Друштвото на филмските работници на Македонија соопшти дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска е годинашниот македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

Теона Митевска, Ана Костовска и Лабина Митевска

Одлуката ја донесе Комисијата за избор со која претседаваше режисерот Игор Иванов–Изи, а членови се Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка. Комисијата е прифатена и одобрена од Американската академија за филм, уметност и наука (AMPAS).

Церемонија за 95. доделување на Оскарите ќе се одржи на 12 март 2023, во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

Во конкуренција за кандидатурата беа и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Мими“ на Даријан Пејовски.

„Најсреќниот човек на светот“ е филм за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Во главните улоги настапуваат Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредни улоги Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија, како и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ…

Косценарист на филмот е Елма Татарагиќ од Сараево, директор на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите се на Моника Лорбер од Словенија, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард од Данска, дизајнер на звукот Ингрид Симон од Белгија. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Раша Петровиќ, директор на филм Елена Станишева.

Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, каде што се натпреваруваше за наградите за најдобра режија, најдобар филм… а потоа и на фестивалот во Торонто (Канада).

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево. Заради задржување на автентичноста, филмот е снимен на босански јазик (сараевски говор), а главните улоги ги токуваат актери од БиХ и од Македонија. Буџетот на филмот е 1,450.000 евра, а беше склопен со учество на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија 487,000 евра,  Данскиот филмски институт, Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Фондацијата за кинематографија Сараево, и Министерството за култура и спорт на Кантонот Сараево, Белга Продукција и Даночното засолниште од Белгија, Виба филм од Словенија, Пирамид од Франција и секако, со несебична поддршка на Еуримаж.

Носечки продуцент на филмот е Лабина Митевска, а како копродуценти се Себастијан Делое од Антре Шиен е Лу од Брисел, (Sébastien Delloye – ENTRE CHIEN ET LOUP, Belgium), Амра Бакшиќ Чамо и Адис Џапо од СЦЦА/про.ба од Сараево  (Amra Bakšić Čamo and Adis Đapo – SCCA/pro.ba, Bosnia and Herzegovina), Марија Мулер Кристоферсен од Фрау Филмс, од Копенхаген (Maria Møller Christoffersen  – FRAU FILM, Denmark), Вања Сремац од Терминал 3 од Загреб (Vanja Sremac – TERMINAL 3, Croatia), и постојаниот соработник Даниел Хочевар од Вертиго од Љубљана (Danijel Hočevar – VERTIGO, Slovenia).

Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје во рок од 5 недели, а недела дена во Сараево. Дел од подготовките се одвиваа во Словенија, додека постпродукцијата се работеше во Данска, монтажа и обработка на звук и слика, и дизајнот на звукот во Белгија.