Младен Буриќ, в.д. директор на Хрватската кинотека, деновиве беше гостин во Кинотеката на Македонија, каде што во тек е Неделата на хрватски детски филмови и изложбата ДЕТСКИ ПОГЛЕД: ИЗБОР НА ПЛАКАТИ ЗА ДЕТСКИ ФИЛМОВИ ОД ЗБИРКАТА ФИЛМСКИ ПЛАКАТИ НА ХРВАТСКИОТ ДРЖАВЕН АРХИВ.

Буриќ има интересна биографија: уште како дете се заинтересирал за филмот, врткајќи се покрај татко му кој работел во филмската лабораторија на тогашната Телевизија Загреб. Веќе како тинејџер снимал со 16 мм филмска камера, се занимавал со аматерски филм, а по средното училиште студирал новинарство и се вработил во Хрватската кинотека.

Десетина години подоцна, како што вели „на стари години“, се запишал на загрепската академија каде што дипломирал на филмска и телевизиска режија. Автор на неколку кратки играни филмови и документарци.

  • Никогаш не сум излегол од филмот како автор. Денес работам комерцијални филмови по нарачка, или за свое задоволство. Некогаш тоа се кратки филмови, некогаш подолги. Пишувам свои сценарија, се занимавам со скрипт-докторинг… Уште од времето кога бев аматер во кино-клуб, никогаш не бев оптеретен со мислата дека некогаш, по секоја цена, треба да режирам долгометражен игран филм. Секогаш се занимавам со тоа што ми прави задоволство. Бидејќи сум фотограф по вокација, најчесто и сам ги снимам моите филмски дела, вели Буриќ.

Со Буриќ разговаравме за кинотечната програма, архивирањето филмови, состојбата во хрватската кинематографија.

Хрватската кинотека како национален филмски архив е основана со Законот за кинематографија од 1976 г., а од 1979 г. како посебен оддел при Хрватскиот државен архив (ХДА). Темелната задача и е собирање, чување, заштита и користење на филмскиот материјал произведен на подрачјето на Република Хрватска.

Хрватската кинотека, која годинава прославува 40годишнина од нејзиното основање, има создадено збирка на домашни и странски филмови, пропратен филмски материјал кој вклучува збирка филмски фотографии, плакати, сценарија, книги на снимање и слично. Изминативе 30 години во Хрватската кинотека се складирани повеќе од 27 милиони метри филмски материјал.

Големата количина аудиовизуелни записи во Хрватската кинотека и нивната специфичност при каталогизацијата била предизвик за создавање посебна база на податоци за интерна намена, додека јавноста има можност да пребарува дел од материјалите и преку системот ARHINET кој е развиен во Хрватскиот државен архив.

Реставрацијата на филмското наследство од 1981 г. резултирала со изработка на заштитени копии на повеќе од 310.000 метри нитратен филм од периодот 1903-1953. Потоа, 208 аматерски филмови од периодот 1927-1938 се префрлени од форматите 9,5 и 8 мм на стандардна 35 мм лента.

Во склоп на проектот за заштита и реставрација на националната филмска збирка од 1995 г. до денес Хрватската кинотека заштитила и конзервирала повеќе од 150 долгометражни играни и околу 700 кратки филмови.

Од 2008 г. започнала и дигиталната реставрација: првите два филма се БРЕЗА и ВОЛК САМОТНИК. Главната идеја на проектот е користењето на дигиталната технологија исклучиво како алатка во процесот на реставрацијата, а конечната цел е повторно префрлање на фотографскиот и звучниот запис на 35 мм филмска лента како конечен формат на запис, со што се затвора кругот на реставрација според принципот „филм на филм“.

Сцена од ВОЛК САМОТНИК

Од 1997 г. Хрватската кинотека врши системска заштита и реставрација на аудио материјали снимени на застарени формати. И издаваштвото е битен сегмент на Хрватската кинотека: заедно со матичната институција Хрватски државен архив објавува книги за хрватската филмска историја како посебен дел под наслов „Извори за историјата на хрватскиот филм и кинематографија“.

Хрватската кинотека издава и ДВД изданија со одбрани програми од хрватското филмско наследство кое е дигитално реставрирано, па на тој начин е повторно претставено пред публиката. Издаден е најстариот сочуван долгометражен игран хрватски филм ЛИСИНСКИ на Октавијан Милетиќ, како и други раритетни наслови.

Хрватската кинотека има редовна филмска програма во култното загрепско кино „Тушканац“.

  • Од минатата година започнавме со нова пракса. Имено, Хрватска низ еден европски фонд и Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) создаде мрежа „Мали кина“ составена од 26 мали кино-сали, па се трудиме да го претставиме фи,мското наследство насекаде каде што можеме, вели Буриќ.
Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија, Младен Буриќ и Даниела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска во Македонија на отворање на изложбата
ДЕТСКИ ПОГЛЕД: ИЗБОР НА ПЛАКАТИ ЗА ДЕТСКИ ФИЛМОВИ ОД ЗБИРКАТА ФИЛМСКИ ПЛАКАТИ НА ХРВАТСКИОТ ДРЖАВЕН АРХИВ

Младен Буриќ забележува дека токму хрватската кинематографија имала повеќе филмови од детскиот жанр заради две причини. Првата е побогатата книжевна подлога со дела напишани во жанрот на детската литература, кои подоцна биле адаптирани за големиот екран, а втората е што младите режисери најчесто добивале можност да дебитираат во долгометражниот игран метар со овој жанр.

Leave a comment