Со проекција на култниот филм РАДИ ТРУДОВИ на Желимир Жилник на 31 мај (среда), со почеток од 21 часот, Кинотеката го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК на Јанко Баљак, посветен на овој анфан терибл и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија.

Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има прилика да разговара со нив.

„Тирке, снимам игран филм. Имам улога за тебе, сакаш да играш?“.

„Да, секако! Кога почнувамне со снимање?“.

„Утре!“.

Вака според Богдан Тирнаниќ, филмски критичар и повремено актер, гласел дијалогот меѓу него и Желимир Жилник во есента 1968 година. Прочуениот студентски бунт од јуни во Белград веќе бил „спакуван“ во извонредниот десетминутен документарец ЈУНСКИ ДВИЖЕЊА (Lipanjska gibanja), и Жилник со неговите најблиски соработници Бранко Вучиќевиќ како сценарист и Карпо Аќимовиќ Година како директор на фотографија заминуваат во калта и пустелијата на Војводина за да ја снимат новата политичко-естетска револуција – РАНИ ТРУДОВИ.

Во периодот од крајот на шеесеттите години на минатиот век „новиот/црниот бран“ ги бележи најголемите интернационални дострели на ексјугословенската кинематографија.  Александар Петровиќ со СОБИРАЧИ НА ПЕРДУВИ (Skupljači perja / I Even Met Happy Gypsies) во 1967 ја доби Големата награда на жирито и наградата ФИПРЕСЦИ во Кан, а беше номиниран и за „Оскар“ за најдобар странски филм; а Желимир Жилник со РАНИ ТРУДОВИ (Rani radovi / Early Works) во 1969 ја освои „Златната мечка“ и наградата на младата публика на Берлиналето. Жилник и Душан Макавеев за В.Р. МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ (W.R. – Misterije orga(ni)zma / WR: Mysteries of the Organism) од 1971, завршија на суд, а нивните филмови се гледаа тајно. РАНИ ТРУДОВИ во март 1969 година бил забранет за прикажување од страна на цензурата, а во јуни, кога го освоил „Берлинале“, против него бил започнат судски процес поради „вознемирување на југословенската јавност“…

Вака некако запишавме пред три години кога во Кинотеката го претставивме класиците на српската кинематографија. Денес вреди уште еднаш да се потсетиме на Жилник и РАНИ ТРУДОВИ, 55 години по неговото снимање, и на таа револуционерна година, не само за некогашна Југославија, туку и за Европа и САД.

РАНИ ТРУДОВИ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајки дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а останатите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат.

Во 1969 година, филмот ја добива Златната Мечка на Берлинскот филмски фестивал „…заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина…“. Филмот „Капитал“, базиран на истоименото дело на Маркс, е снимен во 1971 година како продолжение на „Рани трудови“, но никогаш не бил прикажуван.

. . .

Жилник е режисер, сценарист, филмски критичар, роден на 8 септември 1942 година во кампот на Црвениот крст во Ниш, каде била затворена неговата мајка Милица, подоцна убиена во логорот организиран од злогласниот нацистички Гестапо; татко му Слободан бил убиен од четниците во 1944 година, и Желимир пораснал во семејството на неговата мајка.

Во студентските денови бил главен уредник на Трибината на младите и уредник на списанието „Полиња“ („Поља“), а тогаш се занимавал и со филмска критика. Кариерата ја продолжува со проектите во Неопланта филм од Нови Сад, а потоа и со Телевизија Нови Сад. Уште кон крајот на шеесеттите години, заради своите визуелно експресивни филмови како критика на современото живеење добива бројни признанија во Југославија и во странство (за документарниот филм НЕВРАБОТЕН, снимен во 1967 година, добива Гран при во Оберхаузен). Во раните седумдесетти години е жестоко критикуван поради идеолошките ставови, а РАНИ ТРУДОВИ и СЛОБОДА ИЛИ СТРИП (1972 год.) биле цензурирани и забранети. Одредено време работел на театарски продукции, а во осумдесеттите продолжува да снима играни филмови – ВТОРА ГЕНЕРАЦИЈА (1983), УБАВИ ЖЕНИ МИНУВААТ НИЗ ГРАДОТ (1986), ТАКА СЕ КАЛЕШЕ ЧЕЛИКОТ (1988), МЕРМЕРЕН ЗАДНИК (1995), КАДЕ ПЛОВИ ОВОЈ БРОД (1999) се само дел од неговата филмографија.

Во 1994 година, со ТИТО ПО ВТОР ПАТ МЕЃУ СРБИТЕ, Жилник повторно пионерски го отвора патот за видео и телевизиската продукција на тогаш најрадикалниот и најнезависен медиум во Белград – Б92. Со документарците што следуваа – ТВРДИНА ЕВРОПА (2000), КЕНЕДИ СЕ ВРАЌА ДОМА (2003), КЕНЕДИ: ИЗГУБЕНО И НАЈДЕНО, ЕВРОПА ВО СОСЕДСТВОТО“(2005) – ги портретира судбините на обичните луѓе од Централна и Источна Европа и го разобличува системот на вредности произлезен од времето на транзицијата.

Жилник беше гостин на Кинотеката во 2008 година, кога беше прикажан дел од неговиот исклучителен опус. Петнаесет години подоцна, еве го Жилник потворно како гостин во Кинотеката, на отворање на летното кино.

 

РАНИ ТРУДОВИ 

(Rani radovi / Early works)

Игран филм, Југославија

1969,  87 минути, црно-бел, ДЦП

Режија: Желимир Жилник (Želimir Žilnik)

Сценарио: Желимир Жилник, Бранко Вучиќевиќ (Želimir Žilnik, Branko Vučićević)

Директор на фотографија: Карпо Аќимовиќ Година (Karpo Aćimović Godina)

Улоги: Миља Вујановиќ, Богдан Тирнаниќ, Чедомир Радовиќ, Марко Николиќ, Слободан Алигрудиќ (Milja Vujanović, Bogdan Tirnanić, Čedomir Radović, Marko Nikolić, Slobodan Aligrudić)

Во филмот на алегоричен начин се прикажани неколку млади учесници во студентските демонстрации, одржани во јуни 1968 година во Белград: тројца момчиња и девојката Југослава се спротивставуваат на малограѓанското секојдневие. Во желбата да го „променат светот“, а инспирирани од текстовите на Карл Маркс и Фридрих Енгелс во младите години (подоцна најчесто објавувани под насловот „Рани трудови“), тие одат низ селата и фабриките, за да ја „разбудат свеста“ на луѓето и да ги охрабрат во борбата за еманципација и достоинствен живот.

Во текот на нивната работа, тие се соочуваат со примитивизмот и бедата, но и со сопствените ограничувања, слабости, немоќта, љубомората… Притоа, тие се уапсени од милицијата. Фрустрирани што планираната револуција е неостварена, трите момчиња одлучуваат да ја елиминираат Југослава, која е сведок на нивната неспособност. Пукаат во неа, ја прекриваат со партиското знаме, го палат нејзиното тело, така што од планираната акција останува само темен столб чад кој се крева кон небото. Пораката на крајот од филмот е на Антоан де Сен Жист од Француската револуција: „Оние кои револуцијата ќе ја изведат само до половина, само си го копааат својот гроб.“

 

 

ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК

(Ž Ž Ž / Journal about Želimir Žilnik)

Документарен филм, Србија

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Јанко Баљак (Janko Baljak)

Сценарио: Јанко Баљак (Janko Baljak)

 

Документарниот филм за филмското и ангажираното творештво на култниот српски режисер Жилник истовремено претставува и патување низ историјата на Југославија. Со својот специфичен докудрама стил, овој автор, добитник на Златната мечка на Берлинале во 1969 за својот РАНИ ДЕЛА (Rani radovi), успеал да остане ангажиран, храбар и пред сè креативно слободен со тоа што со децении работел главно ниско-буџетни проекти.

Жилник, како еден од главните претставници на југословенскиот филмски „црн бран“, не еднаш бил соочен со цензури, осудувања, отфрлања, забрани. Филмот на Баљак е приказна за неговата непрекината борба на обесправените општествени малцински групи да им даде глас.