Во средата, на 29 март, во 12 ч. – во киносалата при Кинотеката на Македонија беше промовирана автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“…

Промотори на ова издание беа историчарот на уметност и заменик-амбасадор во Шпанската амбасада во Скопје – Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот Еуропа Прима, кој воедно е автор на предговорот на книгата.

На присутните им се обрати заменик амбасадорот Ернесто Ередеро дел Кампо кој зборуваше за создавањето на идејата за превод на ова дело на Буњуел, кое е поврзано со претходната соработка со Кинотеката, поточно со одржувањето на ретроспективата на филмските остварувања на Луис Буњуел што се одржа минатата година, во рамките на Филозофскиот филмски фестивал.

„Луис Буњуел е многу повеќе од филмаџија, тој е уметник во секоја смисла на зборот. Тој е еден од ретките режисери што ја надминува приказната што сам ја раскажува. Во самата книга може да се согледаат оние елементи што се провлекуваат и низ неговите филмови – како што се религијата, класната нееднаквост, насилството, желбата, сексуалната патологија, нејасната граница помеѓу фантазијата и реалноста, свесното и несвесното. Во неа се гледа една Шпанија која е рестргната помеѓу традицијата и револуцијата, каде верските и политичките елементи се бореле со големо насилство, општествени промени, политичкиот екстремизам, граѓанската војна итн. “ изјави Ернесто Ередеро дел Кампо.

Првиот промотор на оваа книга – проф. д-р Иван Џепароски, во своето излагање истакна дека Буњуел сѐ уште буди интерес кај новите генерации, и е предизвик кој нѐ носи кон еден негов свет, свет кој речиси целосно може да се поврзе со доживувањето на целиот 20-ти век. Тој говореше за односот на Буњуел кон уметноста, неговата поетика, а го истакна и значењето на Луис Буњуел во однос на Надреализмот. Џепароски истакна дека филмот АНДАЛУЗИСКИ ПЕС бил од големо значење и за неговата генерација и за времето кога тој како студент се соочил со него, на Филозофскиот факултет, некаде при средината на `70-тите години од минатиот век.

„Буњуел го имавме на вежбите по естетика кои ги имавме со тогашната моја колешка Кица Барџиева, и се разбира со професорот Старделов, како и при одењето во Кинотеката, која тогаш беше во МКЦ и каде во една малечка киносала ги гледавме неговите филмови. Но моето доживување на АНДАЛУЗИСКИ ПЕС се поврзува со мојот престој во Париз во 1979-тата година, во една мансарда наспроти киното „Жорж Помпиду“ во Бобур, во чија библиотека одев секој ден за да го сработам тоа што имав зацртано да го сработам тој ден, како и да ги посетувам изложбите во околината. Во мансардата во која што престојував беше премногу ладно, па најчесто го посетував „Помпиду“ за да се затоплам, а во тоа време беше и првата голема изложба на Салвадор Дали. Во рамките на таа изложба, која траеше од октомври до јануари, имаше една киносала каде што постојано се вртеше АНДАЛУЗИСКИ ПЕС – без престан. Убавината беше што тогаш во салата имаа онакви „поп-артовски“ фотелји на воздух, каде што можеше да се легне и јас таму спиев дури и се топлев, а го гледав АНДАЛУЗИСКИ ПЕС дури и кога спиев…“ изјави Џепаровски.

Тој ја истакна важноста на Буњуел, а особено на филмот АНДАЛУЗИСКИ ПЕС, бидејќи со него Надреализмот добива една друга димензија, особено за една нова уметност како што тогаш беше филмот, кој допрва земаше залет да се развива во повеќе правци.

„Таа иронија и самоиронија избива од секоја страница на оваа книга. Преку неговиот прочуен однос кон религијата, што најдобро се епитомизира преку неговиот исказ „Фала му на Бога, сѐ уште сум атеист“ – гледаме каков е и неговиот однос кон религијата. Дури и на крајот од книгата – тој завршува со таа филмска сцена во којашто самиот си се замислува себе си како ги изненадува своите најблиски, со тоа што на смртната постела повикува свештеник за да се исповеда… “ објасни проф. Џепароски, говорејќи за протовиречностите кои го одбележувааат Буњуел.

Џепаровски истакна и дека, иако ова е автобиографија на Луис Буњуел, еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, тоа е книга која е силно обременета со прашањето на сеќавањето, помнењето, а со тоа и со прашањето на личното доживување.

Потоа, доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, во своето излагање, на присутните накратко им го претстави и животот на Буњуел, објаснувајќи го значењето на оваа автобиографија, како и прашњето зошто во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна, или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна.

Истакнувајќи ја работата на Буњуел со други значајни автори од тоа време, а особено неговата блиска врска со Жан-Клод Кариер, Чупоски се осврна на неколку делови и етапи од неговиот живот.

“Иако оваа книга е пишувана на крајот на неговиот живот, Буњуел воопшто не е патетичен  и сентиментален во овие негови сеќавања. За тоа сведочи Кариер, можеби не во оваа книга, но вели дека Буњуел бил подготвен за смртта. Книгата е објавена неколку месеци пред неговата смрт и претставува  изворедно сведоштво. Сведочи за сите овие настани, за сиот негов живот, од аспект на човек со „80-и-кусур“-годишно творечко искуство. Можете самите да замислите колку е драгоцена оваа книга… “ истакна Чупоски.

На крај, пред преполната сала на Кинотеката се обрати и директорот Владимир Ангелов, кој на  присутните им се заблагодари што дојдоа да ја проследат оваа промоција и истакна дека е особено среќен што и покрај многубројните предизвици – ова издание конечно ќе биде достапно до македонската читателска публика.

„Ова е веќе остварување на мојот детски сон, изданието на „Мојот последен здив“ е тука. А тоа се чита во еден здив, па затоа, „на здравје читање“  изјави Ангелов.

Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на м-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски. Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Р.С. Македонија.

 

Дамјана Патчева