На 27 октомври (среда) Кинотеката на Македонија го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство и ја промовираше книгата АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН на Стојан Синадинов.

Промотори на книгата беа професорите Ана Стојановска, Ѓорѓи Спасов и Сашо Кокаланов, а модератор на промоцијата професорот и филмолог-советник во Кинотеката, Атанас Чуповски.

АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти посветени на нашиот филмски режисер, сценарист и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

-Секој што ќе биде во прилика да ја прочита внимателно оваа ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН,  може да забележи дека Синадинов ни презентирал труд на кој би можел слободно да му стави наслов „Уметност на исповедувањето“. Во трудот, тој низ одговорите што ги добивал на своите прашања од Антонио Митрикевски, низ нивното селектирање и систематизирање, и понудил на јавноста многу нови информации за тоа како настанеле филмовите на Митрикевски, од каде ја црпел инспирацијата за нив и со кои проблеми се соочувал  и се соочува во градењето на својот филмски сон.  Со сето тоа, Стојадинов успеал да ни понуди литература која фрла нова светлина врз филмската уметност на еден автор, литаратура во која авторот го објаснува своето творешетво преку еден вид искрена исповест за својот живот, и на јавноста и се нуди материјал за поцелосно разбирање и толкување на создадените филмови“, рече на почетокот на неговото обраќање професорот Спасов.

Аналирајќи понатаму, Спасов истакна неколку заклучоци:

-За Митрикески кој е и автор на повеќето од сценаријата за неговите филмови, филмот е приказна што треба да се сними и екранизира. И таа приказна треба да се носи во себе и да се визуелизира, да се раскажува на роднините и другарите за да се види што од тоа  треба да се изостави. Приказната според Митрикевски мора да биде уверлива,  речи си документарна, веристичка. Во неа гледачот треба да се препознае, да ја следи со интензивно размислување за тоа што би правел тој или како би се чуствувал и постапил  да се соочил со судбината на главните јунаци од филмот. Но филмската приказна мора да биде гледлива, односно од неа да се направи филм што авторот би го гледал, филм кој ќе продира во душата на ликовите и ќе ја открива заднината на злото што се случува пред нашите очи но приказна која нема да остави со мачнина гледачот по гледањето на филмот, туку низ поетска естетизација на секој кадар ќе овозможи и уживање во него…

Секоја приказна за Митрикевски која заслужува да биде снимена е во основа приказна за битката меѓу доброто и злото, приказна која го потсетува на приказните од баба му Васка во кои секогаш се води битка меѓу Бог и Ѓаволот. Меѓу ликовите кои тежнеат кон добро и возвишено каква што е љубовта и оние во кои „влегол Ѓаволот„  и не ги остава на мир додека не направат зло. Во таа постојна битка меѓу доброто и злото Митрикевски е свесен  дека не само што секогаш не победуваат доброто, и правдата над неправдата туку дека злото и неправдата често победуваат и остануваат неказнети…

Митрикевски признава дека „психоналаизата индиректно  многу влијае во процесот создавањето на неговите филмови, а особено восоздавањето на неговите документарни филмови и на играниот филм КАКО ВО ЛОШ СОН. Според него, „она од што страда човекот е душата“. Режисерот треба да биде психолог, да ја познава душата на човекот, посочи меѓу другото Спасов.

На крајот, Спасов посочи на мислата на Митрикевски дека порано имал смисол за хумор, ама дека сега ја има изгубено.

-Јас не стекнав таков впечаток кога читав како тој ги опишува многуте работи за татко му Боро, за семејтвото и семејните корени, за другарите, па и за настаните околу филмот. Но, ако вистина ја има изгубено смислата за хумор, тој мора под итно да си ја врати, бидејки како што рекол Брехт: „Тешко е да се живее без смисла на хумор но уште потешко е да живееш во времиња, како сегашниве, во кои можеш да преживееш само со смисла за хумор“, заврши Спасов.

Насловувајќи го неговото обраќање како „Крупен план на душата (За поетското во филмската уметност)“, професорот Кокаланов анализираше дека монографијата ни го осветлува филмското творештво на Митрикески, но не како збир на снимени филмски дела, туку како комплексен уметнички процес, внатрешно создавање и пресоздавање на еден сложен свет. Биографијата ни ги осветлува животните патишта и судбинските нишки што се препретувале низ животот на авторот, но и на неговите најблиски, па ни се разгранува пред нас едно широко семејсно стебло, една лепеза од, ќе се дрзнам да речам, филмски ликови, со меѓусебни комплексни дијалектички односи на сакања и конфликти, блискост и далечност, комичност и тргичност, палавост и созревање. Мемоарската проза, („Јас би додал и поезија“, Кокаланов) ни осветлува едни неизбришливи траги, животни и авторски, што Митрикески ги остава зад себе, не само за да не бидат заборавени, туку и да може низ тие записи да ни ги предаде своите филозофски погледи на светот во и околу себе; а критичките осврти служат како едно ретроспективно интермецо, како ехо што не престанало да одгласува со последната кино-проекција на филмовите на Митрикески.

-Низ освртов намерно го користам зборот осветлува, а не открива. Зашто, како што вели и самиот Митрич низ страниците на книгата, многу е важен контрастот помеѓу сенката (несвесното) и светлото (свесното). Црната боја ги впива сите бои и симболизира исчезнување, непознатото, сето тоа што има магична моќ врз нашиот ум, ирационалното, таинственото, темната страна на човечкиот ум. Таа несвесна сенка бара почит. И авторите Синадинов и Митрикески така и се однесуваат кон овие сенки на страницата на книгата – со достојна почит. А белата е над сите бои, таа ги симболизира вистината, невиноста совршенството… Овој контраст е постојано присутен, па секоја страница од книгава можете да ја гледате како филмски кадар исполнет со контрастот на белото и црното и сите безбројни нијанси помеѓу, рече Кокаланов.

Наспроти концептуално наметнатите поглавја од авторите: „Вера, љубов и надеж“, Кокаланов рече дека би сакал да се осврне на поетиката на Митрикески преку следниве три пунктови: сонот, поезијата, визуелноста.

-Не нужно секако според овој редослед. Тоа се три есенции на кои се потпрени и творештвото и уметноста и естетиката и оваа книга, па ако сакате и животот на режисерот. Односно во различен периоди од творештвото и од животот, сензибилитетот е наострен и насочен доминантно кон едното или другото или третото, но тоа не менува ништо, зашто визуелното е присутно во неговата поезија како што поезијата е проткаена во неговите филмови, а сето постојано се граничи, се манифестира како сон, некогаш како лош сон, некогаш како сон исполнет со љубов, вера и надеж. Оваа книга ви ја препорачувам на сите вљубеници во филмот и на сите љубопитни за филмот. Мене лично, како негов помлад колега, но и како негов соработник и сценарист на филмови што заедно ги подготвуваме, ми помогне подобро да го разберам неговото клучно филмско кредо, она што го ставив и во насловот на освртот – филмот е крупен план на човековата душа. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа, истакна Кокаланов.

Професорката Ана Стојаноска на почетокот на излагањето посочи дека ваквите промоции се битни заради „размената на погледите“ со публиката.

Таа во нејзиниот инспиративен говор посочи дека книгата може да се жанрира и како мемоарска книжевност, како (авто)биографски приказ, како метафилмски наратив, но најмногу и одговара терминот приказна, затоа што тоа и е.

-Полигласна во начинот на кој е раскажана (најмногу говори гласот на Антонио Митриќески, нашиот познат филмски режисер и педагог, потоа гласот на авторот, што се обидува низ прашања – поставени и непоставени да ја води приказната, гласовите на критичарите и филмските автори и авторитети, како и поезијата на Митрикески која е вмрежена низ наративот истовремено откривајќи го и авторот Митрикески и човекот Антонио) е и книга – фикција и книга – историја и книга – проекција. Приказната сместена во трите насловени делови, метафорично оформена низ насловите: Љубов, Верба и Надеж, е раскажана со цел да се отворат и затворат неколку клучни топоси од филмографијата на Митрикески – документарните и играните филмови. Низ раскажувањето на интимните детали од животот (родителите – таткото познатиот скулптор Боро и неговата мајка Маруше, братот Игор, сопственото растење, сопругата, децата, пријателите, колегите), се провлекуваат и деталите од образованието, школувањето во Полска, животот во Канада, средбите и дружењата со многу познати имиња од културата кај нас и во светот, приказните за настанувањето и снимањето на филмовите, односот кон соработниците, актерите со кои снимал или сакал да снима, па се до најличните себетрагања, кои понекогаш наликуваат на терапевтски, прават од оваа книга една збирка на спомени што се обидуваат да ја дооформат големата слика – како еден филмски режисер создава филм или како го бара филмот во своето секојдневие. Низ ракурсот на интимниот објектив (да се послужам со филмскиот мета јазик) оваа книга го води читателот низ најскриените делови на свесниот и потсвесниот живот на филмскиот режисер, со цел да ја покаже онаа страна што обично ни е скриена, затоа што на некој начин излегла на филмското платно. Освен филмовите што се снимени, тука се споменати и оние што не се, не биле финансирани или имало друга причина за нивното нереализирање, посебно треба да се нагласи синопсисот за ТАНЦ НА КУКЛИТЕ. Во оваа книга, во делот Личните и професионални немири, авторот, го заокружува портфолиото на режисерот Митриќески, преку неговата кратка автобиографија, филмографија и постигнати успеси, изложи Стојаноска.

Завршувајќи го нејзиното обраќање, Стојаноска потенцираше дека АНТОНИО МИТРИЌЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН (ОТВОРЕНА КНИГА ЗА ЖИВОТОТ И УМЕТНОСТА ВО ТРИ ДЕЛА) од Стојан Синадинов е книга што треба да отвори можност за поинакво третирање на филмската поетика и естетика кај нас.