На 12 март (вторник) во 20:00 ч., во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе биде промовирана книгата „Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ на д-р Александар Трајковски, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, каде што го раководи Институтот за аудиовизуелни уметности.

 

Книгата во издание на Кинотеката на Македонија ќе ја промовира проф. д-р Ганка Цветанова, а пригодни обраќање ќе имаат Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, и Илинденка Петрушева, уредник на изданието.

„Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ на д-р Александар Трајковски е првата пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на проф. д-р Ганка Цветанова, која е и рецензент на книгата.

Поттикнат од атрактивноста на темата и желбата сите обработени информации да ги споделам со пошироката јавност, одлучив да направам адаптација на текстот, кој го збогатив и со проширување на истражувањето, што, пак, во финална фаза, доведе до оформување на конечниот изглед на книгата, вели Трајковски во воведот на книгата.

Александар Трајковски е роден 1978 година во Скопје, дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија. На ФМУ под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја го одбранил магистерскиот труд „Организацијата и содржината на музичката настава во Република Македонија во периодот од 1950 до 1962 година“. 

Трајковски учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници. Автор е и на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Во моментов, со м-р Снежана Анастасова – Чадиковска работи на дополнувањето на второто издание на монографијата за оперската примадона Милка Ефтимова.

Печатењето на „Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ го овозможи Министерството за култура.

Leave a comment