Седмата сесија на Филмската училница помина во знакот на документарниот филм МЕДЕНА ЗЕМЈА (Honeyland, 2019) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Откако ја проследија проекцијата на филмот, учесниците имаа уникатна можност да присуствуваат на мастер-класот што го одржаа режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут.

Мастер-класот на двајцата креативци од тимот на МЕДЕНА ЗЕМЈА го модерираше филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева.

Македонскиот документарец МЕДЕНА ЗЕМЈА минатата година буквално го покори светот на филмот. Од премиерата на фестивалот на независни филмови во Санденс на почетокот на 2019 до доделувањето на Оскарите на почетокот на 2020, каде што беше номиниран во категориите за најдобар документарец и најдобар странски филм, филмот на Котевска и Стефанов (но и на кинематограферите Даут и Самир Љума) доби десетици и десетици награди на фестивалите од сите меридијани во светот.

Неверојатната сторија за животот на Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, и нејзината мајка – но и номадското семејство на Хусеин Сам во соседството – беше повеќе од инспирација за учесниците на седмата сесија на Филмската училница.

Гостувајќи пред најмладите филмофили, кои што се веројатно најблагодарната публика за филмските творци, Котевска и Даут потполно се отворија во разговорот со десетината учесници на Филмската работилница. Раскажуваа за нивните соништа, надежи и стравувања кога станале студенти на Факултетот за драмски уметности во Скопје, што (не) научиле во таа школа, начинот на кој ги создавале нивните први филмски творби…

МЕДЕНА ЗЕМЈА секако е досегашен врв во нивните кариери, но Котевска и Даут воопшто не го митологизираат успехот кој го постигнале. Напротив, отворено говореа за начинот на кој го создавале МЕДЕНА ЗЕМЈА, судирот на сопствениот филмски авторски поглед со гламурот на фестивалските црвени теписи – посебно оној оскаровскиот…

Даут ги советуваше идните филмаџии да не се потпираат само на најновите технолошки дострели како алатки во филмското творење, туку да изнајдат сопствен мотив во креацијата, која во документаристиката секогаш бара трпеливост и истрајност. Котевска, пак, им раскажуваше за тоа што планирале како крај на сторијата во МЕДЕНА ЗЕМЈА, а што конечно реализирале како резултат на неколкугодишното соживување со Атиџе и мајка и Назифе. А младите филмофили имаа мал милион прашања на кои Котевска и Даут искрено и со задоволство одговараа…

Учесниците на седмата сесија на Филмската училница добија и ДВД издание со три филма на Милчо Манчевски: ПРЕД ДОЖДОТ, ПРАШИНА и СЕНКИ.

Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов…

Leave a comment