Александар Василевски

Кога преовладува отсуство на духовна ерозија, за некои луѓе, вклучувајќи ме и мене, синоќешната концертна фиеста која се одржа во Кинотеката насловена „Лајв саундтрак“ беше празник за очи и уши.

Групата изведувачи беше составена од Тони Димитров, своевремено радио водител во култното радио 103, музички продуцент, колумнист; Владимир Мартиновски – Марта, професор, есеист, поет, дел од повеќе познати состави како оној на Пеце Атанасовски – нашиот реномиран мајстор на гајдата, од Калдрма и од Баклава; Maртин Георгиевски, фасцинантен виртуоз на гитарата и електонската музика, и гостинот од Белград Mарко Миличевиќ.

Но со ред. За време на прикажување на филмови, оваа група „проектираше“ музика која соодејствуваше со приказните на филмивите. Воведот на хипнотично патување го започна белграѓанинот, за умешно да се надоврзе Мартиновски со својата тамбура која води низ приказната за емигрантката Лара која со своето семејство емигрира од Истанбул па преку Грција, оди до Србија за на крај да стигне во Македонија, но тој во секој тон успеваше да го долови кадарот на дејствието со таква леснотија што произлегуваа звуците од неговата тамбура, како ретко кој вистински професионалец.

Јак впечаток оставаше и гитарата на Мартин, кој маестрално водејќи ја сцената на ловот во следниот, француски филм, беше доловен правиот момент на саспенсот , за потоа да ја балансира смиреноста на ранетото животно.

Тони Димитров имаше значајно учество во целиот проект, всушност благодарејќи на неговиот ентузијазам и цврста волја, се реализираше овој проект, со еноставност како што беа брановите што ги произведуваше во својот инспиративен перформанс. Да се создава музика, која рефлектира со морски бранови е вистинска у(т)мешност на Димитров, па оттука си велам, можеби доколку овие уметници свиреа во европска метропола ќе произлезеше и некоја меѓународна соработка за значаен филмски проект.

Но, како и да е, по завршувањето на концертот во разговор со Тони, заедничката констатација беше дека за вакви културни настани треба поголема посетеност во иднина, па којзнае, можеби ќе биде услишена оваа наша покана за нивна следна музичка атракција…