), кој на улиците на јужниот италијански град трае со децении. Затоа очекувам многу повеќе од фалениот „Чудото на Саргашкото море“ на Силас Цумеркас, премиерно прикажан во годинашната „Панорама“ на Берлиналето, и кој вечерва игра во главниот фестивалски термин, од 21.30. Со нетрпение очекувам да видам како напредува, во последно време, потентната грчка кинематографија.

„А сада сви у кина – лито је почело!“

 

Leave a comment