ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

1 ЈУНИ (СРЕДА), 21:00 ч.

ДОДЕКА ТРАЕ ВОЈНАТА

(Mientras dure la guerra / While at War)

Игран филм, Шпанија / Аргентина

2019, 107 мин., колор, ДЦП

Режија:  Алехандро Аменабар (Alejandro Amenábar)

Сценарио: Алехандро Аменабар, Алехандро Хернандез (Alejandro Amenábar, Alejandro Hernández)

Улоги: Кара Елахалде, Едуард Фернандез, Санти Прего, Натали Поза (Karra Elejalde, Eduard Fernández, Santi Prego, Nathalie Poza)

 

Историска драма базирана на вистински настани што се случуваат во првите месеци од Шпанската граѓанска војна, во летото 1936 година, кога националистите излегуваат на улиците на Саламанка за да се спротивстават на новата левичарска влада. Мигел де Унамуно, филозоф, писател и ректор на Универзитетот во Саламанка, јавно ја поддржува воената интервенција на генералот Франко, верувајќи дека тоа ќе му стави крај на хаосот во Шпанија. Откако еден по еден неговите колеги се обвинувани и затворани, Унамуно верува дека може да го употреби своето влијание за да помогне во ослободувањето на колегите. Иако е мудар и искусен, тој доцна сфаќа дека неговата земја влегува во фашистичкото мочуриште од коешто нема да може да излезе следните неколку децении… Филмот беше прикажан на Меѓународните филмски фестивали во Торонто, Сан Себастијан, Стокхолм, Токио, Солун и Москва и доби неколку шпански национални филмски награди „Гоја“.

По проекцијата следат излагања на АЛИСИА ВИЛАР ЕСКУДЕРО (Alicia Villar Escudero), професорка по филозофија на Папскиот универзитет Комилас во Мадрид (Comillas Pontifical University Madrid);  признат специјалист во различни области на филозофијата, особено за Паскал и Просветителството и, пред сè, е специјалист за Унамуно, на кого му има посветено многубројни статии и поглавја од книги на различни теми и чијшто необјавен текст „Моја исповед“ (My Confession), го уредуваше во 2011 и 2015 година; и на СЕРХИО ФЕРНАНДЕЗ (Sergio Fernando Fernández de Villarán Lanza), шпански философ и професор по философија. Неговите философски и истражувачки интереси се фокусирани на Кантовата трансцедентална аналитика, Жан Пол-Сартр и Хусерл и има објавено повеќе статии на овие теми.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

2 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:30 ч.

4 ЈУНИ (САБОТА), 16:30 ч.

ЗАКЛЕТВАTA НА ХАСАН

(Baglilik Hasan / Commitmenт Hasan)

Игран филм, Турција

2021, 147 мин., колор, ДЦП

Режија: Семих Капланоглу (Semih Kaplanoğlu)

Сценарио: Семих Капланоглу (Semih Kaplanoğlu)

Улоги: Умут Карадаг, Филиз Бозок, Гокхан Азлаг (Umut Karadag, Filiz Bozok, Gökhan Azlag)

 

Кога Хасан ќе ја прими веста дека на неговиот имот наследен од татко му треба да се постави електричен столб, станува загрижен за својата животна иднина. Морална приказна која го осуетува лицемерието на семејствата на селските земјоделци и која покажува како гордоста може да надвладее над лицето на понижувањето. Претстоечкиот аџилак на Хасан, всушност, е можност за согледување на грешките од минатото и можност за патување до покајанието, пред сè, преку барањето прошка од сите оние на коишто им згрешил, а особено земањето благослов од човекот пред кого тој чувствува најголема вина – неговиот брат.

Филмот на Капланоглу беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал 2021, потоа на фестивалите во Чикаго и Карлови Вари, а добива и Награда за најдобар странски филм во Сао Паоло од филмските критичари.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

2 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

БЕЗГЛАСЕН

(Sorido eopsi / Voice of Silence )

Игран филм, Кореја

2020, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Хонг Ви-џонг (Hong Eui-jeong)

Сценарио: Хонг Ви-џонг (Hong Eui-jeong)

Улоги: Ју Ах-ин, Ју Џае-мунг, Мун Сенг-ах (Yoo Ah-in, Yoo Jae-myung, Moon Seung-ah)

 

Тае-ин, млад човек кој не зборува, и Чанг-бок, постар религиозен човек, работат како „чистачи“ за криминална организација во некој рурален дел од Јужна Кореја. Иако се дискретни и солидно ги завршуваат задачите, тие воопшто не се убијци ниту, пак, насилници. Еден ден добиваат наредба од надредените да се погрижат за киднапирано 11-годишно девојче коешто треба да биде ослободено по два дена. Но, работите се усложнуваат и немиот Тае-ин ќе биде принуден да се грижи за неа подолго од планираните два дена… Овој трилер со многу примеси на црна комедија е еден од поистакнатите нови филмови од сè поатрактивната корејска кинематографија. Сценариото за овој дебитантски долгометражен филм на режисерката Хонг Ви-џонг беше избрано како еден од најдобрите дванаесет проекти на венецијанското биенале Колаж-Синема, а влезе и во најтесен избор за сценаристичката лабораторија во Санденс. Беше прикажан на неколку меѓународни филмски фестивали, меѓу кои и оние во Глазгов, Фрибург и Брисел. На доделувањето на Азиските филмски награди во 2021 година овој филм доби награди за најдобар актер и нов режисер, а актерот Јоо Ах-ин и режисерката Хонг Ви-џонг добија уште по десетина награди од истакнати корејски и азиски фестивали и филмски здруженија.

Излагање: Многугласие во БЕЗГЛАСЕН

СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ, дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 г. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, Или-Или) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (Или-Или) посветена на документарните филмови на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во антологиите „Revija malih književnosti“ (2013) на Udruga za promicanje kultura ’Kulturtreger’, Best European Fiction 2017 и Contemporary Macedonian Fiction (2019) на Dalkey Archive Press. „Молчи со отворена уста“ (2019, Или-Или) е нејзин втор роман. Има обемно искуство во монтажа на документарни филмови и репортажи.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

3 ЈУНИ (ПЕТОК), 17:00 ч.

6 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч.

ПО ЉУБОВТА

(After Love)

Игран филм, В.Британија

2020, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Алем Кан (Aleem Khan)

Сценарио: Алем Кан (Aleem Khan)

Улоги: Џоана Сканлан, Натали Ричард, Талид Арис (Joanna Scanlan, Nathalie Richard, Talid Ariss)

 

Што би направиле ако останете сами и откриете дека партнерот со кој живеете ви е само делумно познат, а неговиот влог е само ситен дел од вашата комплетна и предадена жртва? ПО ЉУБОВТА нè води на трогателно патување низ загубата, тагата и потрагата по идентитетот. Тајните, лагите, жртвите и измамите кои се провлекуваат низ животот на една двојка одекнувааат како ехо на љубовта во овој дебитантски филм на Алeм Кан. Филмот ја тематизира љубовта меѓу другото и како ултимативен чин на неверство и измама и се обидува да ја демистифицира прикажувајки ја (и) како должност. Од една страна на овој љубовен заплет е (веќе покојниот сопруг) Ахмед кој водел двоен живот и имал паралелна врска со друга жена, а од другата е Мери која целосно му била предадена и нему и на заедничкиот живот во брачната заедница.

Филмот бил прикажан на Канскиот филмски фестивал во селекцијата „Недела на критиката“ во 2020 г., а бил прикажан и на филмските фестивали во Телурид, Торонто и BFI Лондонскиот филмски фестивал. Јоана Сканлан (Joanna Scanlan) ја добива Наградата за најдобра актерка на филмските фестивали во Солун, Даблин и на БАФТА наградите 2022 година.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

3 ЈУНИ (ПЕТОК), 18:30 ч.

8 ЈУНИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ПРЕТПОСЛЕДНИОТ

(The Penultimate / Den Næstsidste)

Игран филм, Данска / Норвешка

2020, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Јонас Керуп Хјорт (Jonas Kærup Hjort)

Сценарио: Јонас Керуп Хјорт (Jonas Kærup Hjort)

Улоги: Џоен Хејерслев, Џоен Биле, Ане Флетинг (Joen Højerslev, Joen Bille, Anne Fletting)

 

Сместен во мрачна дистописка и клаустрофобична атмосфера, овој филм со елементи на драма на апсурдот се наоѓа на линијата меѓу делата на Франц Кафка и Луис Керол. Дезориентацијата, збунетоста и изгубеноста на антихеројот од филмот во непознатиот и чуден свет се само дел од клучните елементи на долгометражниот филмски првенец на Јонас Керуп Хјорт. Преку специфичен хумор и алегорија, и притоа користејки минималистичка сценографија, данскиот режисер ни нуди едно гротескно патување во еден простор (објект) кој наликува на лавиринт. Во самиот филм е непознато како времето тече. Но смртта е симбол на времето. Затоа смртта е толку далеку колку што е и близу.

Филмот нè упатува на фактот дека никогаш целосно не сме сами, а истовремено и на човековата потреба за трансенденција во самиот животен лавиринт. Филмот бил премиерно прикажан во долгометражната селекција на дебитантки филмови на Фестивалот „Црни Ноќи“ (Black Nights) во Талин.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

3 ЈУНИ (ПЕТОК), 21:00 ч.

ФРАНКЕНШТАЈН

(Frankenstein)

Игран филм, САД

1931, 70 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Џејмс Вејл (James Whale)

Сценарио: Гарет Форт, Френсиз Едвард Фарагох (Garrett Fort, Francis Edward Faragoh)

Улоги: Колин Клајв, Мае Кларк, Борис Карлоф (Colin Clive, Mae Clarke, Boris Karloff)

 

Филмската класика од 1931 година, ФРАНКЕШТАЈН на режисерот Џејмс Вејл, е еден од првите позначајни научно-фантастични филмови. Тој е адаптација на драмата напишана од Пеги Веблинг во 1927 година која, пак, е направена врз основа на романот „Франкенштајн, модерниот Прометеј“ на Мери Шели од 1818 година. Накратко, приказната се однесува на опседнат научник што собира делови од труповите со намера да состави ново живо суштество. Ова суштество има потреба од нежност и приврзаност, но од најголем дел од луѓето добива само суровост и одбивност. Незаборавната интерпретација на Борис Карлоф, во ликот на чудовиштето создадено од опседнатиот научник Хенри Франкенштајн, како и извонредната маска создадена од еден од врвните уметници на филмската шминка Џек Пирс, влијаеле овој филм да постигне голем комерцијален успех, предизвикувајќи бројни продолженија и нови верзии, како и огромно влијание врз популарната култура. Иако неколку сцени од оригиналната верзија се цензурирани, а во многу држави долго време овој филм бил забрануван за прикажување, сепак неговата вредност и влијание се признаени со неговото вбројување во многу важни листи на најдобри филмови на сите времиња, вклучително и во изборот на Американскиот филмски институт и на Њујорк тајмс. Во 1991 година, Конгресната библиотека на САД го избра овој филм за заштита во Националниот филмски регистар како „културно, историски и естетски значајно дело“.

Излагање: „It’s alive!”: Хорор, човек и хоророт на човекот“

ТИЈАНА ПЕТКОВСКА дипломира и магистрира на Филозофскиот Факултет во Скопје, на Институтот за филозофија, со нагласок на современата филозофија. Помеѓу додипломските и постдипломските студии завршува едногодишен специјалистички курс за филмска режија на Интернационалниот отсек на ФАМУ (Филмска и телевизиска школа на Факултетот за изведувачки уметности) во Прага. Во меѓувреме, се занимава со видео монтажа и работи на различни филмски фестивали во Скопје, меѓу кои и Филозофскиот филмски фестивал. Еден краток период пишува филмски рецензии и критики за дневни весници и портали, а издава и текстови од областа на филозофијата и естетиката на филмот во списанија како „Филозофска Трибина“ и „Блесок“. Во моментот работи како хонорарен писател и е во очекување на излегувањето на својот прв ко-авторски роман на англиски јазик до крајот на годината.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

4 ЈУНИ (САБОТА), 19:00 ч.

КОСТА БРАВА, ЛИБАН

(Costa Brava, Lebanon)

Игран филм, Либан / Франција

2021, 107 мин., колор, ДЦП

Режија: Мунија Акл (Mounia Akl)

Сценарио: Мунија Акл (Mounia Akl, Clara Roquet)

Улоги: Надин Лабаки, Салех Бакри, Јума Марван (Nadine Labaki, Saleh Bakri, Yumna Marwan)

 

Дебитантскиот филм на либанската режисерка Мунија Акл, КОСТА БРАВА, ЛИБАН, со Надин Лaбаки (Хаос/Caperrnaum, 2018) во една од главните улоги, ги истражува проблемите на заштитата на животната средина низ призмата на едно либанско семејство. Семејството се населува во дом изолиран од урбаниот метеж во главниот град Бејрут, сакајќи да создаде една мала утописка заедница. Меѓутоа долго посакуваниот мир се чини нема да трае долго… Филмот на Акл претставува елегантна политичка алегорија и парабола за личната слобода и компромисите со животот во заедницата, но истовремено тој претставува и суптилна критика на отсуството на колективна морална одговорност пред немерливите опасности од уништувањето на животната средина.

КОСТА БРАВА, ЛИБАН премиерно беше прикажан во селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал 2021, а потоа патуваше и на фестивалите во Торонто, Чикаго, Сиднеј и ја доби наградата за Најдобар филм според публиката на BFI Лондонскиот филмски фестивал.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

4 ЈУНИ (САБОТА), 21:00 ч.

МЛИНОТ И КРСТОТ

(The Mill and The Cross / Mlyn i Krzyz)

Игран филм, Полска / Шведска

2011, 96 мин., колор, ДЦП

Режија: Лех Мајевски (Leh Majewski)

Сценарио: Мајкл Френсиз Гибсон, Лех Мајевски (Michael Francis Gibson, Leh Majewski)

Улоги: Рутгер Хауер, Мајкл Јорк, Шарлот Ремплинг (Rutger Hauer, Michael York, Charlotte Rampling)

 

МЛИНОТ И КРСТОТ прикажува дел од ликовите претставени во делото „Искачување на Голгота“ («The Procession to Calvary»), создадено во 1564 година од фламанскиот сликар Питер Бројгел Постариот. Во оваа „оживеана слика“ темата за страдањето на Христос е соочена со историските настани во Фландрија во 1564 година, кога се случуваат големи религиозни насилства од страна на шпанските католици врз протестантите. Филмот има исклучителна визуелизација, со иновативни визуелни решенија, потпишани лично од режисерот Лех Мајевски, кој е истовремено и директор на фотографијата. Со Рутгер Хауер, Шарлот Ремплинг и Мајкл Јорк во главните улоги, филмот премиерно беше прикажан на Санденс во 2011 година, а покрај многуте гостувања на светските фестивали и награди, добитник е на награда за најдобар филм на Европскиот филмски фестивал во Севилја.

Излагање: „Едно платно – илјада приказни: меѓу ликовното дело и подвижните слики во филмот Млинот и крстот од Лех Мајевски”

ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ, поет, прозаист, книжевен критичар, преведувач, универзитетски професор. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, а докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“. Работи како редовен професор на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, како и на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања. Ги проучува интермедијалните односи меѓу книжевноста, ликовните уметности и музиката. Член е на ЗККМ, на ДПМ и на Македонскиот ПЕН клуб. Се занимава и со музика.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

7 ЈУНИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

КЛАРА СОЛА

(Clara Sola)

Игран филм, Шведска / Костарика / Белгија / Германија

2021, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Натали Алварез Месен (Nathalie Álvarez Mesén)

Сценарио: Марија Камила Ариа Натали Алварез Месен (Maria Camila Aria, Nathalie Álvarez Mesén)

Улоги: Даниел Кастањеда Ринкон, Венди Чичилија Араја, Ана Хулија Порас Еспиноза (Daniel Castañeda Rincón, Wendy Chinchilla Araya, Ana Julia Porras Espinoza)

 

Главната хероина Клара е вклештена во вкрстен оган помеѓу патерналистичкото однесување на семејството и инхибицијата на природните страсти и нагони. Обвиен во едно дискретно руво на магичниот реализам, филмот на Натали Алварез Месен ни пренесува една интимна приказна за духовното будење и експлозијата на скриената и поттиснувана женска сексуалност на дистанцираната и помалку необична Клара. Провокативна филмска медитација за дискрепанцата меѓу конзервативноста на фолклорната традиција и религиозните стеги и ограничувања од една страна, и откривањето на интимната природа на жената ситуирана во едно секојдневие со крајно ограничувачки услови, од друга страна.

КЛАРА СОЛА премиерно беше прикажан во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година, беше дел од селекциите и на BFI Лондонскиот филмски фестивал и Солунскиот филмски фестивал (Специјална награда од жирито) и е добитник на Наградата за најдобар игран филм и Најдобра актерка (Венди Чинчила Араја / Wendy Chinchilla Araya) на меѓународниот фестивал во Сао Паоло.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

8 ЈУНИ (СРЕДА), 21:00 ч.

ХИРОШИМА, ЉУБОВ МОЈА

(Hiroshima, mon amour / Hiroshima, My Love)

Игран филм, Франција / Јапонија

1959, 90 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Ален Рене (Alain Resnais)

Сценарио: Маргерит Дирас (Marguerite Duras)

Улоги: Емануел Рива, Еиџи Окада, Стела Дасас (Emmanuelle Riva, Eiji Okada, Stella Dassas)

 

Француска актерка и јапонски архитект се заљубуваат за време на снимањето на антивоен филм во Хирошима. Нивната интензивна љубовна врска во поствоената Хирошима се прекршува низ нивните сеќавања за љубовта и страдањето. Мажот, кој ги загубил членовите на семејството за време на бомбардирањето на градот, и жената, која го загубила својот љубовник од младоста, германски војник, разговараат за личните и колективните трауми предизвикани од големата војна.

Во овој прв игран филм на режисерот Ален Рене се чувствува неговиот маестрален документаристички стил, а филмот е почитуван и поради иновативната употреба на кратките флешбекови кои како да претставуваат искри од сеќавањата. Филмот беше прикажан на Канскиот Фестивал во 1959 година, каде доби ФИПРЕСЦИ награда; ја доби и Наградата на Обединетите Нации на доделувањето на БАФТА наградите во 1961 година, а писателката Маргерит Дирас за овој филм беше номинирана за Оскар во 1961 година за најдобро сценарио.

Излагање: „Љубовта и паметењето на траумата од војните“

КИЦА КОЛБЕ, филозофина и писателка. Студирала филозофија на универзитетот во Скопје (1970- 1974). Магистрирала во 1982 год. во Белград на естетиката на Т. В. Адорно, а докторирала во 1985 во Скопје на германската естетика од XVIII-от век, објавена како „Принципот копнеж” (1989). Академскатa дејност ја започнува на Филозофскиот факултет од 1976-1986 како асистентка, односно доцентка по естетика во Естетичката лабораторија. Објавувала филмска, ликовна, литературна критика и филозофски есеи во „Разгледи”, „Стремеж” „Кинотечки месечник”, „Утрински весник”, „Филозофија”, “Lettre…” и др. Ги објавила романите „Егејци” (1999), „Снегот во Казабланка” (2006, „Роман на годината”), „Жените Гаврилови” (2008, македонска номинација за Балканика), „Земја на бегалци” (2016), „Витезот и Византијката“ (2020).

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

9 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

Доделување на награди и затворање на Фестивалот

НЕШТО КОРИСНО

(İşe yarar bir şey / Something useful)

Игран филм, Турција / Франција / Холандија / Германија

2017, 107 мин., колор, ДЦП

Режија Пелин Есмер (Pelin Esmeri)

Сценарио: Барис Бикакчи, Пелин Есмер (Baris Bicakci, Pelin Esmeri)

Улоги: Башак Коклукаја, Ојку Карајел, Јигит Озшенер (Basak Köklükaya, Öykü Karayel, Yigit Özsener)

 

Лејла, адвокатка и поетеса, оди на средба со пријателите од средното училиште по долгогодишно игнорирање на поканите за вакви дружења. Во возот кон Измир, Лејла ја запознава Канан, млада студентка по медицина, којашто сонува да стане актерка, и покрај поинаквите желби на нејзиното семејство. Нивното познанство ќе ги одведе на интересно патешествие за важноста на сопствениот избор, за радоста и грижата во поврзувањето со нова личност во животот, но и за важноста на уметноста во тешките моменти од животот.

Филмот доби награда за најдобро сценарио на Фестивалот Црни Ноќи (Black Nights) во Талин во 2017 година и многу награди за најдобар филм, режија, камера и глума на меѓународните и националните фестивали во Турција.

 

ФФФ Дијалози:

ПЕЛИН ЕСМЕР, турска писателка и режисерка на играни и документарни филмови која има студирано социологија во Истанбул, за потоа да реши целосно да се посвети на филмот. Есмер ја основа својата филмска компанија „Синефилм“ и од 2001 година ги снима нејзините независни филмови КОЛЕКЦИОНЕР, ИГРА, 10 ДО 11, СТРАЖАРСКА КУЛА, НЕШТО КОРИСНО и КРАЛИЦАТА ЛИР коишто играат на светски познатите фестивали: Сан Себастијан, Трибека, Торонто, Сарајево, Ротердам, Талин итн. Во 2020 година MUBI Turkey и MUBI International ги претставија сите филмови на Есмер во Турција и во странство со ретроспективата насловена „Патување до срцето со Пелин Есмер“. Истата година, Истанбулскиот модерен кино музеј започна ретроспектива на филмовите на Есмер како дел од нивната серија „Средба со режисерите“.

СЕРДАР ОЗТУРК (Serdar Öztürk), е професор на Катедрата за радио, телевизија и филм на Факултетот за комуникации при Универзитетот Анкара Хаџи Бајрам Вели (АХБВ) во Анкара, Турција. Тој е издавач на The Journal of SineFilozofi, академско списание со рецензија објавувано од 2016 година, и е претседател на Здружението за филм и филозофија во Турција. Има објавено повеќе статии и дела за културната историја на Турција и за социологијата и филозофијата на филмот, објавени во национални и во меѓународни списанија.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

10 ЈУНИ (ПЕТОК), 21:00 ч.

НОСАРИ: НЕПОСТОЈАНА ВЕЧНОСТ

(Nosari no shima / Nosari: Impermanent Eternity / のさりの島)

Игран филм, Јапонија

2021, 129 мин., колор, ДЦП

Режија: Тацуја Јамамото (Tatsuya Yamamoto)

Сценарио: Тацуја Јамамото (Tatsuya Yamamoto)

Улоги: Кисецу Фуџивара, Чисако Хара (Kisetsu Fujiwara, Chisako Hara)

 

Млад измамник талка низ земјата, им се јавува на постари луѓе кои живеат сами, велејќи им „Бабо, јас сум“, ги лаже дека им е внук. Младичот талкајќи пристигнува во Амакуса, префектурата Кумамото, и ѝ се јавува со познатиот поздрав на една стара жена која има музичка продавница, и таа срдечно го прифаќа.

Измамникот секако наумил да ја измами старицата и да ѝ ги земе парите, но таа инсистира дека тој е нејзин внук. На крајот, непланирано, тие почнуваат да живеат заедно, а измамникот постепено почнува да се чувствува чудно удобно: почнува да се навикнува на пријателството со младите селани, на звуците и на пејзажот на Амакуса и на секојдневието со старата дама.

Авторот Тацуја Јамамото освои две номинации на националниот јапонски филмски фестивал Nippon Connection Japanese Film Festival 2021.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

11 ЈУНИ (САБОТА), 21:00 ч.

НИЕ ПРАВИМЕ АНТИКВИТЕТИ

(Uso happyaku / We Make Antiques / 嘘八百)

Игран филм, Јапонија

2018, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Масахару Таке (Masaharu Take)

Сценарио: Шин Адачи (Shin Adachi)

Улоги: Киичи Накаи, Кураносуке Сасаки, Коган Ашиј (Kiichi Nakai, Kuranosuke Sasaki, Kogan Ashiy)

 

Сакаи е гратче во близина на брегот на Осака, познато по мечевите во минатото, а денес по квалитетните кујнски ножеви. Во градот живеат Норио, трговец со антиквитети, и Сасуке, кој е грнчар. Еден ден, пред нив ќе се појави Сен Но Рикју, церемонијал-мајстор за чај од XVIII век…

Филмот на Таке во 2018 беше на програмата на Јапонскиот филмски фестивал во Торонто, Канада.

По успехот на филмот кај публиката, во 2020 година авторскиот и актерскиот тим го сними продолжението НИЕ ПРАВИМЕ АНТИКВИТЕТИ! РАНДЕВУ ВО КЈОТО (Usohappyaku Kyomachi Rowaiyaru / We Make Antiques! Kyoto Rendezvous).

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

12 ЈУНИ (НЕДЕЛА), 21:00 ч.

БУДЕН

(Awake / アウェイク)

Игран филм, Јапонија

2020, 119 мин., колор, ДЦП

Режија: Ацухиро Јамада (Atsuhiro Yamada)

Сценарио: Ацухиро Јамада (Atsuhiro Yamada)

Улоги: Ријо Јошизава, Рјуја Вакаба, Мотоки Очијаи, Фумика Баба, Џунја Кавашима, Кана Мориј (Ryo Yoshizawa, Ryuya Wakaba, Motoki Ochiai, Fumika Baba, Jun’ya Kawashima, Kanna Moriy)

 

Еичи (Јошизава) сака да стане врвен шоги играч и посетува тренинг-центар за шоги играчи управуван од Јапонската шоги асоцијација. Во тренинг центарот не може да го победи Рику (Вакаба), кој е исклучително талентиран во играта, и Еичи на крајот се откажува од идејата да стане шоги играч.

За да живее понормален живот, се запишува на факултет. Бидејќи поголемиот дел од времето го поминувал играјќи шоги, тешко му е да се прилагоди на животот во кампусот. Тој нема пријатели на училиште. Еден ден, Еичи наидува на шоги компјутерска програма базирана на вештачка интелигенција. Компјутерската програма е покреативна и посилна отколку што очекува. Ова го буди интересот на Еичи за компјутерско програмирање, конкретно за шоги игрите.

Започнува да го посетува истражувачкиот центар за вештачка интелигенција и се среќава со еден постар студент Исоно (Очијаи). Учи за компјутерско програмирање од него и си поставува нова цел – сега сака да создаде врвна шоги компјутерска програма. Неколку години подоцна, Еичи победува на натпревар за компјутерски шоги игри, и добива барање да игра против Рику…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

13 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

ПО ЗАЈДИСОНЦЕ

(Yuhi no Ato / After the sunset /夕陽のあと)

Игран филм, Јапонија

2019, 133 мин., колор, ДЦП

Режија: Мичио Кошикава (Michio Koshikawa)

Сценарио: Уреха Шимада (Ureha Shimada)

Улоги: Шихори Канџија, Махо Јамада, Масару Нагаи, Това Мацубара,

Мидори Киучи (Shihori Kanjiya, Maho Yamada, Masaru Nagai, Towa Matsubara, Midori Kiuchi)

 

Во еден мал крајбрежен град во близина на Нагашима, релативно нормалниот живот за малата заедница се менува кога Акане ќе се досели од Токио. Таа работи во ресторанот на пристаништето. Акане станува популарна меѓу луѓето, но таа речиси и да не зборува за себе.

Во меѓувреме Сацуки, родена и израсната во Нагашима, и нејзиниот сопруг Јуичи, сакаат да го посвојат седумгодишниот син Това. Со нив живее и свекрвата Мие. Додека ја поминуваат процедурата за посвојување, дознаваат дека Това како бебе бил оставен во интернет кафе во Токио пред 7 години. Неговата биолошка мајка поради тоа е осудена на 1 година затворска казна и 3 години условно. Клопчето полека се одмотува: био-

лошката мајка на Това е Акане…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

14 ЈУНИ (ВТОРНИК), 21:00 ч.

МИЕЊЕ КОСКИ

(Senkotsu / Born Bone Born /洗骨)

Игран филм, Јапонија

2018, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Тошијуки Теруја-Гори (Toshiyuki Teruya a.k.a. Gori-san)

Сценарио: Тошијуки Теруја-Гори (Toshiyuki Teruya)

Улоги: Еиџи Окуда, Мичитака Цуцуи, Ајаме Мисаки (Eiji Okuda, Michitaka Tsutsui, Ayame Misaki)

 

Сместен на Агуни, остров 60 километри северозападно од Наха, главниот град на Окинава, филмот ги запознава гледачите со малку познатиот погребен ритуал на Окинава. Четири години по смртта на Емико, нејзиното семејство повторно се обединува за да учествува на церемонијата „сенкоцу“ (senkotsu – миење коски) во нејзин спомен.

По нејзината смрт, нејзиниот сопруг станал алкохоличар, а нејзината ќерка е бремена и се соочува со животот како самохрана мајка. Ништо не било лесно за семејството откако починала Емико, но сега тие се принудени да се справуваат не само со личните проблеми, туку и со меѓусебните недоразбирања…

МИЕЊЕ КОСКИ истовремено вознемирувачки и потресен филм, прекрасно чуден и универзално човечки. Заснован на краткиот филм РОДЕН, КОСКА, БЛАГОДЕТ на Теруја Тошијуки, попознат и под авторскиот псевдоним Гори (познат и како актер во јапонската кинематографија), филмот од меланхолична приказна вешто се трансформира во комична драма за недостатоците на семејството и како тоа на крајот секогаш ќе биде тука за вас – дури и ако најблиските роднини треба да се влечат, макар и да клоцаат и врескаат.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

15 ЈУНИ (СРЕДА), 19:00 ч.

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН

(Nichinichi kore kôjitsu / Every Day A Good Day / 日日是好日)

Игран филм, Јапонија

2018, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Сценарио: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Улоги: Хару Куроки, Кирин Кики, Микако Табе, Шинго Цуруми (Haru Kuroki, Kirin Kiki, Mikako Tabe, Shingo Tsurumi)

 

Норико е студент на универзитет. По препорака на нејзината мајка, Норико започнува да присуствува на традиционалната јапонска церемонија на чај во близина на нејзината куќа, со својот братучед Мичико. На тие церемонии на чај, Норико е подучувана од наставникот Такеда. Норико го стекнува искуството на церемонијата на чај во својот живот, искуство

толку потребно за неа, во моментите на тага или среќа…

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН е базиран врз есејот на Норико Моришита (Noriko Morishita) од 2002 година – кој го анализира филозофскиот дух на овој сегмент од јапонската традиција. Јапонскиот израз „日々是好日“ („nichinichi kore koujitsu“), или „секој ден е добар ден“ – е зен израз што се користи во популарниот социјален момент на „церемонијата на чај“, што е многу повеќе од просто испивање топол (или студен) напиток од разни видови билки…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

15 ЈУНИ (СРЕДА), 21:00 ч.

ГУСТО ПЛЕТЕНО (КОГА НАВИСТИНА ЌЕ ПЛЕТАТ)

(Karera ga honki de amu toki wa / Close-Knit / 彼らが本気で編むときは)

Игран филм, Јапонија

2017, 127 мин., колор, ДЦП

Режија: Наоко Огигами (Naoko Ogigami)

Сценарио: Наоко Огигами (Naoko Ogigami)

Улоги: Ринка Какихара, Рие Мимура, Кента Киритани, Тома Икута (Rinka Kakihara, Rie Mimura, Kenta Kiritani, Toma Ikuta)

 

Единаесетгодишното девојче Томо (Какихара) живее со мајка си Хироми (Мимура). Хироми решава да се откаже од неа и го напушта нивниот дом. Заради негрижата од нејзината мајка, Томо е сосема сама, па го посетува домот на нејзиниот вујко Макио (Киритани) и на неговата убава девојка Ринко (Икута), која е транс жена (родена како маж, а сега работи како негувателка во дом за стари лица). Томо е малку збунета од ситуацијата, но тие почнуваат да живеат како семејство.

Заедно се справуваат со задачата да сплетат 108 посебни надежи и соништа на Ринко, како плетење еден по еден бод…

Филмот на авторката Огигами ја доби наградата „Teddy Jury Award“ на фестивалот Берлинале 2017 (награда што ја доделува ЛГБТ заедницата), потоа наградите на Filmfest homochrom; Интернационалниот филмски фестивал во Хелсинки (Финска); LesGaiCineMad, Madrid International LGBT Film Festival; New York Asian Film Festival; QCinema International Film Festival; Queer Lisboa – Festival Internacional de Cinema Queer; Интернационалните филмски фестивали во Тел Авив (Израел) и Udine Far East Film Festival, а забележа номинации за награди и на Czech Gay and Lesbian Film Festival, Faro Island Film Festival..

.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

16 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

21 ЈУНИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

АТЛАС

(Atlas)

Игран филм, Швајцарија / Белгија / Италија

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Николо Кастели (Niccolò Castelli)

Сценарио: Николо Кастели, Стефано Пасето (Niccolò Castelli, Stefano Pasetto)

Улоги: Матилда Де Анџелис, Хелми Дриди, Анџело Бизон (Matilda De Angelis, Helmi Dridi, Angelo Bison)

 

Сторијата на АТЛАС говори за Алегра, млада жена полна со живот и со страст за искачување на високи планини. Таа решава да отпатува во Мароко за да го искачи врвот на планината Атлас, но нејзиното патување ненадејно завршува кога ќе експлодира бомба во кафуле и нејзините тројца пријатели ќе загинат во нападот.

Алегра не успева да ја надмине траумата неколку месеци подоцна, па се враќа во својот град. Таму ќе го запознае Арад, млад муслимански бегалец, кој ќе ѝ помогне да се соочи со реалноста, нејзините стравови и да ги залечи длабоките внатрешни рани…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

16 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЗА БЕСКРАЈОТ

(Om det oändliga / About Endlessness)

Игран филм, Шведска / Германија / Норвешка / Франција

2019, 78 мин., колор, ДЦП

Режија: Рој Андерсон (Roy Andersson)

Сценарио: Рој Андерсон (Roy Andersson)

Улоги: Мартин Сернер, Татјана Деланеј, Андерс Хелстром, Јан-Еје Ферлинг, Бенгт Бергиус (Martin Serner, Tatiana Delaunay, Anders Hellström, Jan-Eje Ferling, Bengt Bergius)

 

ЗА БЕСКРАЈОТ е одраз на човечкиот живот во сета негова убавина и суровост, неговиот раскош и баналност. Талкаме, како во сон, нежно водени од нашиот наратор. Незначителните моменти го добиваат истото значење како и историските настани: една двојка лебди над градот Келн, разурнат од војна; на пат кон роденденска забава, таткото застанува да ѝ  ги врзе врвките на својата ќерка на пороен дожд; тинејџерки танцуваат надвор од кафулето; поразената војска маршира во логор за воени заробеници. Истовремено ода и жалост, ЗА БЕСКРАЈОТ претставува калеидоскоп на сè  што е вечно човечко, бесконечна приказна за ранливоста на постоењето…

ЗА БЕСКРАЈОТ беше дел од натпреварувачката селекција на 76-иот Интернационален филмски фестивал во Венеција и режисерот Андерсон ја доби наградата „Сребрен лав“ за најдобра режија. Филмот забележа уште десетина номинации, а освои награди на филмскиот фестивал во Даблин, Ирска, и „Феликс“ на Европската филмска академија за визуелни ефекти.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

17 ЈУНИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

23 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:15 ч.

27 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:15 ч.

29 ЈУНИ (СРЕДА), 20:15 ч.

БЕРГМАН – ГОДИНА ВО ЖИВОТОТ

(Bergman – Ett år, ett liv / Bergman: A year in a life)

Документарен филм, Шведска

2018, 117 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Јане Магнусон (Jane Magnuson)

Сценарио: Јане Магнусон (Jane Magnuson)

Учесници: Ингмар Бергман (архивски снимки), Лена Ендре, Торстен Флинк (Ingmar Bergman, Lena Endre, Thorsten Flinck)

 

Во 1957 година славниот шведски режисер ги сними неговите два најпознати филмови, СЕДМИОТ ПЕЧАТ (The Seventh Seal) и ДИВИ ЈАГОДИ (Wild Strawberries), сними ТВ филм и постави 4 претстави на театарските сцени.

Во 2018 година во целиот свет се одбележуваше стогодишнината од раѓањето на еден од најголемите режисери во историјата на филмот. Јане Магнусон по тој повод се осврнува на најплодната година во творештвото на Бергман, и критичарите за нејзиниот документарец напишаа дека се работи за еден од најискрените портрети на овој автор, преплавен со емоции.

Магнусон во БЕРГМАН – ГОДИНА ВО ЖИВОТОТ не се задржува само на таа фамозна 1957 година, туку го следи и целокупниот живот и кариера на Бергман. Во нејзиниот документарец Бергман е, истовремено, и нежен и груб, чувствителен и опседнат со демони, тиранин и полулуд славен гениј, посветен на работата, но и опседнат со жените, што е материјал за три човечки животи. Во периодот кога ги создавал неговите најславни филмови бил во врски со дури четири жени, од трите брака имал шест деца на кои не им ги памтел родендените, а бил најспокоен кога ќе проработел неговиот чир на желудникот, па можел да пишува во мирот на болничката соба…

Филмот на Магнусон беше учесник во натпреварувачките конкуренции на фестивалите во Кан и Сан Себастијан, а ја освои наградата на најдобар документарец на Европската филмска академија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

17 ЈУНИ (ПЕТОК), 20:15 ч.

ПРВИОТ СНЕГ

(Ensilumi / Any Day Now)

Игран филм, Финска

2020, 82 мин., колор, ДЦП

Режија: Хами Рамезан (Hamy Ramezan)

Сценарио: Хами Рамезан, Анти Раутава (Hamy Ramezan, Antti Rautava)

Улоги: Аран-Сина Кешвари, Шахаб Хосеини, Шабнам Горбани   (Aran-Sina Keshvari, Shahab Hosseini, Shabnam Ghorbani)

 

Тринаесетгодишниот Рамин и неговото семејство побегнале од Иран и живеат во бегалскиот центар во Финска. Само што Рамон ќе почне да ужива во летниот распуст, семејството добива вест дека барањето за азил им е одбиено и треба да се вратат во Иран.

Поднесуваат жалба до апелациониот суд и навидум продолжуваат со секојдневниот живот, обидувајќи се да не мислат на заканата дека ќе бидат депортирани. Рамин започнува со новата училишна година и секој момент и секое новостекнато пријателство во училиштето му е поважно од кога и да било.

Режисерот Хами Рамезан и самиот бил бегалец од Иран пред 30 години. Кога неговото семејство пристигнало во Финска го смениле презимето во Мехдипур, и во неговиот филм има многу автобиографски елементи.

Филмот имаше премиера на Берлинале 2021, забележа 16 номинации за награди на фестивалите во светот. Ги освои наградите за најдобра споредна улога (Хосеини) и музика (Туомас Никинен / Tuomas Nikkinen) на фестивалот во Пекинг (Beijing), Кина, повторно за музика на фестивалот на независен филм во Бордо, Франција, и наградата за млад автор (Рамезан) на фестивалот во Пал Спрингс, САД.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

18 ЈУНИ (САБОТА), 18:15 ч.

РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН

(Requiem for a Dream)

Игран филм, САД

2000, 102 мин, колор, 35 мм

Режија: Дарен Аронофски (Darren Aronofsky)

Сценарио: Хјуберт Селби помладиот, Дарен Аронофски (Hubert Selby Jr., Darren Aronofsky)

Улоги: Елен Брстин, Џаред Лето, Џенифер Конели, Марлон Вајанс, Кристофер МекДоналд (Ellen Burstyn, Jared Leto, Jennifer Connelly, Marlon Wayans, Christopher McDonald )

 

Сара Голдфарб (Брстин) е пензионерка и вдовица, живее во скромен стан и поголемиот дел од времето го минува гледајќи телевизија. Нејзина омилена емисија е шоуто што промовира психолошка самопомош, и толку е опседната со неа што халуцинира дека гостува во него.

Нејзиниот син Хери (Лето) е зависник од наркотици, замислувајќи дека еден ден со неговиот најдобар пријател Тајрон (Вајанс) ќе станат трговци со дрога и многу богати луѓе. Девојката на Хери, Мерион (Конели) е талентирана за моден дизајн и уметност, но и таа ќе биде проголтана од светот на наркотиците…

Аронофски по големиот успех со неговиот дебитантски филм ПИ (Pi) во РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН ја користи литературната предлошка на култниот писател Селби – познат и по романот „Последниот излез за Бруклин / The Last Exit on Brooklyn“, чија екранизација во режија на Ули Едел (Uli Edel) во 1989 година доживеа голем успех – ја ангажира иконата на новиот Холивуд, Елен Брстин. Улогата на Сара  ѝ ја донесе шестата номинација за „Оскар“ (ја има освоено статуетката во 1974 за АЛИСА ВЕЌЕ НЕ ЖИВЕЕ ОВДЕ / Alice Doesn’t Live Here Anymore на Мартин Скорсезе ). Филмот на Аронофски за критиката е еден од најзначајните филмови на преминот на двата века. Неговите визуелни сензации и френетична монтажа (Џеј Рабиновиц / Jay Rabinowitz), како и сугестивната музика на Клинт Мансел (Clint Mansell), му донесоа статус на култен наслов меѓу филмофилите, забележувајќи 37 награди и 70 номинации на филмските фестивали низ светот.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

18 ЈУНИ (САБОТА), 20:15ч.

22 ЈУНИ (СРЕДА), 18:00 ч.

25 ЈУНИ (САБОТА), 18:00 ч.

МАЛЕЧКАТА МАМА

(Petite maman / Little Mom)

Игран филм, Франција

2021, 73 мин., колор, ДЦП

Режија: Селин Скјама (Céline Sciamma)

Сценарио: Селин Скјама (Céline Sciamma)

Улоги: Жосефин Санз, Габриел Санз, Нина Морис (Joséphine Sanz, Gabrielle Sanz, Nina Meurisse)

 

Осумгодишната Нели ја губи саканата баба и им помага на родителите да ја средат нејзината куќа, во која одраснала мајка ѝ . Нели ја истражува околината и шумата околу куќата за која толку многу слушала од мајка ѝ  Марион, која како малечка се играла и си изградила куќичка од дрво.

Еден ден нејзината мајка ненадејно ќе исчезне. Нели среќава девојче на нејзина возраст која се вика Марион, и која во шумата гради куќичка од дрво, на истото место како што тоа пред неколку децении го правела мајка ѝ …

Филмот на Селин Скјама, кој имаше премиера во натпреварувачката програма на минатогодишниот фестивал Берлинале и забележа десетина награди и номинации на други фестували, од критиката е оценет како досега нејзино најдобро дело во кое се осврнува на одраснувањето од женска перспектива, истражувајќи ја моќта на сеќавањата и фантазијата.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

20 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

СМЕНАТА

(The Shift)

Игран филм, Италија / Белгија

2021, 83 мин., колор, ДЦП

Режија: Алесандро Тонда (Alessandro Tonda)

Сценарио: Давиде Орсини, Алесандро Тонда (Davide Orsini, Alessandro Tonda)

Улоги: Клотилд Хесме, Адамо Диониси, Адам Амара, Јан Хаменекер, Стив Дризен, Џемел Барек, Мирием Акедиу (Clotilde Hesme, Adamo Dionisi, Adam Amara, Jan Hammenecker, Steve Driesen, Djemel Barek, Myriem Akheddiou)

Динамичен акционен филм чија сторија говори за терористички напад на исламисти во училиште во Брисел. Автобусот полн со адолесценти кои разговараат за девојки, забави и испити пристигнува до влезот на нивното училиште. Во влезниот хол, каде што се среќаваат со своите пријатели, се шегуваат и се смеат заедно. Но, некој не го дели нивниот безгрижен израз.

Набргу потоа се случува експлозија. Реферирајќи на три терористички напади во главниот град на Белгија кои се случија на 22 март 2016 година, филмот се фокусира на случките непосредно по експлозијата и трите лика – двајца болничари и рането 16-годишно момче. Двајцата болничари не се свесни дека под облеката на момчето се наоѓа појас со експлозиви и дека тоа е наредниот бомбаш-самоубиец, па го ставаат во амбулантното возило и тргнуваат кон болницата. Кога ќе дознаат, веќе е доцна: младиот муслиман веќе се освестили, иако исплашен и физички слаб, има намера да ја изврши својата мисија до крај, со едноставно притискање на копчето на појасот. За трите лица во амбулантното возило започнува незапирливо возење од една до друга блокада во градот во состојба на црвена тревога. Двајцата болничари земени како заложници се принудени да се однесуваат како сè да е в ред и му пружаат итна помош на момчето, додека одредот за борба против тероризмот ја распоредува сета своја сила за да ги лови преживеаните потенцијални бомбаши-самоубијци.

Играното деби на Алесандро Тонда учествуваше во официјалната селекција на 15-тиот Римски филмски фестивал 2020.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

20 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:15 ч.

30 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

МРАЧНА БАЈКА

(Favolacce / Bad Tales)

Игран филм, Италија / Швајцарија

2020, 98 мин., колор, ДЦП

Режија: Дамијано Диноченцо, Фабио Диноченцо (Damiano D’Innocenzo, Fabio D’Innocenzo)

Сценарио: Дамијано Диноченцо, Фабио Диноченцо (Damiano D’Innocenzo, Fabio D’Innocenzo)

Улоги: Елио Џермано, Томасо Ди Кола, Џулиета Ребеџани, Барбара Чичарели (Elio Germano, Tommaso Di Cola, Giulietta Rebeggiani, Barbara Chichiarelli)

 

Летната горештина е надвисната над предградието на Рим и во воздухот се чувствува некоја мистериозна нелагодност која може да експлодира во секој момент. Поголемиот дел од жителите на предградието се фрустрирани затоа што не се дел од поубавите делови на градот, полни со горчина што сонот за конфорот што ја има средната класа им е уништен.

Но, нивните деца ќе се обидат да го променат генерациското наследство. Нараторот на сторијата нè води низ неговата мрачна бајка – приказна за мажите и жените кои постојано стравуваат дека нивните соништа и надежи за подобар живот можеби никогаш нема да бидат остварени.

МРАЧНА БАЈКА на браќата Диноченцо ја освои „Сребрената мечка“ за најдобро сценарио на Берлинале, беше победник на фестивалите ФЕСТ во Белград и во Брисел, и освои уште дваесетина други фестивалски награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

21 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:15 ч.

29 ЈУНИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ПОТ

(Sweat)

Игран филм, Полска / Шведска

2020, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Сценарио: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Улоги: Магдалена Колешник, Јулијан Швижевски, Александра Конечна (Magdalena Kolesnik, Julian Swiezewski, Aleksandra Konieczna)

 

ПОТ е филм за инфлуенсерите на социјалните мрежи виден низ призмамата на сторијата за фитнес инструкторката Силвија Зајец. Таа е згодна, популарна и обожувана, опкружена со верни соработници и следбеници кои ѝ се восхитуваат, завидуваат, се поистоветуваат и сакаат да бидат како неа… Силвија, пак, има само една неостварена желба – вистинска емоционална интимност со некого.

Оценет како психолошки профил на светот на инфлуенсер(к)ите во ерата на Инстаграм, ПОТ е филм кој заради низа околности – пандемијата со корона вирусот меѓу другото – го слика токму времето кое се повеќе го минуваме online, соочени со прашањето дали квалитетот на реалниот живот може да биде заменет со бројот на „лајковите“ (допаѓањата) на социјалните мрежи? Затоа, не случајно, ПОТ ја имаше премиерата на online изданието на филмскиот фестивал во Кан во 2020 година.

Филмот на Магнус фон Хорн – шведски режисер кој студирал на прочуената филмска школа во Лоѓ и продолжил да работи во Полска – беше апсолутен победник на националниот филмски фестивал во Полска, освои две награди на фестивалот во Чикаго (САД) и уште десетина други признанија, забележувајќи дваесетина номинации за награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

22 ЈУНИ (СРЕДА), 20:15 ч.

24 ЈУНИ (ПЕТОК), 20:15 ч.

27 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

30 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:15 ч.

ЈАГНЕ

(Lamb)

Игран филм, Исланд / Шведска / Полска

2021, 106 мин., колор, 35 мм

Режија: Валдимар Јохансон (Valdimar Jóhannsson)

Сценарио: Сјон, Валдимар Јохансон (Sjón, Valdimar Jóhannsson)

Улоги: Нооми Рапас, Хилмир Снаер Гуднасон, Бјорн Хлинур Харалдсон (Noomi Rapace, Hilmir Snær Guðnason, Björn Hlynur Haraldsson)

 

Марија (во толкување на Нооми Рапас, се прослави како Лизбет Саландер во филмската трилогија МИЛЕНИУМ), е фармерка која со маж ѝ  Ингвар (Гуднасон ) одгледува стадо овци во преубавите пејзажи на Исланд. Брачната двојка во таа природна идила надвор од градската врева има сè, освен деца.

Еден ден на нивната фарма ќе најдат бебенце, кое мистериозно се појавува. Марија и Ингвар одлучуваат да го чуваат и одгледуваат како нивно дете. Бебенцето е пресврт во животот на дотогаш тажната Марија, кое ќе им донесе многу радост…

Рапас е по потекло од Шведска – родена во бракот на актерката Нина Норен (Nina Norén) и шпанскиот фламенко пејач Роџелио де Бадахоз (Rogelio de Badajoz) – но во овој филм за прв пат говори на исландски јазик кој го научила додека како малечка живеела со мајка и на Исланд.

Режисерот Валдимар Јохансон за ЈАГНЕ ја доби наградата за оригиналност во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот фестивал 2021. Филмот ги освои наградите за визуелни ефекти на доделувањето на Европските филмски награди, потоа награди за најдобра актерка (Рапас), режија (Јохансон) и филм на фестивалот во Сиџес крај Барселона (Sitges – Catalonian International Film Festival), и забележа уште триесетина номинации на фестивалите во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

23 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

МЕМЕНТО

(Memento)

Игран филм, САД

2000 г., 113 мин., колор, 35 мм

Режија: Кристофер Нолан (Christopher Nolan)

Сценарио: Кристофер Нолан, Џонатан Нолан (Christopher Nolan, Jonathan Nolan )

Улоги: Гај Пирс, Кери-Ен Мос, Џо Пантолиjано (Guy Pearce, Carrie-Anne Moss, Joe Pantoliano)

 

Филмот МЕМЕНТО, кој го прослави режисерот Кристофер Нолан, го следи светот на Леонард Шелби, кој се здобил со тешка повреда на главата, при обидот да ја спаси сопругата од убиство. Заради тоа, Леонард не може да создава нови сеќавања, а последното нешто на кое се сеќава се настаните кои се случиле непосредно пред повредата. За да се одмазди за смртта на неговата сопруга, тој ќе мора да ги запомни настаните кои му се случуваат и да ги бележи сите податоци кои би можеле да го доведат до убиецот.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез