Пред дождот, Прашина, Сенки

Милчо Манчевски

Милчо Манчевски (Скопје, 18.10.1959) е филмски режисер и сценарист. Студира на Филозофскиот факултет во Скопје историја на уметноста и археологија, потоа заминува во САД и во 1983 година дипломира на Факултетот за филм и фотографија на Универзитетот во Јужен Илиноис. Манчевски е автор на книгата „Духот на мајка ми“, издадена во Њујорк, на текстови за бендот Бастион, сценарија за музички спотови и реклами, а се појавува и како актер во неколку кусометражни филмови, во два македонски играни филма и во една театарска претстава. Од 1985 до 1991 г. работи во Њујорк како камерман на документарни и наменски филмови, потоа како монтажер на документарци, асистент-сценарист за индустриски видеа, асистент-осветлител и помошник-режисер на спотови. Од 1994 соработува како режисер на проекти за сите седум холивудски студија. Во 1995 година Кинотеката на Болоња, Италија, ја организира првата ретроспектива на Манчевски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за филмот ПРЕД ДОЖДОТ, номинацијата за најголемата филмската награда Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје, наградата Златен лав за најдобар филм на Фестивалот во Венеција, потоа наградата Златен Чарли на Фестивалот во Монс, Белгија, како и Гран при на Фестивалот на фестивалите во Петроград. За филмот ПРЕД ДОЖДОТ, Милчо Манчевски е добитник на наградата 11 Октомври и на уште многу други награди и признанија за својот ангажман во филмската уметност…

 

 

„Во ПРЕД ДОЖДОТ, уживавме во прекрасно и луцидно филмуваната приказна, врамена во ингениозно структурираната игра на филмскиот хронотоп – во временската „осумка“ на „кругот“ кој „не е тркалезен“, размислувајќи околу тоа колку случајноста, како и трикстерската снаодливост на овој автор се, или не се дел од филмската генијалност во глобала.

Потоа, во ПРАШИНА уживавме и правевме ментална гимнастика сред интелектуалната дуалност и трикстерската неодреденост на авторот и неговиот авторски став, во смисла „сериозен сум – не сум сериозен“, постмодерно или пост-постмодерно филмско писмо. Нели така беше?
И сега, со овој свој трет филм, СЕНКИ, нашиот голем филмски трикстер – најпосле го реализира сценариото што беше едно од неговите први сценарија за долгометражен игран филм, и кое веќе одамна сакаше да го сними, уште пред гореспомнатите два филма… И што гледаме сега во овој филм – кога најпосле го сними?…“

(Извадок од есејот на Петар Волнаровски, Кога има – има… ама како? посветен на македонската филмска сцена, Кинопис бр. 35)