Неодамна во Лос Анџелес (САД) почина филмскиот режисер Питер Богданович (Peter Bogdanovich), припадник на тн. „Нов Холивуд“, кој го задолжи филмофилмскиот свет пред сè со култните наслови ПОСЛЕДНАТА КИНОПРЕТСТАВА (The Last Picture Show, 1971) и МЕСЕЦ ОД ХАРТИЈА (Paper Moon, 1973).

Роден е во Њујорк во семејството на српскиот сликар Борислав Богданович и австријската Еврејка Херма Робинсон: неговите родители побегнале од Европа пред нацистите. Зад името на Питер Богданович секогаш оди придавката сестраност: тој е актер со над 50 кредити, режисер на 34 наслови, сценарист, продуцент, монтажер, композитор, па дури и кинематографер во еден негов филм.

Пред да биде препознаен како еден од протагонистите на „Новиот Холивуд“ на почетокот на 70те, Богданович најпрвин студирал глума кај легендарната Стела Адлер (Stella Adler), која ја продолжува традицијата на „Методот“ на Станиславски на американско тло. Следната дестинација на љубопитниот Богданович е Музејот на модерната уметност МОМА (Museum of Modern Art) во Њујорк, каде што е уредник на филмската програма.

Како што припадниците на францускиот „нов бран“ кариерата ја започнале промислувајќи го филмот и пишувајќи за уметноста на подвижните слики – пред сè во „Филмските тетратки“ (Cahiers du Cinéma) на Андре Базен (André Bazin) – така и Богданович, не случајно под нивно влијание, пишува и објавува филмски критики и теоретски текстови. Тој период резултира со неговите книги за Орсон Велс и Џон Форд.

Со ПОСЛЕДНАТА КИНОПРЕТСТАВА освојува 8 номинации за „оскар“ (добива два за споредни улоги), а оттогаш датираат две легенди за Богданович: првата е дека е новиот Орсон Велс; втората е дека тој ја иницирал сјајната кариера на неговата девојка Сибил Шепард (Cybill Shepherd), а таа подоцна ја „закопала“ неговата.

Во 1976 го снима новиот успех, филмот КИНО ЗА ГРОШ (Nickelodeon) со Рајан и Тејтум О‘Нил и Берт Рејнолдс. Богданович со неговите свежи филмски погледи во 70те години ќе биде дел од „Новиот Холивуд“, заедно со Брајан де Палма, Мајкл Чимино, Френсиз Форд Копола, Вилијам Фридкин, Роберт Алтман… и важи за голем освојувач на женските срца. Последнава формулација може да биде еуфемизам за тврдењата дека се вљубувал во секоја нова актерка во неговите филмови. Една од тие авантури завршува и трагично: кога го снима нискобуџетниот ДЕНОТ КОГА СИТЕ СЕ СМЕЕЈА They All Laughed (1981) се вљубува во Дороти Стратен (Dorothy Stratten), убавицата на годината на магазинот „Плејбој“ (другата актерка од филмот е Одри Хепберн/ Audrey Hepburn). Стратен е мажена за љубоморниот плејбој Пол Снајдер (за кого постојат тврдења дека бил поврзан со подземјето), кој ја убива Дороти кога ја дознава нејзината врска со режисерот.

Тој филм ќе биде и своевиден „Ватерло“ за Богданович, бидејќи го финансира од свои пари, а трагедијата ќе ја закопа неговата дистрибуција и прикажување. Богданович ќе напише и објави книга за Дороти Стратен, а три години по тој трагичен настан Боб Фоси (Bob Fosse) ќе го сними филмот филмот ЅВЕЗДАТА НА 80та (Star 80, 1983). Кога сме кај рубриката тривија: Богданович во 1988 ќе се ожени со 19годишната сестра на Дороти, Луис Стратен (Louise Stratten), и ќе бидат во брак до 2001 година…

Настрана од тривијалностите, кои сепак ќе одредат битен дел од животот на режисерот, Богданович ќе се обиде да ја ревитализира кариерата во 80те снимајќи ги МАСКА (Mask, 1985) и ТЕКСАСВИЛ (Texasville,1990), но не го повторува сјајот од почетокот на неговиот опус. Сепак, останува еден од најживописните припадници на споменатиот „Нов Холивуд“, кој можеби е последен генерациски изблик на авторскиот филм во американската кинематографија.