Пишува: Владимир Љ. Ангелов

 

„Матрапази“, oбично тој така нè викаше нас помладите кога ќе направевме некоја „шамата“, уште еден од неговите вечни термини. Никој од нас не знаеше што значи тоа, но начинот на кој што го кажуваше беше татковски укорлив и нималку навредлив. „Ах бре матрапази низаедни“, онака шеретски. Како што би рекла една наша заедничка пријателка, со Борис засекогаш замина и едно огромно богатство на турцизми што се користеле во македонскиот јазик. Последниот Мохиканец. Ние од Кинотеката го познававме Борис Ноневски и како човек и како директор. Ја познававме неговата човечност и човечка слоевитост. Паметиме купишта негови изреки: „Платата ви е многу за работата, а малку за живеачка“ – велеше, „Бадијала извини, ако ми го изгоре палтото“, „Знам луѓе што работеле без успех, но не знам некој што успеал без работа“, или „Напамет работано“. Со колегите бевме преместиле 3-4 тони филмови и доаѓа директорот и мислиме дека заслужуваме пофалба, кога тој вели: „Напамет работано“ се врти и си оди. Утредента повторно истото… Борис, зашто не беше едноставен и како човек, никогаш не прашуваше едноставно „како си“, тој велеше: „Пиле, со што си ја мачиш душичката“? Често кога ги „карам“ помладите колеги ја користам неговата: „Она што на други им е хоби, вам ви е работа“.

Пандемијава што ја живееме ме потсетува на онаа чума во Фиренца кога започнале да се раскажуваат приказни како што ни пишува и Бокачо. Ако со колегите со кои аргатски го делевме лебот собирајќи троска во Бардовци седнеме да раскажуваме и да ги раскажуваме приказните со Борис и од „времето“ на Борис мислам дека малку ќе ни бидат десет деноноќија. Па мислам дека и бездруго, ние постарите, секој муабет подолг од половина час, го вртиме на приказните од тоа време. Се сеќавам, во Кинотеката дојдов на почеток на ‘95 како млад, пргав, дигнат дипломец од ФДУ, што мислеше дека знае сè. Многу бргу бев спуштен на земја и сфатив дека имам уште многу леб за јадење. Се сеќавам кога директорот дојде во пикерајот и ми рече: „Влатко пиле, пиши еден текст за оваа книга. За Кинопис. Рецензија, афирмативна.“ Напишав што напишав и како на шилци чекав неколку денови да ми биде вратен текстот. Борис иде и вели одлично е и ми го враќа текстот што внимателно го чукав на машина во новинарски проред. На сите страни разноразни ченчеглиња, загради – отвори, затвори, стрелки, чкртани пасуси. Хорор… Сето тоа начкрабано со молив со ситен ракопис, не премногу, но доволно разбирлив. „Што е одлично тука,“ си велам. Втората верзија, во која ги прифатив забелешките, коригирав, го избришав тоа што беше сугерирано да се брише, а го допишав тоа што беше сугерирано да се допише беше прифатена и отпечатена. Истото се случуваше со следните 2-3 текстови што имаа сè помалку „графит(и)“. На четвртиот текст, без да го погледне, ми намигна: „Носи го кај Илинденка“. Така станав автор. Уште уживам во пишувањето, а кога треба да коригирам некој текст често го фаќам моливот.

Борис сакаше да пуши. Мислам дека тоа вака постфестум никој нема да го спомне. Поточно, сите пушевме, а тој уживаше да пуши. Кога пушењето стана непопуларно, и повеќемината почнавме да се откажуваме, му даваше совети на Петар – исто така страстен, зиме навечер да испуши по некоја во влезот пред вратата, наместо да се смрзнува на балконот. Ја паметиме и приказната кога по тешката соообраќајка, кон крајот на 90-тите имаше тешка сообраќајка, се разбудил од кома. Сестрата го повикала младиот лекар и овој го прашал дали се чувствува добро и што сака. Рекол дека е добро, и дека сака да цигара. Сестрата се бунела, ама лекарот рекол дека ако има желба да пуши во таква состојба, веднаш да му се донесат цигари. „Желбата е добар знак. Па макар тоа да е и цигара.“ А во болницата, кога пак подоцна го сместиле во соба, почнале муабет со цимерот и овој му рекол дека е повратник. „И јас сум,“ му рекол Борис. „Жити сè. Јас од Австралија се вратив. А ти?“ „Откај свети Петар“ – одговорил Борис. Милион приказни. Една од нив, онаа за денот кога Кинопис го доби името, веќе ја напишав неодамна во еден број на Кинопис.

Борис ја сакаше и ја познаваше и филозофијата. За секоја прилика имаше по некој соодветен цитат. Ги вадеше онака од ракав, така што понекогаш се сомневав во веродостојноста на цитатите. Но, не. Сепак тоа беа вистински цитати од вистински филозофи и писатели. Некои му ги украдов. Признавам. „Ракописите не горат“ од Булгаков на пример го трошам на големо.

Историјата, секако беше една од неговите страсти. И позната е неговата сентенца дека никој нема да ни ја напише ако сами не си ја напишеме. Но тој сакаше историјата да биде и верификувана. Во нашиот специфичен македонски случај и од ИСТОК и од ЗАПАД. И затоа Кинотеката покрај капиталната МАКЕДОНСКИОТ ИГРАН ФИЛМ на Чепинчиќ ги издаде и книгите за македонскиот филм на Черњенко и Рон Холовеј. ИСТОК и ЗАПАД.

Умееше Борис да каже и по некој збор за мајка Рада, за Катерина или кирја Катерина како што напати ја викаше и за Вангел, а и за по некое чупиште со кое тој се влечка. И тоа „чупиште“ го кажуваше како она нашето матрапаз. И го сакаше Претор. И преторчани.

Борис сакаше книги, сакаше и да ги пишува, се надевам дека Кинотеката ќе објави некој од неговите ракописи со помош на неговото семејство. А од друга страна, мислам дека Борис и Кинотека се тема за една книга. Ги сакаше и Бардовските конаци. Едно лето здружно бркавме кртови во Бардовци, се беа баеги накотиле. А во Бардовци чувавме шатки. Малку како од филм на Буњуел. Убави времиња. Многу спомени. Многумина веќе ги нема. Јоцо, Ѓорѓи – нашиот Жорж, Љубо, Миро, еве сега и Борис.

Запалете по некоја за Борис вие што пушите или бапнете една ракија за душа кога ќе пивнете вие што пиете, истурете на земја. Јас пак секогаш кога ќе кажам дека „ракописите не горат“, бездруго ќе „си спомнам“ на него, не на Булгаков.

Слава ти, директоре.

 

Leave a comment