Има прилично голема симболика во фактот што филмската програма во кинотечната сала секоја година започнува со детска програма „Кино утро“. На крајот на краиштата – или, поточно, на почетокот на нештата! – на денешните деца им останува светот.

Каков свет ќе им оставиме? Тоа е големо прашање, можеби за некоја друга тема и за некое друго место. Овој пат на филмска тема: Кинотеката на Македонија во јануари и февруари состави интересна филмска програма со наслови буквално – ама баш буквално! – од целиот свет.

Изложбата „Детски поглед: избор на плакати за детски филмови од збирката филмски плакати на Хрватскиот државен архив (ХДА)“ и циклусот детски филмови од хрватската кинематографија беше прилика за кои најмладите, како и за нивните родители и баби и дедовци пред многу децении, повторно да го препознаат Славко Штимац, меѓу останатите деца-актери, како свој јунак од филмовите. Но, и да го видат нашиот доајен Петре Прличко како дедо на храбри деца-борци против фашизмот, сеедно што е на друг јазик, и да проследат некои понови филмски остварувања од жанрот на детските филмови во хрватската кинематографија.

По детската програма следуваат наслови кои се резултат на редовната соработка на Кинотеката на Македонија со Францускиот Институт и Гете Институтот во Скопје (секој месец по еден игран филм од современата француска и германска кинематографија), како и филмови од најраната творечка  фаза на Ингмар Бергман, во соработка со филмскиот фестивал „Киненова“.

Крајот на јануари, пак, на филмската програма е Неделата на австралискиот филм, со пет наслови кои чинат своевиден пресек на современиот миг на кинематографијата од најдалечниот Исток. Многу генерации емигранти понеле со себе дел од нивната култура на новиот континент, но Австралија, пак, последниве децении ја задолжи светската кинематографија со исклучителни дела и автори. Нема да биде претерано ако кажеме и дека австралиските филмови и автори последниве педесетина години внесуваа дел од толку потребната свежина во Холивуд и светот…

Февруари во кинотечната сала на Кинотеката на Македонија носи грст наслови од различни кинематографии и различни жанрови, но и омажи на домашни автори и актери кои ја задолжија македонската кинематографија. Тоа се драматургот и филмски сценарист Горан Стефановски, режисерот Љубиша Георгиевски, и актерите Мите Грозданов и Љупка Џундева. Не ја забораваме ниту филмска музика како битен сегмент од филмската продукција, па ќе се дружиме и со д-р Александар Трајковски на промоцијата на неговата книга МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД „ФРОСИНА“ ДО „ЛАЗАР  во издание на Кинотеката на Македонија.

Февруари ќе биде и месецот на иранскиот и рускиот филм. Иранската кинематографија се претставува со шест наслови: на делата на старите мајстори Абас Кијаростами и Маџид Маџиди се надоврзуваат нивните наследници според сензибилитетот за социјална драма.

Февруари ќе биде и во знакот на руската кинематографија. Речиси цел месец во програмата „РУСКА ЗИМА“: МЕСЕЦ НА КЛАСИЧЕН И СОВРЕМЕН РУСКИ ФИЛМ ќе се дружиме со делата на неповторливите мајстори на класичната руска кинематографија – Сергеј Ајзенштајн, Андреј Тарковски, младиот Никита Михалков, Елем Климов, Лариса Шепитко, Емил Лотеану и други – но и со поновите проблесоци на оваа филмска школа. Дваесет и петте наслови од ризницата на „Мосфилм“, една од најстарите и најголеми филмски компании во Русија и Европа, се единствена можност и најпробирливите филмски естети да ја задоволат „гладта“ за убавина.

Leave a comment