На 27 октомври (среда) Кинотеката на Македонија го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство. Мотото на оваа глобална манифестација годинава гласи „Вашиот прозорец кон светот“, а одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО. Потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство во Кинотеката беше збогатен и со промоција на книгата АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН. Книгата е издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов.

„АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН“ е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти посветени на нашиот филмски режисер, сценарист и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Манифестацијата ја отвори директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со неговиот говор посветен на овој значаен датум за светските филмски архиви.

„Денес во светот се одбележува Денот на аудиовизуелното наследство. Тоа е причината зошто сме тука собрани, токму денес. Повод е и промоцијата на книгата која следува, но јас ќе се задржам на причината. Односно на причините што доведоа до тоа аудиовизуелното наследство да добие свој ден, за да потсетиме на неговата важност, но и состојбата во која се наоѓа. Да потсетиме дека е загрозено, во опасност од исчезнување, доколку сериозно не се сфати.

Денот на аудиовизуелното наследство е востановен не така одамна, во 2005-та поточно, од страна на УНЕСКО, оној дел од Обединетите нации кој е фокусиран на заштита и промоција на образованието, науката и културата. Овој ден е круна на обидите за подигнување на свеста за зачувување на филмското наследство што ги предводеше група филмски автори и почитувачи на филмот на чело со Мартин Скорсезе. Денот на аудиовизуелно наследство е во чест на професионалците кои работат во сферата на заштитата и институциите кои го чуваат нашето наследство за идните генерации. Филмските архиви, музеи, кинотеки, филмотеки, телевизиски архиви и други сродни институции со пригодни настани – како Кинотеката со оваа промоција на книга – го свртуваат вниманието не само на јавноста, туку и на оние кои ги подготвуваат стратегиите и политиките, кои финансиски ја помагаат заштитата на филмското наследство, на препреките со кои се судираат филмските архиви во обидот истото да го сочуваат и да го предадат на идните генерации“, посочи Ангелов.

Говорејќи за значењето на филмското архивирање, Ангелов рече:

„Денес одбележувањето на овој ден е под палката на Координативниот совет на аудиовизуелни архиви и здруженија, а во кој свои претставници имаат деветте најголеми светски асоцијации и организации на филмски архиви. Еден од тие претставници е и ФИАФ – Меѓународната федерација на филмски архиви каде што Кинотека е членка од 1992 година, и во чие име, во 2014 година беше домаќин на годишниот конгрес на сите членки на организацијата кој се одржа во Скопје.

Но зошто нашата Кинотека е воопшто дел од ова семејство на аудиовизуелни институции?

Кинотеката е пред се национален, односно државен филмски архив. Основана е од републичката влада во 1974 година. Прва од ваков вид во Југославија покрај сојузната Југословенската кинотека. Покрај своите статутарно утврдени примарни активности, како прибирање, чување, заштита, обработка, истражување и презентирање на филмови и филмски материјали од културно, историско, научно и друго значење, една од поважните улоги ѝ е да ги прибира филмовите и филмските материјали кои се снимени во Македонија или се однесуваат на Македонија а се снимени од странски продукции. Тоа е она кое што го подразбираме под национално филмско наследство.

Тоа наследство се всушност филмски копии на различни медиуми, филмски материјали, пишувана и печатена документација од сите филмови произведени во Македонија, продуцирани од наши луѓе, или снимени за нашата земја, култура и општество, а кои Кинотеката е обврзана да ги чува и заштитува.

Тоа значи дека вие, во оваа киносала, седите буквално врз тоа филмско азно, бидејќи тие материјали се наоѓаат под вас, во депоата под оваа киносала. Станува збор за депоа, изградени по светски стандарди, во кои ги чуваме филмските материјали и пропратната документација.

Вие сега седите врз Манаки, врз Ценевски, Столе, Милчо, Митко Панов, Љубиша, Вардар филм, врз Блажевски, Мето Петровски-Франсе и Дар-Мар, па и врз пчелите на Атиџе и Тито во посета на републикава, врз историски снимки, врз визуелната колективна меморија и врвни уметнички дела… врз нашето аудивизуелно наследство и богатство.

Биејќи културата е богатство, а меморијата е наследство, потврда за нечие постоење и опстојување.

Нејсе, не залудно се досетиле од УНЕСКО дека и аудиовизелното наследство од цел свет треба да добие свој ден, за да се потсетиме колку тоа е битно за нашето дефинирање, колку е тоа неопходно, но и во колкава опасност е од исчезнување, од деградирање и уништување.

Еден од начините да се заштити и зачува за следните генерации аудиовизуелното наследство и филмските материјали е истото да се дигитализира. Тоа е и поекономичен начин на заштита во секој поглед, бидејќи целиот процес на дигитализирање на аналогни податоци е побрз, но негова уште поголема предност е што резултатот на таа дигитална заштита – дигиталната копија на филмското дело, е подостапен за пошироката јавност“, потенцираше Ангелов.

Говорејќи за иднината на архивирањето и заштитата на аудиовизуелното наследство, Ангелов посочи на неколку работи:

„Ние треба за идните генерации не само да го сочуваме филмското наследство туку треба и да им го предадеме, за тие да го конзумираат и врз него како основа и понатаму да градат и создаваат. Но, тој трансфер мора да го направиме со начин на комуникација, на јазик кој го разбира и зборува младата генерација. Тоа е дигиталниот јазик – есперантото на новата генерација, глобален и универзален.

Кинотеката има дигитализирано повеќе опуси на македонски режисери како на Столе Попов, Кирил Ценевски, Бранко Гапо, Љубиша Георгиевски, дигитализирани се филмовите на Манаки и Арсениј Јовков како и филмови на Османли – ЖЕД и МИРНО ЛЕТО, Коле Ангеловски – со ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ ИРИНА), но и со документарниот КАКО ШТО ВОДАТА ТИВКО ШУМОЛИ, ТРИ АНИ на Бранко Бауер, МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ на Мимица, ХАЈ-ФАЈ на Блажевски, и првиот македонски игран филм ФРОСИНА на Воислав Нановиќ, потоа се дигитализираа поголем број кратки играни филмови.  Не е малку. Можеби и испуштив некој, но сепак останува уште многу.

Додека светот веќе влегува во т.н. Четврта индустриска револуција и е фокусиран на компјутеризација на индустриското производство, Кинотеката на Македонија се уште е заглибена во обидот да биде дел од Третата индустриска, односно т.н. Дигитална револуција. Веќе неколку години се обидуваме да формираме одделение за дигитална реставрација, аплицираме во Годишните програми на Министерството, документираме проекти, правиме буџети, апелираме и лобираме. Сите архиви во нашето соседство имаат такво одделение и се светлосни години пред нас во однос на дигитализираната метража и наслови, пред се од сопствените национални архиви. Некои од нив дури и ги услужуваат филмските архиви како нашата Кинотека, вршејќи дигитална реставрација на избрани наслови. За таа нивна услуга, а наше побарување, се одлеваат големи средства од буџетот и на нашава инстистуција и на надлежното Министерство, се подготвуваат комплексни меѓународни тендери, се прекршуваат и надминуваат рокови, се преминуваат граници – кога нашите филмолози мора да отпатуваат до тамошните дигитални лаборатории заради супервизија на сработениот материјал. Сè на сè, тоа е мошне скап и бавен процес на дигитализирање на националото аудиовизуелно наследство, иако логиката, домашниот есап и здравиот разум упатуваат на едноставното решение кое со години го бараме: Кинотеката да има Одделение за дигитализација при што единственото нешто што ѝ недостига за нејзина реализација е техниката.

Оваа година Министерството за култура ни излезе во пресрет на овие барања, и ќе набавиме дигитален скенер. Останатиот дел од придружните елементи кои се неопходни за функционирање на скенерот ќе се набават догодина. Ова е мал напредок Кинотеката да стане делумно независна во дигитализацијата на филмските материјали што ги поседува. Се надевам дека ќе се дигитализираат и материјали што не го поседува само кинотеката туку дека ќе се дигитализираат и други фондови надвор од кинотеката.

Значи се оди напред, но овие чекори се премалечки и пребавни и троми. Ако во 90-тите бевме една од најнапредните кинотеки т.е. архиви во регионот, тоа веќе не е така. И нели, 27 октомври е ден кога треба да се подигне свеста на јавноста за постоењето и за значењето, но и за загрозеноста на аудиовизуелното наследство и затоа ќе кажам дека иако кинотеката има направено многу на полето на заштитата, ѝ останува уште многу да направи. Значи, остануваат уште неколку тони филмови за дигитализација, остануваат Бардовските конаци во кои се чува странската продукција каде што условите за чување се на извонредно ниско ниво. Останува нашата специјализирана библиотека со мебел од времето на Колишевски, доопремување на мала сала за филмски проекции… Има многу заостанати работи и многу идеи. А остануваат и комплицираните закони и законски процедури што го усложнуваат нашето работење и нашата слобода во работењето и одлучувањето. На крајот на краиштата, остануваат да се дигитализираат и реставрираат и филмовите на Антонио Митрикески за кого еве денеска промовираме книга, а неговите филмови од полскиот период, документарниот ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ и играните ПРЕКУ ЕЗЕРОТО и КАКО ЛОШ СОН, кои се снимени на 16милиметарска,  т.е. 35 милиметарска лента и не можат да се прикажуваат на телевизиите, или тоа се прави преку некои нерепрезентативни копии од времето на Адам.

Целта на одбележувањето на Денот на аудиовизуелното наследство, како што реков на почетокот, не е само да се подигне свеста на јавноста за постоењето и за значењето на аудиовизуелното наследство со неколку промоции, проекции, настани, забави и журки. Овој ден и настан, ова краткотрајно внимание што го добиваат филмските национални архиви на овој ден, за нас како инситуција претставува можност и на надлежните државни институции, владини структури и сите оние кое се инволвирани во креирањето на политиките и стратегиите од националнен интерес да им предочиме дека во културното наследство, конкретно во аудиовизуелното мора да се инвестираат финансии, но и ум не парцијално, делумно, повремено, туку постојано и без задршка“, рече Ангелов.

 

Тој потоа ја најави и промоцијата на книгата АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН на Стојан Синадинов, и промоторите, професорите Ана Стојановска, Ѓорѓи Спасов и Сашо Кокаланов. Модератор на промоцијата е исто така професор, но и филмолог- советник во Кинотеката, Атанас Чуповски.

„Особено ми е мило што објавивме книга за животот и творештвото на Антонио Митрикески, кој е редовен посетител на нашите вечерни проекции, што значи дека се уште го држи ентузијазмот, но и дека ја сака Кинотеката. Нека ни е честит 27 октомври Денот на аудиовизуелното наследство“, истакна во неговиот говор директорот Ангелов.