1 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

7 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

8 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

15 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

20 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ

(Luckiest Man in the World)

Игран филм, С. Македонија / Хрватска / Црна Гора

2022, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragic)

Улоги: Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска (Jelena Kordic Kuret, Adnan Omerovic, Labina Mitevska)

 

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ е филм кој, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризирано со снајперски истрели со огромен број невини жртви.

Сценариото за овој филм Татарагиќ го пишувала според интимен вистински настан и говори за Асја, четириесетгодишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Зоран на почетокот од војната е мобилизиран од српската војска и му е тутната пушка в рака. Пукал во една девојка која била во нејзиниот стан и десетици години подоцна сака да дознае дали неговата грижа на совест е токму Асја…

Во останатите улоги настапуваат Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари, Зорица Нушев, Ксенија Маринковиќ,Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ.

И овој пат на филмот на Митевска работеше претежно женска екипа. Покрај косценаристката Татарагиќ, директорка на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, костимите се на Моника Лорбер од Словенија, шминката на Мојца Горогранц Петрушевска, а директор на филм е Елена Станишева.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ беше во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале 2022, учествуваше на фестивалот во Торонто (Канада) и беше македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

 

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

1 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

11 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

17 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

20 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

24 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

27 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

(Triangle of Sadness)

Игран филм, Шведска, Германија, Франција, Данска

2022, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon)

 

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со супелуксузна јахта. На таа јахта има две класи: едната што платила да бидат задоволени сите нивни суптилни барања од храната, пијалоците и останатите тинтрања; другата треба да го одработи тоа, за помал или поголем бакшиш. Инаку, триаголник на тагата е оној замислен облик од нашите лица ако се повлечат линии меѓу нашите очи и коренот на носот.

Морската болест од лулањето на јахтата за време на бурата ќе биде причина да им преседне перверзно богатата вечера на патниците, но најлошото по нив допрва следува. Тука е најбитна реакцијата на капетанот на бродот. Постои изрека која вели дека и пијаниот бега од будалиот – или обратно, сеедно – но капетанот (одличниот Вуди Харелсон) е и луд и пијан. Згора на тоа и нихилист според идеолошкото убедување. Можете да ја претпоставите неговата рекција, а резултатот е потоната јахта и неколкумина спасени патници и членови на персоналот на брегот на еден остров кој изгледа дека е пуст.

И во услови кога луѓето се вратени барем два века назад – нема комуникации со светот, нема Фејсбук , Инстаграм и слично – газда е оној што ја поседува храната, колку и таа да е во оскудни количини. Поточно, газдарица, а тоа е Абигејл (Dolly De Leon), нискорангираната асистентка за хигиена на јахтата – што е само звучна титула за чистачка – која е новата „владетелка“ во изменетите правила: ќе преживее тој/таа што ќе се снајде во дивата природа. Постои и стара изрека дека побитно за опстанокот е да знаеш како да уловиш риба отколку да ја испржиш, и во филмот таа е вистинската норма за преживување. Или, можеби, ќе преживее тој/таа што има подобра интуиција?

Социјалната сатира ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со КВАДРАТОТ (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија минатата недела: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Наградата на Европската филмска академија Остлунд ѝ ја посвети на младата јужноафриканската актерка и моделка Чарлби Дин – во филмот ја игра инфлуенсерката Јаја – која ненадејно почина во август на 32 години.

Се чини дека со ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА е постигнат оној вистински баланс меѓу питкоста на сторијата и нејзината убиствена есенција. Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

 

2 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

8 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

10 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

17 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

КАЈМАК

(Kaymak)

Игран филм, С. Македонија / Данска / Холандија / Хрватска

2022, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Милчо Манчевски (Milcho Manchevski)

Сценарио: Милчо Манчевски (Milcho Manchevski)

Улоги: Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска, Филип Трајковиќ (Ana Stojanovska, Kamka Tocinovski, Simona Spirovska, Aleksandar Mikikj, Sara Klimoska, Filip Trajkovikj)

 

Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, КАЈМАК, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства.

Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела.

И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода  итн…

КАЈМАК ја имаше светската премиера на Токискиот филмски фестивал во 2022, учествуваше на десетина други фестивали, и забележа голема гледаност во кино-салите низ Македонија.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

2 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

6 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

13 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

МЕЧ СО ДВЕ ОСТРИЦИ

(Avec amour et acharnement / Both Sides of the Blade)

Игран филм, Франција

2022, 116 мин., колор, ДЦП

Режија: Клер Денис (Claire Denis)

Сценарио: Клер Денис (Claire Denis)

Улоги: Жилиет Бинош, Венсан Лендон, Грегоар Колан, Бил Ожие (Juliette Binoche, Vincent Lindon, Grégoire Colin, Bulle Ogier)

 

Екранизацијата на романот на Кристин Анго (Christine Angot), насловен „Пресвртна точка во животот“ („Un tournant de la vie “), ја раскажува мелодрамската приказна за љубовниот триаголник составен од една жена и двајца мажи. Едниот е нејзиниот долгогодишен партнер, вториот е неговиот најдобар пријател, а нејзин поранешен љубовник.

Водечките филмски магазини во светот со одлични оценки за новиот наслов на Дени, истакнувајќи дека ова е нејзиниот најдобар филм.

Романтичната драма, проткаена со трилер елементи, на почеток нè запознава со Сара (Бинош) и Жан (Лендон), кои живеат заедно неколку години. Љубовта ги прави среќни и силни, исполнети со меѓусебна доверба, но и со страст која не замира.

Еден ден Сара ќе го сретне нејзиниот поранешен љубовник Франсоа (Колан), кој всушност и ја запознал со Жан. Сара во тој период без двоумење го избрала Жан како нова љубов и го напуштила Франсоа…

Режисерката Клер Дени ја освои „Сребрената мечка“ на Берлинале 2022 година за најдобра режија, потврдувајќи го нејзиното авторско реноме во француската и европската кинематографија.

Актерската екипа на МЕЧ СО ДВЕ ОСТРИЦИ е ѕвездена: Жилиет Бинош, Венсан Лендон и Грегоар Колан се најдоброто во француското глумиште веќе неколку децении. Колан ѝ е добро познат и на македонската филмска публика со главната улогата (монахот Кирил) во ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски од 1994 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

 

 

4 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 17:00 ч.

11 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 17:00 ч.

МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА

(Puss in Boots: The Last Wish)

Анимиран филм, САД / Јапонија

2022, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Џоел Крафорд, Џенуел Меркадо (Joel Crawford, Januel Mercado)

Сценарио: Пол Фишер, Томи Свердлоу, Том Вилер (Paul Fisher, Tommy Swerdlow, Tom Wheeler)

Гласови: Антонио Бандерас, Харви Гијен, Салма Хајек (Antonio Banderas, Harvey Guillén, Salma Hayek)

 

Новото видување на приказната за Мачорот во чизми е во продукција на анимациското на студио „Дримворкс“ (DreamWorks) и пристигнува од филмскиот универзум на познатиот анимиран карактер Шрек.

Мачорот е одважен уметник, но страста кон адреналинот што го лачат опасните ситуации ќе му ја испорача сметката. Мачорот во чизми открива дека неговата желба за авантура има последици – потрошил 8 од неговите 9 животи. Мачорот оди на патување да ја најде митската последна желба и да си ги врати своите 9 животи назад.

Бандерас го позајмува гласот на Мачорот во неговиот епски поход во Црната шума, каде што треба да ја најде Ѕвездата на желбите и да си ги поврати изгубените 8 животи. Но, бидејќи во моментот има само еден преостанат живот, Мачорот ќе мора да се понижи и да побара помош од неговата бивша партнерка, а сегашна непријателка Кити (со гласот на Селма Хајек).

Сепак, тие ќе се здружат и, наспроти сомневањата, ќе ја добијат и помошта на Перо, зборлестиот и весел пес-скитник. Новоформираната дружина мора да биде еден чекор пред Златокосата, семејството Трите мечки, „Големиот“ Џек Хорнер и страшниот ловец на „уценети глави“ Големиот зол волк…

МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ освои четириесетина номинации за награди на филмските фестивали ширум светот, меѓу кои и за наградата БАФТА.

Мачорот во чизми како анимиран лик за прв пат се појави во ШРЕК 2 во 2004, кој беше номиниран за „Оскар“. Мачорот во чизми гостуваше уште во две продолженија на ШРЕК, како и во неколку анимирани филмови во продукција на „Дримворкс“. Серијалот на Шрек и Мачорот во чизми досега заработи повеќе од 3,5 милијарди долари ширум светките киносали.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 150 денари

 

 

7 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

13 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

14 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

21 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

22 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

СЀ ВО ИСТО ВРЕМЕ

(Everything Everywhere All at Once)

Игран филм, САД

2022, 140 мин., колор, ДЦП

Режија: Дан Кван, Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert)

Сценарио: Дан Кван, Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert)

Улоги: Мишел Јео, Џејми Ли Кертис, Стефани Хсу, Ке Хуј Кван, Џејмс Хонг (Michelle Yeoh, Jamie Lee Curtis, Stephanie Hsu, Ke Huy Quan, James Hong)

 

Повозрасната емигрантка од Кина, Евелин (Јео), е затекната во луда авантура во која само таа може да го спаси светот преку истражување на други универзуми и други животи кои можела да ги живее.

Оваа чудна појава е позната под името мултиверзум. Таму некаде постојат наши верзии кои ги владејат боречките вештини како кунг-фу, знаат да пејат оперски арии или вешто да готват, или, пак, кои имаат виршли наместо прсти на рацете.

Евелин заедно со својот сопруг Вејмонд (Ке Хуј Кван) водат перална како семеен бизнис, но се под опасност од даночна ревизија и сериозни долгови. Во меѓувреме, строгиот татко на Евелин, Гонг Гонг (Џејмс Хонг), ќе допатува од Кина, а нејзината ќерка, Џој (Стефани Хсу), се обидува да ја придобие Евелин, бидејќи таа тешко ја прифаќа нејзината девојка Беки (Тали Медел).

Целата приказна за едно навидум просечно семејство доживува пресврт во моментот кога свеста и телото на Вејмонд ќе бидат преземени од Алфа Вејмонд, односно верзијата од Вејмонд во алфа-универзумот. Соочувањето со Непознатото станува лајтмотив на приказната и набргу Евелин дознава дека таа е, всушност, најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, но има неискористен потенцијал што може да биде насочен кон совладување на големото зло кое се одѕива на името Јобу Тупаки…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

 

 

 

14 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

24 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА

(Max und die wilde 7)

Игран филм, Германија

2020 г., 87 мин., колор, ДЦП

Режија: Винфрид Елснер (Winfried Oelsner)

Сценарио: Лиса Мари Дикрајтер, Винфрид Елснер (Lisa-Marie Dickreiter, Winfried Oelsner)

Улоги: Јона Ајзенблатер, Уши Глас, Гинтер Мариа Халмер, Томас Тиме, Стела Брикнер, Алвара Хефелс (Jona Eisenblätter, Uschi Glas, Günter Maria Halmer, Thomas Thieme, Stella Brückner, Alwara Höfels)

 

Можете ли да си замислите дека живеете во замок, како Геролдсек? Иако замокот е дом за стари лица, а вие сте деветгодишно момче?

На Макс тоа баш и не му се допаѓа, но мора тука да живее бидејќи неговата мајка е медицинска сестра и работи во ноќната смена. Тој е единственото дете меѓу овие збрчкани и неретко намќорести луѓе, па на прв поглед неговиот живот тука се чини сосем „не кул“.

Но, откако ќе влета во возбудлива криминална истрага во обид да го открие мистериозниот крадец кој на сред бел ден краде скапоцености од собите во дворецот, Макс ќе се спријатели со неколкумина од постарите жители на домот – со актерката Вера, фудбалскиот тренер Хорст и истражувачот Килијан, заедно попознати како Бесната дружина. Без нивна помош Макс нема да може да го открие вистинскиот крадец и да го изведе пред лицето на правдата.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 100 денари

 

 

15 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

16 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

22 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

23 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

25 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

МИМИ

(Mimi)

Игран филм, С. Македонија / Хрватска / Црна Гора

2002, 100 мин., колор, ДЦП

Режијa: Даријан Пејовски (Darijan Pejovski)

Сценарио: Даријан Пејовски (Darijan Pejovski)

Улоги: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Владимир Петровиќ (Natalija Teodosieva, Tamara Ristoska, Oliver Mitkovski, Petar Mirchevski, Sashko Kocev, Vladimir Petrovikj)

 

МИМИ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Работи во трафиката кај својот вујко и повремено ќе се заинтересира за некој од муштериите.

Се запознава со екстровертната  Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во многу повеќе од искрено дружење без обврски. Минатото, болно и таинствено, заради кое побегнала во метрополата, пополека ѝ се враќа на Мими, ја мачи и опседнува.

Оваа копродукција е втор игран филм на режисерот Пејовски, а својата премиера ја имаше на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје, а досега е прикажуван на филмските фестивали во Пула, Братислава и Херцег Нови.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

16 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

23 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК

(Ž Ž Ž / Journal about Želimir Žilnik)

Документарен филм, Србија

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Јанко Баљак (Janko Baljak)

Сценарио: Јанко Баљак (Janko Baljak)

 

Документарниот филм за филмското и ангажираното творештво на култниот српски режисер Жилник истовремено претставува и патување низ историјата на Југославија. Со својот специфичен докудрама стил, овој автор, добитник на Златната мечка на Берлинале во 1969 за својот РАНИ ДЕЛА (Rani radovi), успеал да остане ангажиран, храбар и пред сè креативно слободен со тоа што со децении работел главно ниско-буџетни проекти.

Жилник, како еден од главните претставници на југословенскиот филмски „црн бран“, не еднаш бил соочен со цензури, осудувања, отфрлања, забрани. Филмот на Баљак е приказна за неговата непрекината борба на обесправените општествени малцински групи да им даде глас. Желимир Жилник е добитник на наградата „Астер“ за животно дело од областа на филмската уметност што оваа година му ја додели Меѓународниот фестивал „Астерфест“ во Струмица.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

18 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 17:00 ч.

25 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 17:00 ч.  

НЕВЕРОЈАТНИОТ МОРИС

(The Amazing Maurice)

Анимиран филм, Германија / В. Британија / САД

2022, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Тоби Генкел, Флоријан Вестерман (Toby Genkel, Florian Westermann)

Сценарио: Тери Росио, Тери Пречет Тоби Генкел (Terry Rossio, Terry Pratchett, Toby Genkel)

Гласови: Хју Лори, Емилија Кларк, Дејвид Тјулис, Гема Артертон (Hugh Laurie, Emilia Clarke, David Thewlis, Gemma Arterton)

 

Филмот ја раскажува приказната за Морис, голема мачка која зборува и патува од град во град, нудејќи им се на жителите да ги реши нивните ненадејни проблеми со стаорци.

Морис го запознава Кит, младо момче кое знае многу добро да свири на флаута и има орда послушни стаорци. Морис се здружува со него, и кога Кит ќе засвири, стаорците маршираат надвор од градот, на олеснување на граѓаните. Морис и парите добиени од благодарниот град одеднаш исчезнуваат: тој се појавува на пристојно растојание да ги преброи парите со Кит и стаорците!

Стаорците на Кит не се обични големи глувци – тие зборуваат и носат облека и сонуваат за рајски остров каде стаорците и луѓето живеат заедно во мир. Сè оди добро со нивната измана со „страшните стаорци“ додека не дојдат до градот Бед Блинц. Таму ја сретнуваат девојка опседната со книги, Малиција, која ги води во авантура да ја решат мистеријата на нејзиниот град…

Тоби Генкел е автор и на анимираниот филм ЈАКАРИ И ВЕЛИЧЕСТВЕНОТО ПЕРО: СПЕКТАКУЛАРНОТО ПАТУВАЊЕ (Yakari, le film / Yakari, a Spectacular Journey), во продукција на Белгија / Франција / Германија (2020), кој го имавме на кинотечната програма во 2021 година.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 150 денари

 

 

27 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

28 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

REBIRTH: VOICE OF SILENCE

Игран филм, Македонија

2022, 82 мин., колор, ХД

Режија: Илија Павлов (Ilija Pavlov)

Сценарио: Илија Павлов (Ilija Pavlov)

Улоги: Илија Павлов, Душица Настова (Ilija Pavlov, Dushica Nastova)

 

Две прашања: Сами сме во универзумот или не? И двата одговора се подеднакво застрашувашки. REBIRTH, индиректно и метафорички поставува прашања за човекот како најинтелегентно битие на Земјата, за неговото постоење, за неговите навики, за апсолутната љубов и енергија, за психоделијата, за смртта и што по неа, без да даде целосни одговори.

Павел, централниот лик, е еден од неколкуте избраници на засега недопрената и непознатата интелегенција која нè контролира сите нас, без ние да сме свесни за тоа. Токму таа интелегенција  е главната причина за осаменоста, изгубеноста и безнадежноста на Павел.

Љубљана, градот на мракот, е главниот причинител за чуството на безизлезност кое го обзема  Павел, будејќи му сеќавања за неговата единствена и загубена љубов, Касиа. Бегството не е решение, Павел не е свесен за тоа. Експериментирајќи со психоделични супстанци наидува на најмоќната од сите, ајахуаската. Тоа е почеток на неговиот крај.

Чуството да сакаш некого, без способноста тоа да го искажеш, создава немоќ, но во исто време ја отсликува апсолутната љубов. Сосема неочекувано, Павел слуша глас од далечина, тоа е милозвучниот глас на Касиа по кој копнеел цели 3 години. Тие започнуваат интимна и непрестајна комуникација за сè она што се случило и сè она што треба да се случи, навлегувајќи длабоко во своите премолчени чувства и емоции.

Љубљана станува градот на светлината за Павел и сите места кои што претходно ги доживувал како мрачни, побудувајќи му само спомени и носталгија, добиваат моментално пристуство и значење како никогаш. Присуството на Касиа му е првото повторно раѓање.

Постојано се поставува прашањето: Дали Касиа навистина постои или е само креација во умот на Павел? Појавувањето на Касиа не носи никакви одговори, со тоа таа ја открива својата мрачна страна и мистериозноста на оние кои нè имаат креирано и нè оставиле да талкаме во потрага по надеж, создавајќи „МЕСТО“ каде надежта последна умира.

Павел е во постојана потрага по тоа магично „место“ каде сите желби стануваат реалност, „местото“ навистина постои и е прекрасно, но патот до таму е речиси невозможен, само неколкумина го имаат поминато. Павел не е свесен во што се впушта и нема одговор на прашањето: Колку пати треба да „умреме“ за да се родиме повтоно? Shanti, shanti, shanti.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

28 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА

(Snow White Dies at the End)

Игран филм, Македонија / Кипар

2022, 106 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Кристијан Ристески (Kristijan Risteski)

Улоги: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев (Natasa Petrovikj, Verica Nedeska, Sashko Kocev, Deniz Abdula, Ivica Dimitrijevikj, Tino Kostadinovski, David Janakiev)

 

Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен наркоман. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако Боби и Маја не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА е дебитантски игран филм на Кристијан Ристески, а со неговата премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари