Пандемијата на Kовид-19 го смени календарот на доделувањето „Оскари“ 2021 на Американската филмска академија (The Academy of Motion Picture Arts and Sciences (AMPAS) кое треба да се одржи по 93-ти пат. До минатата година во јануари беа објавувани номинациите, а „Оскарите“ беа доделувани на крајот од февруари. Годинава гласањето за потесниот избор (shortlist)  на номинациите ќе биде од 1 до 5 февруари, а тие ќе бидат објавени на 9 февруари. Самото доделување на „Оскарите“ е поместено за 25 април (недела).

Наредната недела ќе бидат познати и филмовите кои ќе бидат во потесниот избор за номинации во категоријата која најмногу нè интересира – Најдобар странски филм: македонски кандидат во оваа категорија е ВРБА (Willow, 2019) на Милчо Манчевски. Повторно заради пандемијата на Ковид-19 и проблемите со кои се соочуваа(т) продуцентите и дистрибутерите на филмовите, годинава наместо 10 во потесниот избор ќе бидат избрани 15 наслови.

Во конкуренцијата за најдобар странски филм на 93-от „Оскар“ е постигнат рекордниот број филмови – 93 наслови, исто како и минатата година. Во категоријата на документарни филмови, пак, е постигнат нов рекорд, 238 наслови. Овие две категории се издвојуваат како „брзорастечки“ по број на кандидати, но и престижни. Не може, а да не потсетиме дека извонредниот документарен филм МЕДЕНА ЗЕМЈА (Honeyland, 2019) на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска минатата година освои номинации во овие две категории, долгометражен документарен и странски филм. Успехот беше поголем бидејќи МЕДЕНА ЗЕМЈА за прв пат во историјата на доделување „Оскари“ беше истовремено номинирана во овие две категории.

Кои филмови се фаворити за годинешните „Оскари“? Ако минатата година убедлив фаворит беше ЏОКЕР (Joker, 2019) на Тод Филипс (Todd Phillips), сепак само Хоакин Феникс (Joaquin Phoenix) профитираше со креацијата во насловната улога. Водечките филмски магазини веќе имаат свои предвидувања околу фаворитите за номинации за „Оскарите“. Магазинот „Верајети“, обично одлично информиран за случувањата во комисиите на Академијата, веќе излезе со првично предвидување на трендовите за 93-от „Оскар“. Нивната анализа потенцира дека во 93-годишната историја на „Оскарот“ филмот што имал најмногу номинации победувал 58 пати. Секако, имало и големи пресврти, па филмови со по десет номинации знаеле да завршат без ниту една статуетка…

Како и да е, февруари ќе биде месецот на првичните селекции за годинешните лауреати на „Оскарот“.

 

Leave a comment