Краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кино око“ е селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм.

„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за Кино око бидејќи прв пат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска“, вели продуцентот Роберт Насков.

Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг-директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков, сценарист и режисер е Марија Апчевска-Петровска.

„Премногу сум среќна за успехот на нашиот филм и бескрајно благодарна на сите кои ме поддржува во секој чекор“, изјави режисерката Марија Апчевска-Петровска.

Од Агенцијата за филм велат дека ова е навистина маркантен успех за македонската кинематографија.

„Последниве неколку години ние во континуитет сме присутни на Канскиот филмски фестивал со малцински копродукции и соработки, но овојпат е навистина исклучително за нашата кинематографија што оваа година со македонски национален филм сме во официјална селекција на најпрестижниот и најгламурозниот филмски фестивал во светот. СЕВЕРЕН ПОЛ на Марија Апчевска е еден од десетте селектирани филмови во официјалната селекција за краток филм, а тоа е неспорна препознатливост на македонскиот филм и македонските автори, потврда за нивниот квалитет, креативност, оригиналност и автентичност во изразувањето на големото филмско платно“, велат од Агенцијата за филм.

СЕВЕРЕН ПОЛ е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“, Миодраг Поповиќ од „форГрејд“ и Петер Шекереш од „Тиволи филм“. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Филмскиот центар на Србија.