Кинотеката на Р.С.Македонија, во соработка со Филхармонија, на 4 АПРИЛ (ВТОРНИК), со почеток од 20:00 ч., ќе го прикаже биографскиот филм за славниот композитор Густав Малер, на сценаристот и режисер Кен Расел (Ken Russell).

Проекцијата на филмот е на 35 мм лента.

МАЛЕР (Mahler) е игран филм во продукција на В. Британија од 1974 година, времетраење од 115 мин., во колор техника. Главните улоги ги толкуваат Роберт Пауел, Џорџина Хејл и Ли Монтаг (Robert Powell, Georgina Hale, Lee Montague).

Раскажана во низа ретроспективни сцени додека тој и неговата сопруга Алма разговараат за нивниот неуспешен брак за време на патување со воз, сторијата низ флешбек секвенци го прикажува турбулентното детство на Малер, обременето со самоубиството на неговиот брат, искуството со антисемитизмот, неговото конвертитство од јудаизам во католицизам, брачните проблеми, смртта на неговата млада ќерка…

Расел ја истражува музиката на Малер и низ неговите односи со Козима фон Билов (Cosima von Bülow), ќерката на композиторот Франц Лист (Franz Liszt ), а потоа вдовицата на Рихард Вагнер (Richard Wagner).

Во улогата на Густав Малер настапува актерот Роберт Пауел познат по неговата иконична креација на Исус Христос во ИСУС ОД НАЗАРЕТ (Jesus of Nazareth, 1977) на Франко Зефирели (Franco Zeffirelli), како и од мјузиклот ТОМИ (Tommy) на Расел, реализиран во 1975, една година по нивната заедничка соработка во МАЛЕР.

МАЛЕР е дел од творештвото на Расел кога режисерот бил посветен на екранизациите на биографиите на славните класични композитори и уметници како Петар Илич Чајковски, Франц Лист – во толкување на Роџер Далтри (Roger Daltrey), пејачот на групата „The Who“, кој ја игра и насловната улога во рок-операта ТОМИ – потоа холивудската икона Рудолф Валентино (во интерпретација на славниот балетан Рудолф Нуреев)…

Џорџина Хејл за улогата на Алма Малер ја доби наградата БАФТА за најдобра млада актерка, Расел ја освои наградата за технички достигнувања на Канскиот фестивал, каде што беше номиниран и за „Златна палма“. Расел ги доби и наградите за најдобар режисер на фестивалот на островот Фаро и за најдобар сценарист на британската Асоцијација на филмски сценаристи.