Филмот СЕСТРИ во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист Продукција од Скопје, на 23.08 (понеделник) ја доживеа светската премиера на престижниот фестивал од А-категорија во Карлови Вари, Република Чешка.

Фестивалот се одржува од 20 до 28 август, а филмот на Дума е дел од компетитивната официјална програма East of the West (Источно од Западот). Оваа селекеција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот  Исток и Северна Африка.

Антонија Белазелкоска

СЕСТРИ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Миа Жиро

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов (кој е и монтажер), кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.

Дина Дума

СЕСТРИ е поддржан од Агенцијата за филм на Р. С. Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.

Филмскиот фестивал во Карлови Вари е највлијателниот во Централна и Источна Европа и еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција,  Локарно, Сан Себастијан…