Меѓународната федерација на филмски архиви ФИАФ (International Federation of Film Archives –FIAF), на еден од „онлајн-настаните“ кои ги заменија активностите на планираниот годинешен ФИАФ-Конгрес –му оддаде почит на неодамна починатиот Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката на Македонија.

Борис Ноневски (1948-2021) беше долгогодишен директор во неколку мандати,и – за време на неговото раководење со институцијата – Кинотеката ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност преку организирање симпозиуми со интернационален карактер.

Годинешниот конгрес на ФИАФ, 77 по ред, требаше да биде одржан месецов во Дака, Бангладеш – со што би се прославил и „Златниот јубилеј“, односно 50-годишнината од постоењето на националниот филмски архив на оваа земја… Со оглед на тоа што мерките против ширење на пандемијата предизвикана од „ковид-19“ сè уште не дозволува масовни настани со физичко присуство на поголем број лица – ФИАФ, во периодот од 21 до 23 април, одржа неколку виртуелни настаникако замена за планираниот конгрес. На 21 април,три комисии на ФИАФ ги одржаа нивните годишни работилници за заштита на филмското наследство, а Генералното собрание на 22 и 23 април одржа виртуелно заседавање со учество на 172-те членки на Федерацијата, на кое им беше оддадена почит на преминатите истакнати членови, меѓу кои спаѓа и Борис Ноневски.

Ноневски беше истраен истражувач, посветен аналитичар и голем вљубеник во филмот. За време на неговото раководење,во Кинотеката беа формирани два оддели, филмски архив и јавна дејност, а подоцна и оддел за документација. Исто така, за време на неговото раководење со Кинотеката, беа формирани и воведени правилата и принципите на систематско и аналитичко обработување на филмовите, односно филмолошката анализа, одделно за документарни филмови и играни филмови, како и формирање и воспоставување на правилата и принципите на директна обработка, систематизирање, каталогизирање на истите, а и се воведе организација на филмската или кинотечна фототека, како и одделот за музејски експонати. Исто така, воспоставени се и основните методологии по кои и до ден-денес се работи во Кинотеката – и започнати се (и завршени) бројни проекти од овој и сличен тип. Потоа, за тоа време, започнати се и повеќе видови на кинотечни и филмски каталози, како и основно каталогизирање на филмската продукција. Под раководство на Ноневски започнаа и првите сериозни проекти за заштита на филмската историја – преку изработка на нови филмски копии…

Ноневски, како директор на Кинотеката –во 1993 го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а Кинотеката беше организатор на Фестивалот и наредната, 1994 година.

Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му додели високо одликување –„Витез во редот на уметностите и литературата“.

 

 

Leave a comment