Утре (среда,15 септември), во 20.00 во летното кино „Мирно лето“ ( Кинотека), во рамки на „Скопје филм фестивал класик“, ќе се одржи проекција на култната комедија на Слободан Шијан од 1980-та година – КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (Ко то тамо пева / Who Is Singing Over There).

Станува збор за нова, дигитално реставрирана копија на филмот кој своевремено беше прогласен за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори, а многумина светски критичари и автори го нагласуваа како еден од омилените филмови. Овој филм на Шијан, како и сто други – антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење – се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија. Со овој проект започнува и долго очекуваниот процес на дигитална реставрација на српското филмско наследство ( https://youtu.be/WvwnU9BJxIs ) кој се реализира во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската кинотека во Белград.

По повод оваа проекција, гостин на Кинотеката на РС Македонија ќе биде Југослав Пантелиќ, директор на Југословенската кинотека и уметнички директор на ФЕСТ – белградскиот меѓународниот филмски фестивал кој годинава го одбележа своето 50-то издание – кој пред почетокот на КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ ќе говори за значењето на филмот.

Југословенската кинотека е основана во 1949 година од страна на Комитетот за кинематографија на тогашната ФНР Југославија, и е организациски поставена како и другите значајни филмски архиви. Фондот на Југословенска кинотека веќе во 1964 се вбројувал меѓу најбогатите и денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.

Кинотеката на Северна Македонија и Југословенската кинотека се во подготовка на „Неделата на српски филм“ во чии рамки ќе бидат прикажани повеќе дигитално реставрирани филмски наслови од листата на српски „културни добра од големо значење“. Веќе двапати оваа презентација на српската кинематографија беше одложена и двете кинотеки се надеваат дека наскоро ќе можат да ја реализираат оваа соработка.

Проекцијата на КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ е поддржана од културно-информативниот центар „Спона“ во Македонија и е во соработка со Српската амбасада во Скопје, а се прикажува во склоп на „класик“ програмата на годинешното издание на Скопскиот филмски фестивал.

Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавува плејада од врвни југословенски и српски актери како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ, Бора Тодоровиќ, Миливоје Томиќ и други.

Филмот за „скапаниот“ автобус на фирмата „Крстиќ и синот“ со кој група патници се обидува, преку низа перипетии и комични ситуации, да стигне до Белград токму пред нацистичкиот напад на Југославија во април 1941 г. – своевремено беше добитник на повеќе домашни (Златна арена за Александар Берчек во Пула) и странски филмски награди и признанија (Кан – награда на публика; Гран при на фестивалите во Монтрел, Панама, Саламанка, Ротердам, итн.).

Влезот е слободен, а проекцијата ќе се одвива според протоколите за заштита од Ковид-19.