Синоќа (31 март, 2021), во Кинотеката се одржaфилмски омаж посветен на прерано заминатиот актер Љупчо Тодоровски-Упа.
Пред членовите на неговото семејство, министерката за култура проф. д-р Ирена Стефоска, како и пред насобраните пријатели, соработници и филмофили –во негова чест и за негов помен, пригодна реч одржа директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов: „Искрените пријатели критикуваат. А такви се малкумина, и стануваат сè помалку… Го изгубивме Упа. Упа умееше да пофали, но и да даде искрена забелешка, секогаш на место. Да покуди. Конструктивно,секако.Умеевме со часови да седиме на улица при случајна средба и да муабетиме до бескрај.За сè и сешто. Конструктивно. Со Упа,секој муабет беше конструктивен“ – посочи Ангелов во воведот.
Потоа, тој продолжи да се присетува понатаму: „Се сеќавам на Упа уште од ПРЕД ДОЖДОТ. Тоа некако коинцидираше и со моето враќање во старото маало – Карпош 2, некаде 1994-95 година. На улицата „Руѓер Бошковиќ“… Во маалото, како деца, отсекогаш чувствувавме актерски `вајб`. Дац растеше во соседната зграда, значи и Стево беше тука, а зад мојата зграда беше Ѕвезда со нејзиниот прославен татко Шишман Ангеловски или `Петко Тешкаглава`, како што го викавме според еден од ликовите што ги глумеше, а и Темчо живееше во истата зграда – инспициентот во Драмски, но понекогаш и актер кој пензијата ја дочека во Детскиот театар; Томо Молац беше во мојот влез, a подоцна, во истиoт стан се всели Ѓорѓи Јолевски…Драмскиот факултет беше преку улица, а Драмски театар – троа подолу…По враќањето, во соседниот влез,пак, почнав да го гледам Упа, тогаш не се познававме. Ми импонираше што еден таков карактерен глумец живее во мојата близина. Кога подоцна се запознавме, ми импонираше и самото познанство… Ме воодушевуваше неговата упорност од ништо да создаде нешто, да ја издигне културата на ниво што заслужува, не само актерството и филмот, општо културата затоа што тој не беше странец и во литературата или музиката или сликарството… Најмногу ми импонираше кога ќе ме наречеше МАЈСТОРЕ. А она што најмногу ме импресионираше е што Упа го почитуваше туѓото мислење.Ми направи голема чест кога побара мое мислење за неговото сценарио на филмот МАЈСТОРОТ, кој упорно пробуваше да го сними, а номенклатурите упорно го саботираа. За овој филм беше спремен и на компромиси, но не по секоја цена. И така филмот остана неснимен… Но, читајќи го МАЈСТОРОТ, ја сфатив и честа што ја добивав кога ќе ми се обратеше со МАЈСТОРЕ.Фала, МАЈСТОРЕ –Упа за прекрасните мигови поминати заедно, најчесто во Кинотеката, и фала за она што го остави зад себе“ – рече Ангелов.
Потсетувајќи дека Кинотеката, наместо со молчење, ги испраќа своите пријатели со аплауз, Ангелов го заврши обраќањето со пораката: „До следниот аплауз, МАЈСТОРЕ Упа!“.
Присутните ги слушнаа и спомените за Упа во видео-обраќањето на филмскиот режисер Митко Панов, а потоа имаа можност да ги видат последната и првата актерска креација на актерот Упа во НАЛЕПНИЦА (2019) на Георги М. Унковски и ЈАЗОЛ (1985) на Кирил Ценевски.

Leave a comment