Каде припаѓаме? Ова прашање го поставува документарниот филм со истоимениот наслов КАДЕ ПРИПАЃАМЕ? (Where We Belong?) на швајцарската режисерка Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd) – поетска приказна за тоа како младите се справуваат со разделбата на нивните родители – филм со кој што го започнуваме патувањето низ августовската филмска програма на Кинотеката. И, по стариот добар филмофилски обичај, тоа патување нема дестинација: битно е патувањето.

А нема подобар месец во годината создаден за патување од август, не само географски, туку и низ целолуидниот лавиринт. Со право ќе речете – „Од кај сега најдовте целолуидни ленти, нели сè е дигитализирано!?“ Секако дека е, но ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ на Кинотеката избра неколку наслови за августовската програма кои биле особен целулоиден печат на своето време, а денес ги гледаме во „блу-реј“ формат.

Тука се иконите на францускиот „нов бран“ – ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), 400 УДАРИ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо (François Truffaut), ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш (Claude Lelouch), како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови ЗВЕНИГОРА (1928), АРСЕНАЛ (1929) и ЗЕМЈА (1930).

Кога луѓето во 20-ите и 30-ите години на минатиот век говореле за Првата светска војна, тие го употребувале терминот „Големата војна“. Таа војна била најголема и најразорна дотогаш на европско тло. Несреќниците тогаш не знаеле дека следува втора „Голема војна“, уште потрагична од претходната – за да им дадат предзнак „Прва“ и „Втора“ светска војна. Филмот и уметноста – во дваесеттиот век – веќе имале напластено многу естетички вредности, па кога новото го менува старото, секогаш говориме за некој „нов бран“. Не дека старото во францускиот и европскиот филм на почетокот на втората половина на минатиот век било помалку вредно, но младите филмски критичари од „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“) под менторство на нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin), решиле да снимаат филмови наместо да ги рецензираат, во духот на Марксовата „11 теза за Фоербах“ – „Филозофите до сега само го објаснуваа светот, а се работи за тоа да го менуваат!“. Останатото е запишано на поубавите страници на историјата на француската, европската и светската кинематографија: како што „новобрановците“ црпеа инспирација, меѓу другото, и од американската „Б“ продукција, на згрозување на критичарите-пуританци – така неколку години подоцна францускиот „нов бран“ стана инспирација за новата генерација американски автори, предводена од Мартин Скорсезе и другарите.

Александар Петрович Довженко (1894–1956) е задолжителна лектира за секој филмофил. Пионер на рускиот/советскиот филм од 20те – заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволд Пудовкин и Ѕига Вертов – кои снимаат токму во најжестоките години по Октомвриската револуција, исполнети најпрвин со граѓанска војна, а потоа со внатрешни чистки на сите оние на кои била „падната голема сумња“ (цитат: Душко Костовски како „Диле Јоргачев“ во СРЕЌНА НОВА ’49 на Столе Попов). ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА се тематски различни, но се филмови со заедничка естетска нишка, и не ретко во текстовите на историчарите на филмот покрај нив задолжително стојат епитетите како „чиста поезија“, „визуелна симфонија“…

Августовската програма на Кинотеката е вистински предизвик и за музичките „гурмани“. Ако францускиот „нов бран“ ја размрда европската кинематографија во 60-ите, панкот и „новиот бран“ во 70-ите и 80-те неповторливо ја изменија музичката мапа на Европа, но и на некогашна Југославија.

Документарниот филм НОВ БРАН – 40 ГОДИНИ ПОДОЦНА (Novi val – 40 godina kasnije / New wave – 40 years later) ќе го означи почетокот на деновите на „Кроација рекордс“ (Croatia Records) во Скопје, и е своевиден вовед во тематскиот блок од неколку документарци кои се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“, по кој звучните слики на Љубљана, Загреб и Белград (делумно и Скопје) веќе никогаш не беа исти. На програмата се НЕБЕСНА ТЕМА (Nebeska tema / Celestial Theme) на Младен Матичевиќ (Mladen Matičević), СРЕЌНО ДЕТЕ (Sretno dijete / Happy child) на Игор Мирковиќ (Igor Mirković), МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 1: ЛП ФИЛМ ПАНКРТИ „ДОЛГЦАЈТ“ (Glasba je časovna umetnost 1: LP film Pankrti Dolgcajt – Music Is the Art of Time, LP Film Pankrti -No Fun) на Игор Зупе (Igor Zupe), потоа МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 2: „ПЛУКНИ И НА ВИСТИНАТА В ОЧИ“ (Glasba je časovna umetnost 2: LP film Buldožer – Pljuni istini u oči / Music Is the Art of Time 2: LP film Buldozer – Spit The Truth In The Eye) на Варја Мочник (Varja Močnik), и МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 3: ЛАЈБАХ (Glasba je časovna umetnost 3, LP film Laibach / Music is the Art of Time 3, LP film Laibach), повторно на Игор Зупе.

Блокот со музичките документарци продолжува со 55-ТО ИЗДАНИЕ ВО ЖИВО: НОВ СВЕТ (НЕ)ПОРЕДОК: ЕКО-ВОЗНЕМИРЕНОСТ И МИГРАЦИИ (Live Soundtrack 55 – New world (dis)order : Eco-anxiety and migrations), а потсетуваме и на традиционалната чалгаџиска музика со документарецот КЕИФ – МАКЕДОНСКА ЧАЛГИСКА ТРАДИЦИЈА (Keif – Macedonian chalgia tradition) на Блаже Дулев.

Кога сте на одмор, мемориите на вашите „смарт“-телефони сигурно се полни со фотографии и видеа. Ако, пак, сакате да видите како вашите сограѓани од постарите генерации си ги сочувувале спомените, тогаш документарниот филм ТАЈНИТЕ ФИЛМСКИ АРХИВИ НА ГРАДОТ – ВТОРА ПРИКАЗНА („Вардар филм“) е одлична прилика за тоа. Втората приказна од проектот „Тајните филмски архиви на градот“, со подршка на Град Скопје и во соработка со Кинотеката на Македонија, прибра 8-милиметарски ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали…

Стојан Синадинов

 

3 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
КАДЕ ПРИПАЃАМЕ?
(Where We Belong)
Документарен филм, Швајцарија
2019, 78 мин., колор, ДЦП
Режија: Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)
Сценарио: Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)
Учествуваат: Карлтон Гогел, Шеразаде Гогел, Томанс Курман (Carleton Gogel, Sherazade Gogel, Thomas Kurmann)

Поетски и интензивен документарен филм, кој ни прикажува како младите се борат со разделбата на нивните родители. Родителите се разделуваат, семејството се распаѓа. Од она што некогаш било едно сега произлегуваат два одвоени светови. Децата сега живеат меѓу два дома, во постојана транзиција. Филмот се обидува да ни ја приближи детската реалност и се фокусира на тоа колку децата се кревки, но истовремено и колку храбро, паметно и со смеа ја перципираат нивната состојба.
Филмот е номиниран за „Кристална мечка“ на филмскиот фестивал Берлинале 2019 во програмата Generation K-plus и е добитник на Young Eyes наградата на фестивалот на документарни филмови во Лајпциг.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

4 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.
БРАТ МИ БРКА ДИНОСАУРУСИ
(Mio fratello rincorre i dinosauri)
Игран филм, Италија
2019, 101 мин., колор, ДЦП
Режија: Стефано Ципани (Stefano Cipani)
Сценарио: (Fabio Bonifacci)
Улоги: Алесандро Гасман, Изабела Рагоњезе, Рози де Палма (Alessandro Gassmann, Isabella Ragonese, Rossy de Palma)

Џакомо отсекогаш сакал да има помал брат за да си игра со него, а од кога ќе се роди Џовани, неговите родители му велат дека неговиот брат е „специјално“, „посебно“ дете. Тогаш, малиот Џовани, во фантазијата на својот поголем брат се претвора во суперхерој со неверојатни моќи, исто како јунаците во стриповите. Со текот на времето, Џакомо ја дознава вистината: неговиот брат има Даунов синдром, состојба која одлучува да ја чува во тајност. Кога оди во средно училиште и се вљубува во Аријана, тој го крие постоењето на братчето од неа и неговите нови пријатели. Но, како можеш да очекуваш некој да те сака, ако криеш толку важен дел од себе? За кратко време, вистината излегува на виделина и Џакомо сфаќа дека енергијата и виталноста на малиот Џовани се заразни. Оригиналниот светоглед кој го има малото братче навистина го „менува светот“, исто како суперхероите.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

5 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
ПРОКСИМА
(Proxima)
Игран филм, Франција / Германија
2019, 107 мин., колор ДЦП
Режија: Алис Винокур (Alice Winocour)
Сценарио: Алис Винокур (Alice Winocour)
Улоги: Ева Грин, Зели Булан, Мет Дилон (Eva Green, Zélie Boulant, Matt Dillon)

ПРОКСИМА е филм за единствената жена во Европската вселенска агенција. Сара (Ева Грин) е астронаут која се обидува да балансира меѓу подготовките за долгодишен престој во Меѓународната вселенска станица и грижата за осумгодишната ќерка Стела. Филмот ги следи и релациите на главниот лик Сара со поранешниот сопруг, како и со колегата Мајк (Мет Дилон), кој почнува да се сомнева во нејзините способности да го издржи притисокот да биде астронаут. Сепак, тука е и психологот Венди, која се обидува да им помогне на мајката и ќерката да се носат со предизвиците на комплексната задача каква што е престој во вселената…

Режисерката Винокур доби три награди на филмскиот фестивал во Сан Себастијан, меѓу кои и за најдобра режија, беше номинирана и за француската национална филмска награда „Цезар“, а филмот забележа успех и на фестивалите во Торонто, Гетеборг, Мајами…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

6 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
KРАДЦИ
(Manbiki kazoku / Shoplifters)
Игран филм, Јапонија
2018, 121 мин., колор, ДЦП
Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)
Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)
Улоги: Лили Франки, Сакура Андо, Кирин Кики (Lily Franky, Sakura Andô, Kirin Kiki)

Филмот третира комплексна проблематика: сторијата го прати сиромашното семејство Шибата кое се занимава со кражби по „шопинг-центри“, а главни во тоа се Осама и неговиот син Шота. Шибата живеат во сиромаштија, во мал стан во Токио. Таткото и синот повремено заработуваат работејќи слабо платени физички работи, а почесто крадат за да преживеат и да се прехранат. Тие се уверени дека не прават ништо „лошо“, бидејќи да се украде она што не е купено – и никому не му „припаѓа“ – не е голем грев. Животот ќе им се промени кога ќе го пронајдат напуштеното девојче Јури, и кога тоа стане нов член на семејството Шибата. Девојчето добива ново име, Лин, и ќе биде вклучена во кражбите. Но, сепак, членовите на семејството Шибата не се само ситни крадци: некои од нив прават и тежок криминал. Како што полека се откриваат тајните на нивните (зло)дела – дури и убиство – така приказната оди кон нејзиниот неочекуван крај…

KРАДЦИ беше еден од номинираните наслови за „Оскар“ за најдобар странски филм. Филмот на мајсторот Корееда има освоено уште педесеттина други номинации за награди и признанија по светските фестивали.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

9 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ХАОС
(Capharnaüm / Chaos)
Игран филм, Либан / САД / Франција / Катар
2018, 126 мин., колор, ДЦП
Режија: Надин Лабаки (Nadine Labaki)
Сценарио: Надин Лабаки, Џихад Хоџеили (Nadine Labaki, Jihad Hojeily)
Улоги: Заин Ал Рафија, Јорданос Шифероу, Болуватифе Трежр Банколе (Zain Al Rafeea, Yordanos Shiferaw, Boluwatife Treasure Bankole)

ХАОС е приказна за либанското момче Заин, кое ги „обвинува“ родителите затоа што му дале живот. Заин е момче кое бега од своите несовесни родители и се обидува да преживее на улица. Попатно, тој дури и се грижи за една бегалка од Етиопија и нејзиното дете. ХАОС е снимен со непрофесионални актери кои играат ликови чии животи се тесно поврзани со нивните. Снимајќи по сопствено сценарио, Лабаки ги поставува натуршчиците во реални сцени каде што реагираат спонтано, со свои зборови и гестови. Авторката во име на реалноста го адаптирала сценариото според изведбите на ликовите. Ситуиран во општество на кое му недостасува човечност, ХАОС сепак трага по надеж за неговите протагонисти…

ХАОС ја доби Големата награда на жирито на Канскиот фестивал во 2018 година. Филмот на Лабаки освои и номинации за најпрестижните награди, „Оскар“, БАФТА и „Златен глубус“, а учествуваше и беше наградуван на повеќе од 30 светски фестивали.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ

10 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ТАЈНИТЕ ФИЛМСКИ АРХИВИ НА ГРАДОТ – ВТОРА ПРИКАЗНА
Документарен филм, Македонија
2021, 50 мин., црно-бел/колор, ДЦП

НУФЦ „Вардар Филм – Скопје“ и Катерина Габунија (како автор на проектот) ја реализираа и втората сезона од проектот наречен „Тајните филмски архиви на градот“, со подршка на Град Скопје и во соработка со Кинотеката на Македонија. Проектот се состои од прибирање на 8-мм ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали. На овој начин, тие ќе ги зачуваат своите спомени и ќе бидат дел од втората приказна на Тајните архиви.

Филмската лента има свој „век“ на траење и единствен начин да се зачуваат материјалите би биле преку дигитализација на истите. По процесот на дигитализација, се преминува кон монтажа на краток документарец за Скопје. Целта е да се соберат материјали на кои моќе да се види Стара Чаршија, Кале, Кермес, Дебар Маало, да се ѕирне во приватниот, интимнинот живот на граѓаните на Скопје од пред 30, 40, 50 години…

Граѓаните кои имаат снимени аматерски филмови на 8-мм ленти ги предаваа своите материјали во „Вардар Филм“, а потоа преку изборот на Катерина Габунија, истите беа дигитално обработувани во Кинотеката на Македонија. Тон-мајстор е Сашко „Потер“ Мицевски, а наратор Дарко Ристевски.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

10 АВГУСТ (ВТОРНИК), 21:00 ч.
ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ
(À bout de souffle / Breathless)
Игран филм, Франција
1960, 90 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard)
Сценарио: Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо, Клод Шаброл (Jean-Luc Godard, François Truffaut, Claude Chabrol)
Улоги: Жан-Пол Белмондо, Џин Сиберг, Даниел Буланже, Анри-Жак Уе (Jean-Paul Belmondo, Jean Seberg, Daniel Boulanger, Henri-Jacques Huet)

Мишел (Белмондо) е млад гангстер и бунтовник кој вози украден автомобил со голема брзина поради што го брка полициска потера. Притоа, тој убива еден полицаец, а потоа заминува во Париз каде се прикрива кај познаници. Таму ја среќава Американката Патриша (Сиберг) и се сместува во нејзината хотелска соба. Во меѓувреме, весниците известуваат за убиството на полицаецот, полицијата го идентификува Мишел како сторител и започнува потрага по него. Еден случаен минувач на улицата го препознава Мишел и го пријавува и полицијата, која ја испрашува Патриша. Таа успева да му побегне на полицискиот агент (Буланже) и го предупредува Мишел. Тој краде неколку автомобили, а потоа се среќава со Антонио (Уе) кој треба финансиски да му помогне да побегне во Рим. Мишел и Патриша се кријат во еден стан, но Патриша се јавува во полицијата и потоа му кажува на Мишел дека го предала. Иако има можност да побегне, Мишел решава да остане. Полицијата пристигнува во мигот кога Антонио му ги предава парите на Мишел и пука во него. Смртно ранет, Мишел трча по улицата, следен од Патриша…

ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ е еден од најмаркантните наслови на францускиот „нов бран“, чие сценарио го потпишува феноменалната тројка автори Годар, Трифо и Шаброл, најзначајните изданоци на естетиката на списанието „Cahiers du Cinéma “ („Филмските тетратки“) и нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin). Филмот бил награден со „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал (за режијата на Годар) и е сметан за еден од иконичните наслови на 60-ите години, кој извршил огромно влијание на подоцнешните филмски автори.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
11 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.
400 УДАРИ
(Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows)
Игран филм, Франција
1959, 99 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)
Сценарио: Франсоа Трифо, Марсел Моси (François Truffaut, Marcel Moussy)
Улоги: Жан-Пјер Лео, Клер Морие, Албер Реми, Ги Декомбл (Jean-Pierre Léaud, Claire Maurier, Albert Rémy, Guy Decomble)

Антоан (Лео) е 14-годишно дете, лош ученик и повеќе сака да се забавува отколку да ги исполнува ученичките и домашните обврски. Неговите родители често се отсутни од дома, а Антоан е на мета на строгиот наставник по француски јазик. Еден ден, наместо да оди на училиште, тој шета низ градот при што ја здогледува својата мајка (Морие) како се бакнува со друг човек. Поради тоа, тој бега од дома, а неговиот најдобар другар му помага да преноќи во една печатница. Кога се враќа дома, неговите родители се обидуваат да го поправат односот кон него и тој минува една забавна вечер со нив, но неговата среќа трае кратко, затоа што набргу потоа мајка му и очувот (Реми) продолжуваат со своите караници. Антоан повторно бега од дома и притоа ја краде машината за пишување од канцеларијата во која работи очувот. Бидејќи не може да ја продаде машината, се обидува да ја врати назад, но чуварот го открива и го пријавува кај очувот. Тој го пријавува Антоан во полиција, а потоа родителите одлучуваат да го испратат детето во поправен дом. Еден ден го посетува мајка му, која му соопштува дека нема да го примат назад дома, и тогаш Антоан решава да побегне од поправниот дом…

Трифо инспирацијата за сторијата ја црпел од сопственото несреќно детство, а филмот му го посветил на својот гуру, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin), кој починал непосредно пред Трифо да го сними филмот. 400 УДАРИ е уште едно амблематско дело на францускиот „нов бран“, и е прв дел од своевидниот циклус на Трифо за авантурите на Антоан Доинел, сочинет од краткиот АНТОАН И КОЛЕТ (1962), УКРАДЕНИ БАКНЕЖИ (1968), ЗАЕДНИЧКА МАСА И ПОСТЕЛА (1970) и ЉУБОВ ВО БЕГСТВО (1979), во кој главен протагонист е актерот Жан-Пјер Лео (настапувал и кај Жан-Лик Годар, Бернардо Бертолучи, Аки Каурисмаки…).

Филмот добил десетина награди, меѓу нив и три награди на Канскиот филмски фестивал („Златна палма“ за најдобар филм, за најдобар режисер, како и наградата OCIC), додека во 1960 година бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобро сценарио.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
11 АВГУСТ (СРЕДА), 22:00 ч.
Филмски новости: Приказни од Македонија

12 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
МАРЕ
(Mare)
Игран филм, Швајцарија / Хрватска
2020, 84 мин., колор, ДЦП
Режија: Андреа Штака (Andrea Štaka)
Сценарио: Андреа Штака (Andrea Štaka)
Улоги: Марија Шкаричиќ, Горан Навојец, Матеуш Кошчукиевич, Мирјана Карановиќ, Ивана Рошчиќ (Marija Škaričić, Goran Navojec, Mateusz Kosciukiewicz, Mirjana Karanović, Ivana Roščić)

Рутински, но со посветеност, Маре го води скромното домаќинство на своето мало семејство во Конавле, покрај аеродромот Ќилипи крај Дубровник, иако новата машина за перење не е единственото што недостасува. Со сопругот Ѓуро имаат три деца и навидум складен брак. Но, Маре е незадоволна жена, маж ѝ боледува од пострауматски воен синдром, децата се во бурен пубертет. Маре е невработена и зависи од примањата на сопругот. Кога случајна средба ќе го разгори нејзиното либидо, таа не се воздржува долго. Во соседната куќа се доселува Пјотр, градежен работник од Полска, и Маре ќе се впушти во сексуална врска со него, без обврски. Но, дали токму без никакви обврски? Нејзиното секојдневие се менува и Маре сè повеќе ја запознава непознатата жена во себе…

Шкаричиќ ги освои наградите за најдобра актерка на филмските фестивали во Сараево и во Пула за насловната улога во МАРЕ, а авторката Штака имаше три номинации за националните филмски награди на Швајцарија, нејзината родна земја.

Возрасна Категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
12 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА
(Un homme et une femme / A Man and a Woman)
Игран филм, Франција
1966, 102 мин., колор, блуреј
Режија: Клод Лелуш (Claude Lelouch)
Сценарио: Клод Лелуш, Пјер Ујтерховен (Claude Lelouch, Pierre Uytterhoeven)
Улоги: Анук Еме, Жан-Луј Трентињан, Пјер Барух, Валери Лагранж (Anouk Aimée, Jean-Louis Trintignant, Pierre Barouh, Valérie Lagrange)

Жан-Луј Дурок (Трентињан) е возач на тркачки автомобили. Ан Готје (Еме) работи како супервизор на сценарија. И двајцата се на возраст од триесеттина години, неодамна останале вдовци и имаат по едно мало дете. Жан-Луј и Ан случајно ќе се запознаат кога ќе ги донесат децата во интернат во гратчето Довил. Ан ќе го испушти возот, па Жан-Лу ќе и понуди превоз со неговиот автомобил до Париз. Разговараат за нивните животи и кариери, за починатите брачни партнери. Заедничките моменти им будат пријатни чувства, се спријателуваат и стануваат љубовници. Меѓутоа, најголема пречка во нивните односи е неможноста на Ан да се ослободи од минатото и сеќавањата на сопругот. За неа, тој е сè уште жив и во нејзиното срце нема место за Жан-Луј…

ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА е најпознатиот филм на Лелуш, изданок на „герилската“ естетика на францускиот „нов бран“. Лелуш немал формално филмско образование, бил самоук и првите филмови сам ги режирал, финансирал, монтирал и глумел во нив. ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА е негов петти наслов и прв успех, но фасцинантен: во 1966 ја освојува „Златната палма“ во Кан, а наредната година и „Оскарите“ за најдобар странски филм и најдобро сценарио. Лелуш со овој филм ја освои и наградата на Британската филмска акадмеија „БАФТА“ и уште десетина други награди. Во 2008 г. беше гостин на првото издание на Фестивалот на францускиот филм во Охрид, каде што ја прими наградата за посебен придонес во светската кинематографија.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
13 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

Предавање на Аресниј Книазков, филмски истражувач од Довженко центарот од Киев, Украина – „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“
Lecture by Arsenii Kniazkov, film researcher from Dovzhenko Centre – “History of Ukrainian cinema: From Dovzhenko to Dovzhenko Centre”

13 АВГУСТ (ПЕТОК), 21:00 ч.
ЗВЕНИГОРА
(Звeнигopа / Zvenyhora)
Игран филм, Украина
1928, 109 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Михаил Јогансон, Јури Тјутјуник, Александар Довженко (Mikhail Ioganson, Yuri Tyutyunik, Alexander Dovzhenko)
Улоги: Георги Астафјев, Николај Надемски, Семјон Свашенко, Алексадар Подорожниј (Georgi Astafyev, Nikolai Nademsky, Semyon Svashenko, Aleksandr Podorozhnyy)

ЗВЕНИГОРА е нем филм на еден од пионерите на советската монтажна филмска школа, Александар Довженко. Сторијата на ЗВЕНИГОРА говори за потрагата по закопаното богатство на планината, која е симболична рамка за големата историска тема на филмот – историјата на Украина од времето на Варагите (словенски назив за викиншките освојувачи во Средниот век на подрачјето на Русија, Украина, Белорусија и Византија) па сè до почетокот на граѓанската војна во Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција во 1917 година. Во добропознатиот документаристички манир на Довженко во пионерското доба на кинематографијата, авторот во ЗВЕНИГОРА користи автентични локации за прикажување на дејствието и учество на обичните украински селани во филмските улоги. ЗВЕНИГОРА е првиот дел од трилогијата на Довженко посветен на неговата родна земја Украина – во која спаѓаат и АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА – и се смета за еден од највлијателните филмови во советската кинематографска ера.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
14 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.
АРСЕНАЛ
(Арсенал / Arsenal)
Игран филм, Украина
1929, 70 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Улоги: Семјон Свашенко, Георги Хорков, Амвросиј Бучма (Semyon Svashenko, Georgi Khorkov, Amvrosi Buchma)

Познат и под насловот ЈАНУАРСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КИЕВ 1918 (Январское восстание в Киеве в 1918 году / January Uprising in Kyiv in 1918) е вториот дел од украинската трилогија на Довженко. Сторијата ги прикажува бурните настани во Киев за време на Октомвриската револуција и почетокот на граѓанската војна во Украина. Киевските бољшевици дигнале востание против нововоспоставената украинска националистичка влада, но тоа било неуспешно. Тимош (Свашенко) е демобилизиран војник на царската војска кој се враќа дома, преживувајќи ја железничката несреќа, и кој им се приклучува на востаниците. Довженко го снимал филмот на автентични локации две години, а морал да се брани и од нападите кон неговиот претходен филм ЗВЕНИГОРА, од комунистичките гласила оценет како националистички (украински) филм. Самиот Довженко десет години пред снимањето на филмот како припадник на националната украинска војска учествувал во гушењето на комунистичкото востание, па АРСЕНАЛ се толкува двојно: како намера на Довженко да ја придобие наклоноста на владејачката советска комунистичка партија (или барем да го намали анимозитетот кон него), иако неговиот пацифизам не бил дочекан со преголемо одобрување кај владејачките структури; но АРСЕНАЛ стои и како едно од неговите најкомплетни и најзрели остварувања. Како и да е, неговиот филм АРСЕНАЛ (покрај филмот ЗЕМЈА) – е зенитот на неговото филмско творештво. Иако критикуван – пацифизмот на Довженко, пластично прикажан во АРСЕНАЛ низ апсурдностите на војната, бил инспирација за подоцнешните пацифистички сентименти во филмовите на Жан Реноар (Jean Renoir) и Стенли Кјубрик (Stanley Kubrick).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
14 АВГУСТ (САБОТА), 22:00 ч.
ГАЛИЧНИК
(Galichnik)
Документарен филм, Македонија
1940, 15 мин, ДЦП
Режија: Сифрид Миладинов

ГАЛИЧНИК е еден од бисерите на кинотечниот архив. Овој филмски, етнографски и историски раритет е снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор, од страна на Сифрид Миладинов – кумановчанец, професионален фотограф и филмаџија-аматер, човек со многу интереси.

Во 16 кратки но скапоцени минути ќе погледнете како изгледале Галичник, Галичката свадба и нашите претци пред 80 години, и тоа низ кадри во боја, што било многу ретко за тоа време. Можеби некој од Вас и ќе си препознае прадедо, пра-прабаба, стара семејна куќа, носија, сокаче, порта. Филмот на Миладинов е посебна можност да погледнете во минатото преку автентични, оригинални снимки, иако истите се без звучен запис. Патем, на семејството Миладинови од Загреб, потомците на мајстор Сифрид, им благодариме што пред повеќе години го депонираа овој нем филмот во нашиот национален филмски архив – Кинотеката.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
16 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ЗЕМЈА
(Земля / Earth)
Игран филм, Украина
1930, 75 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Улоги: Семјон Свашенко, Степан Шкурат, Јулија Солнцева (Semyon Svashenko, Stepan Shkurat, Yuliya Solntseva)

Дејствието на „филмската поема“ ЗЕМЈА на Довженко, како што филмските историчари го квалификуваат третиот дел од неговата трилогија посветена на историјата и политичката современост на Украина во триесеттите години од минатиот век, се случува во периодот на колективизацијата. Понесени од новата комунистичка идеологија која пропагирала „фабриките на работниците, земјата на селаните“, група „комсомолци“ (КОМСОМОЛ – Коммунистический Союз Молодёжи / Комунистички сојуз на младината) формира „колхози“, земјоделски задруги. Нив ги предводи младиот Василиј, а формирањето „колхози“ наидува на жесток отпор кај „кулаците“, побогатите сопственици на земјоделското земјиште. ЗЕМЈА е полн со натуралистички мотиви од секојдневието на украинските селани, и филмот на Довженко повторно наишол на поделени мислења кај властите: некои го примиле со воодушевување, други со критики. Цензорите исекле неколку сцени кои не биле во духот со тогашната идеологија (работници уринираат во прегреаниот мотор на тракторот за да го оладат; девојка гола го оплакува убиениот вереник), но филмот имал голем успех во странство. Бил прикажан на првото издание на Венецијанскиот филмски фестивал во 1932, а на светската изложба EXPO 1958 во Брисел, Белгија, еминентно жири составено од водечки филмски критичари и историчари го вброило ЗЕМЈА меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња. ЗЕМЈА на Довженко се смета за последниот голем и значаен нем филм во советската кинематографија.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ
16 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 22:00 ч.
СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА
(With the Greeks in the Firing Line)
Документарен филм, Германија / Франција
1913, 80 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler)

Во 1913 година, грчката влада нарачала документарни филмови (филмски новости) како дел од нејзините дипломатски напори да добие поповолна позиција кај големите сили во врска со дефинирање на статусот на освоените македонски територии за време на Првата и Втората балканска војна (1912-1913), кои дотогаш биле под власта на Османлиското царство. Почнувајќи од крајот на 1913 година, овие филмови имале меѓународна дистрибуција, вклучително и САД. Најприкажуван бил филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА – познат и под насловот СО КАМЕРАТА НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Camera on the Firing Line) – кој во САД започнал со прикажување на почетокот на 1914 година. Филмот бил нарачан кај компанијата „Express Films“ од Германија, а продуцент е Чери Кертон (Cherry Kearton). Филмскиот автор Швабталер (целосно име Isidor Robert Schwobthaler), во 1913 година добил дозвола од грчкиот крал Константин Први да патува со својата камера низ грчките воени позиции и да ги снима нивните активности. Швабталер за време на летото 1913 престојувал во клисурата Кресна (Kresna Gorge), меѓу Малешевијата на запад и Пирин на исток, по битката од 25 до 30 јули меѓу грчката и бугарската војска во Втората балканска војна, која се водела за превласт и окупација на македонската територија, и ги снимал логистичките операции на грчката војска, згрижувањето на ранетите и погребувањето на загинатите војници. Долго време се мислело дека овој документарец е изгубен, но точно сто години по неговото снимање, врз основа на 35-милиметарска нитратна копија од американската дистрибуција на филмот, Архивот за филм и телевизија на Универзитетот на Калифорнија од Лос Анџелес (UCLA Film and Television Archive), во 2013 го реставрираше и го дигитализираше овој филм. Повторното откривање на СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА воспоставува нова точка на потеклото на долгометражниот воен филм како жанр, чие етаблирање досега беше датирано со Првата светска војна.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

17 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
НОВ БРАН – 40 ГОДИНИ ПОДОЦНА
(Novi val – 40 godina kasnije / New wave – 40 years later)
Документарен филм, Хрватска
2021, 101 мин., колор, ХД

Во чест на четири децении од објавувањето на култниот албум „Пакет аранжман“, но и серија други албуми, кои му припаѓаат на движењето познато како „новиот бран“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ на групата „Шарло Акробата“, деби-проектите на Електрични оргазам и Хаустор – најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ на почетокот на оваа година го реализираше филмот НОВ БРАН – 40 ГОДИНИ ПОДОЦНА на авторот Никола Кнежевиќ, музички уредник во „Кроација рекордс“. Кнежевиќ, заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радио-водителка на „Београд 202“), за таа пригода направија серија интервјуа со главните актери кои беа дел од приказната – новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи – и со помош на CMC Телевизија направија филм со времетраење од 101 минута.

По проекцијата на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на летната сцена на Кинотеката, Никола Кнежевиќ, заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија, ќе имаат трибина на која ќе зборуваат за значењето на „Новиот бран“ на овие простори, затоа што интересот на публиката и по 40 години не се намалува. До сега филмот беше претставен во Белград, на „Мартовскиот фестивал“ и на фестивалот „Док’ен’ритам“ (Doc’n’rhythm), како и во Крагуевац, во рамките на „Арсенал фест“.

На 18 август, на прва промоција на „Кроација рекордс“ во Скопје, по цели 30 години ќе биде претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „новиот бран“, „Indeksi – Modra rijeka / Индекси – Модра река“, како и компакт-дискот „Zafir pjeva, Makedonija pjeva / Зафир пее, Македонија пее“, кој беше објавен минатата година за „Југотон Кроација рекордс“, но заради „пандемијата со корона вирусот“ не можеше да биде претставен на јавноста. Во меѓувреме, големиот поет, актер и музичар Зафир Хаџиманов почина, но остана аманетот – албумот објавен на компакт-диск (винилот е од 1986 година), да биде промовиран во неговото Скопје.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

18 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
НЕБЕСНА ТЕМА
(Nebeska tema / Celestial Theme)
Документарен филм, Србија
2019, 108 мин., колор, ХД
Режија: Младен Матичевиќ (Mladen Matičević)
Сценарио: Младен Матичевиќ (Mladen Matičević)
Учествуваат: Момчило Бајага Бајагиќ, Светозар Цветковиќ, Дина Ѓуровиќ Давичо, Стеван Дивљан, Срѓан Гиле Гојковиќ, Душан Којиќ, Зденко Колар, Дарко Рундек (Momčilo ‘Bajaga’ Bajagić, Svetozar Cvetković, Dina Djurović Davičo, Stevan Divljan, Srdjan ‘Gile’ Gojković , Dušan Kojić, Zdenko Kolar, Darko Rundek)

Документарен филм за животот и делото на Владимир Дивљан (Vladimir Divljan), или Влада Дивљан, најпознат како фронтмен на српскиот и ексјугословенски рок бенд „Идоли“, еден од рок-бендовите што го започнаа југословенскиот нов бран на културната сцена во поранешна Југославија во 1980-тите. Дивљан (Белград, 1958 – Виена, 2015) со музика започна да се занимава кон крајот на седумдесеттите во групите „Мерлин“ и „Звук улице“, а од 1980 до 1984 е предводник на „Идоли“. Потоа ја продолжи самостојната кариера, најчесто во поп-рок жанрот, а компонираше и филмска музика: темата „Баба Зумбула“ (композитор Кирил Џајковски) од филмот БАЛ-КАН-КАН (2005) на Дарко Митревски со вокалот на Дивљан стана култна песна на неколку генерации. На почетокот на деведесеттите Дивљан замина во Австралија, каде што специјализирал дизајн на звук, во 1997 се врати во Белград, а од 1999 до смртта неговата постојана адреса беше Виена. Беше и чест гостин во Македонија со своите концерти.

Документарецот за Влада Дивљан, насловен според неговата елегична песна, е меѓу првите – и еден од ретките до сега – филмски проекти финансиран по принципот на „crowdfunding“, односно преку финансиски донации извршени „онлајн“, од страна на голем број фанови на ликот и делото на Дивљан.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

19 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КЕИФ – МАКЕДОНСКА ЧАЛГИСКА ТРАДИЦИЈА
(Keif – Macedonian chalgia tradition)
Документарен филм, Македонија
2019, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Блаже Дулев
Сценарио: Ристо Солунчев
Учесници: Боривоје Џимревски, Душко Димитровски, Симон Шахин, Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Тасо Велешка Чалгија, Димо Дулот, Вефки Амедов, Раим Баки, Џенгис Ибраим…

Македонската чалгија е вкоренета во музичкиот код на многу генерации. Оваа музика претставува основа и структура за многу современи музички форми и исто така претставува карактеристичен феномен што го спојува фолклорот со наследството на музичката традиција на Истанбул, т.е. со византиската црковна музика и со класичната отоманска во еднo, кореспондирајќи со осмогласието и макамскиот систем. Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и на турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации. Филмот го следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и, секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

20 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
СРЕЌНО ДЕТЕ
(Sretno dijete / Happy child)
Документарен филм, Хрватска
2003, 97 мин., колор, ХД видео
Режија: Игор Мирковиќ (Igor Mirković)
Сценарио: Игор Мирковиќ (Igor Mirković)
Учествуваат: Дарко Рундек, Мирко Илиќ, членови на групите „Азра“, „Филм“, „Хаустор“, „Електрични оргазам“, „Идоли“, „Панкрти“ (Darko Rundek, Mirko Ilić, „Azra“, „Film“, „Haustor“, „Električni orgazam“, „Idoli“, „Pankrti“)

Документарниот филм на Мирковиќ, продуциран од хрватскиот режисер со повремена американска адреса Рајко Грлиќ (Rajko Grlić), е носталгичен приказ на авторот на појавата на панкот и „новиот бран“ во Хрватска и некогашна Југославија кон кракот на 70-ите и почетокот на 80-ите години на минатиот век.

Филмот на Мирковиќ, во манир на расен „рокументарец“, содржи раритени интервјуа и снимки со членовите на најпознатите рок-панк бендови од тој период од Загреб и Белград, кои беа епицентрите на новиот музички бран: „Азра“, „Филм“, „Хаустор“, „Електрични оргазам“, „Идоли“, „Панкрти“. Филмот го добил насловот според песната од деби-албумот на бендот „Прљаво казалиште“ (Prljavo kazalište). Оригиналната музика од филмот ја доби наградата „Порин“ во Хрватска за најдобар компилациски албум во 2005, а режисерот ја доби наградата „Октавијан“ за најдобар документарец на Деновите на хрватскиот филм во 2004.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

21 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.
ДЕНОТ ДА Е РАДОСЕН
(A day to be happy)
Документарен филм, Македонија
2014, 65 мин., колор, ХД
Режија: Љубица Поповска (Ljubica Popovska)
Сценарио: Љубица Поповска (Ljubica Popovska)

Музички документарен филм за бендот „Културно Уметнички Работници“ („Cultural Art Workers“). Постојано наоколу се потенцира прашањето дали е панкот мртов? Што е панк и дали овој или оној е доволно панк? “Денот да е радосен” е филм во вид на доказ за постојаното инаетење на неколку музички поединци да нe навлезат во кошот наречен музика за некаква намена, со некаков жанр, за некаква цел, за некаков надоместок.
Преку бендот „Културно Уметнички Работници“ како главни протагонисти во овој документарен филм се открива една интимна конверзација на дел од најбитните ликови на македонската алтернативна музика.
Какво е значењето на терминот сват? Колку е позначаен денот четврток од сите други во неделата и кој во бендот е одговорен за туршија, а кој за ракија низ 15те години музицирање. Едно е сигурно: дека во КУР е лесно да се влезе, ама е потешко да се излезе.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

23 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 3: ЛП ФИЛМ ЛАЈБАХ
(Glasba je časovna umetnost 3: LP film Laibach / Music is the Art of Time 3: LP film Laibach)
Документарен филм, Словенија
2018, 52 мин., колор, ДЦП
Режија: Игор Зупе (Igor Zupe)
Сценарио: Игор Зупе, Игор Башин (Igor Zupe, Igor Bašin)
Учествуваат: членовите на „Лајбах“, Дејан Кнез, Иван Новак, Андреј Лупинц, Милан Фрас, Игор Видмар, Драган Живадинов (Laibach, Dejan Knez, Ivan Novak, Andrej Lupinc, Milan Fras, Igor Vidmar, Dragan Živadinov)

Филм за првиот официјален домашен албум на „Лајбах“ од 1985 година. Иако во тоа време името на бендот беше политички забрането во Словенија и СФР Југославија (Laibach е германското име за Љубљана користено за време на нацистичката окупација во Втората светска војна), винилната плоча беше објавена без име и наслов. Црниот крст на корицата и онака беше доволен за провокација и реакција на политичкиот естаблишмент: „Лајбах“ остана најверојатно најконтроверзниот арт-бенд (како дел од политичко-уметничкото движење „Neue Slowenische Kunst“ / „Нова словенечка уметност“) до ден денешен, со неговиот специфичен стил „Laibach Kunst“. Документарецот на Зупе се концентрира на првите пет круцијални години од постоењето на бендот чии членови се прокламираа како „инженери на човековата душа“, иронизирајќи го социјалистичкиот реализам во уметноста и културата на некогашна Југославија по Втората светска војна, и потсетува на улогата на некогашниот фронтмен на групата Томаж Хостник (Tomaž Hostnik (1961–1982).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

23 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.
МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 1: ЛП ФИЛМ ПАНКРТИ – „ДОЛГЦАЈТ“
(Glasba je časovna umetnost 1: LP film Pankrti – Dolgcajt / Music Is the Art of Time1: LP Film Pankrti – Boredom/No-Fun)
Документарен филм, Словенија
2006, 47 мин., колор, ДВД
Режија: Игор Зупе (Igor Zupe)
Сценарио: Игор Зупе, Игор Башин, Барбара Келбл (Igor Zupe, Igor Bašin, Barbara Kelbl)
Учествуваат: Владимир Арсенијевиќ, Марин Росиќ, Борис Цибеј, Стане Сушник, Мојца Хочевар (Vladimir Arsenijević, Marin Rosić, Boris Cibej, Stane Sušnik, Mojca Hočevar)

Документарецот на Зупе ја раскажува приказната за времето кога музиката имала моќ да го промени светот. Тоа е приказна за деби-албумот „Dolgcajt“ (на англиски преведуван како No Fun) во траење од 36 минути и 6 секунди. „Панкрти“ 1978 и 1979 година со енергичните концерти и песните „Убави и празни“, „Тотална револуција“, „Кои се тие луѓе“, „На линија сум“, „Метка“, „Леб и игри“ (Lepi in prazni, Totalna revolucija, Kdo so ti ljudje, Jest sm na liniji, Metka, Kruha in iger) и други влијаеја пресудно на трендовите на југословенската рок сцена, посебно во Загреб и Белград. Во сивилото на социјалистичкото секојдневие, „Панкрти“ го издадоа првиот панк-албум зад „Железната завеса“ која ги делеше европскиот Исток и Запад, а СФР Југославија беше „нешто помеѓу“. „Dolgcajt“ (или „Здодевност“; на словенечки: dosada, на англиски: boredom) е издаден на Денот на словенечката култура во 1980 година. Продадени се 11.000 примероци од албумот, а државниот издавач ЗКП РТВ од Љубљана (ZKP RTV – Založba kaset in plošč RTV / Publishing and Record Label RTV) никогаш повеќе не го објави. Албумот на „Панкрти“ влијаеше на цели генерации музичари и неговото издание сè уште е една од пресвртниците на словенечката музика.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

24 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 2: ЛП ФИЛМ БУЛДОЖЕР – „ПЛУКНИ Ѝ НА ВИСТИНАТА В ОЧИ“
(Glasba je časovna umetnost 2: LP film Buldožer – Pljuni istini u oči / Music Is the Art Of Time 2: LP film Buldozer – Spit The Truth In The Eye)
Документарен филм, Словенија
2017, 52 мин., колор, ДЦП
Режија: Варја Мочник (Varja Močnik)
Сценарио: Игор Башин, Барбара Келбл (Igor Bašin, Barbara Kelbl)
Учествуваат: Јелена Ашчич, Иван Лотрич, Марко Брецељ, Борис Беле, Јернеј Дирнберк (Jelena Aščič, Ivan Lotrič, Marko Brecelj, Boris Bele, Jernej Dirnberk)

Во документарниот филм на Варја Мочник, членовите на поранешната словенечка (од југословенската ера) рок-група „Булдожер“, нивните пријатели и обожаватели се сеќаваат на времето на објавување на деби-албумот на групата „Плукни ѝ на вистината в очи“ (Pljuni istini u oči) од 1975 година. Нивните сеќавања се испреплетуваат со измислени сцени, дизајнот на лонг-плеј плочите, архивски снимки и анимации, за на крај да се спојат во инвентивен, надреалистички филм кој не зборува само за легендарниот албум, туку и за општеството и реалноста од тоа време…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

27 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

28 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.
СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

30 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
55-ТО ИЗДАНИЕ ВО ЖИВО – НОВ СВЕТСКИ (НЕ)ПОРЕДОК: ЕКО-ВОЗНЕМИРЕНОСТ И МИГРАЦИИ
(Live Soundtrack 55 – New world (dis)order : Eco-anxiety and migrations)
Документарен филм, Србија
2021, 60 мин., колор, блуреј

„Live Soundtrack“ е настан/перформанс со филмска музика, основан во Белград. Преку прикажување на ретко видени наслови од кратки, експериментални филмови и анимации од целиот свет, оваа група на музичари од електронско, амбиентално и електро-акустично милје, со преку повеќе од 50 настани во периодот помеѓу 2014 и 2020 стана извор на постојана поддршка за независната сцена. Во 2021 година, „Live Soundtrack“ ја започна новата сезона на настапи со прикажување на филмови избрани преку отворен повик за неми филмови преку платформата „Film Freeway“ и во моментов се на регионална турнеја.

55-ТО ИЗДАНИЕ ВО ЖИВО: НОВ СВЕТСКИ (НЕ)ПОРЕДОК: ЕКО-ВОЗНЕМИРЕНОСТ И МИГРАЦИИ има за цел да ги расветли огромните проблеми и катастрофи предизвикани во ерата на Антропоценот (војна, глад, миграции, еколошки катастрофи, вирусни болести, нарушување на еколошката рамнотежа, последиците од климатските промени, итн.), преку слики на апокалиптични пејзажи како метафоричен јазик во поновите неми и анимирани филмови. Некои од најдобрите скопски звучни артисти и амбиентални музичари ќе учествуваат во создавањето звук за овој аудио-визуелен циклус и перформанс.

Програмата ќе ја презентира Марко Миличевиќ, програмски менаџер и куратор на настанот, а учествуваат музичарите од Kajaq [RS].

Филсмката програма ги содржи насловите:
Julien Guiol – Origin of the End of the World (France, 2019, 14’)
Olga Guse – The Pray (Germany, 2021, 4’)
Anna Faroqhi & Hain Peretz– Lana’s Story (Germany, 2017. 12’)
Vanessa Cardui – Green Thread (Germany, 2020, 6’)
Can Yesiloglu – No! (Turkey, 2021, 2’)
Siavash Eydani – The Note (Iran, 2020, 4’)
Manne – The Seagull (Armenia, 2020, 20’)

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

31 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ГОРЕЊЕ
(Beoning / Burning)
Игран филм, Јужна Кореја / Јапонија
2018, 148 мин., колор, ДЦП
Режија: Чанг-донг Ли (Chang-dong Lee)
Сценарио: Џунгми Ох, Чанг-донг Ли (Jungmi Oh, Chang-dong Lee)
Улоги: Ах-Ин Ју, Стивен Јеун, Џонг-сео Џун (Ah-In Yoo, Steven Yeun, Jong-seo Jun)

Доставувачот Јонгсу е тргнат да заврши некоја работа кога налетува на Хаеми, девојка што порано живеела во неговата населба. Хаеми го замолува да се грижи за нејзината мачка додека таа е на пат во Африка. Откако ќе се врати, таа го запознава Јонгсу со еден енигматичен и богат млад човек што се вика Бен, кого го сретнала за време на патувањето. И така еден ден Бен му кажува на Јонгсу за своето крајно необично хоби…

Режисерот Чанг-Донг Ли маестрално ја раскажува приказната за одмаздата, социјалните разлики и менталното здравје без многу зборови. ГОРЕЊЕ ја доби наградата на интерационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ на Канскиот фестивал во 2018, а доби педесеттина награди и признанија и двојно повеќе номинации на триесеттина фестивали во светот. ГОРЕЊЕ беше победник на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола во 2018 година: јужнокорејскиот кинематографер Кјонг-Пио Хонг, во конкуренција на 12 филмови во официјалната програма, ја доби „Златната камера 300“.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари