Кон филмовите ЌЕ ДОЈДАТ ДЕЦАТА, БЕЗ ЉУБОВ и НАМИНИ БАР ЕДНАШ

Новите духовни и интелектуални хоризонти што избликнуваат пред современото човештво ни овозможуват да осознаеме повеќе за светот што нè окружува. Но, воедно тие ги актуелизираат и тегобните прашања за суштината на нашето битисување, за есенцијата на нашиот идентитет и за срцевината на нашето морално кредо – „нашето етичко верују“. Токму тие есенцијални цивилизациски и културолошки прашања ги обработуваат македонските кусометражни играни филмови ЌЕ ДОЈДАТ ДЕЦАТА на режисерката Ана Јакимска, БЕЗ ЉУБОВ на режисерката Дина Дума и НАМИНИ БАР ЕДНАШ на режисерката Косара Митиќ.

Кусометражниот игран филм ЌЕ ДОЈДАТ ДЕЦАТА (година на објавување: 2017; времетраење: 18 мин.; режисер: Ана Јакимска; сценарио: Бранко Костески; продуцент: Дејан Крајчевски, Марија Димитрова; монтажа: Горјан Атанасов; директор на фотографија: Наум Доксевски; главни улоги: Наташа Петровиќ, Шенка Колозова) на режисерката Ана Јакимска претставува современа македонска егзистенцијалистичка филмска пасторала во која како лозунг одекнуваат зборовите: „Не е страшно да се умре, страшно е кога нема кој да умре“.

Во филмот една млада учителка е испратена да подучува деца во далечно планинско село. По нејзиното пристигнување во селото минуваат деновите, но од децата нема ниту трага ниту глас. Единствениот човек што го среќава во селото е една старица, чистачката во училиштето. Во меѓувреме старицата умира, а учителката ги пакува куферите сакајќи да се врати назад, но наидува на потопено кајче, со кое претходно беше донесена во селото. Кога старицата ќе почине, младата учителка мора да најде начин да преживее.  Учителката се враќа во училиштето и пали оган, а во позадината чадот од запалениот оган, асоцира на надеж, а воедно претставува и аманет, дека еден ден селото ќе заживее, дека еден ден децата ќе дојдат.

Кусометражниот игран филм БЕЗ ЉУБОВ (година на објавување: 2017; времетраење: 12 мин.; режисер: Дина Дума; сценарио: Дина Дума; продуцент: Марија Димитрова; монтажа: Мартин Иванов; директор на фотографија: Наум Доксевски; главни улоги: Ана Стојановска, Кристина Леловац) на режисерката Дина Дума претставува современа приказна за нештата што остануваат некажани и недоискажани, за нештата што не знаеме дека сме ги осознале или не сакаме да знаеме дека сме ги спознале. Ана и Марта модерни, слободоумни девојки, се најдобри другарки од детството. Непосредно пред свадбата на Ана тие се упатуваат во една викендичка, која често ја посетувале кога биле деца. Викендичката се наоѓа покрај езеро. Тие се одлучни да поминат еден ден заедно во  разговори и споделување мисли за нивното минато, сегашноста и иднината. Алкохолот станува неразделен придружник на нивната еднодневна дружба. По неочекуван „пијан бакнеж“ другарките се соочуваат со фактот дека нивното другарство повеќе никогаш нема да биде исто. Ана се чувствува неподготвена и без љубов за претстојниот брак.

Кусометражниот игран филм НАМИНИ БАР ЕДНАШ (година на објавување: 2013; времетраење: 15 мин.; режисер: Косара Митиќ, сценарио: Косара Митиќ; продуцент: Томи Салковски; монтажа: Владимир Павловски; директор на фотографија: Ѓорѓи Клинчаров; главни улоги: Кристина Леловац, Славиша Кајевски, Оливер Митковски, Александар Микиќ, Драгана Левенска) на режисерката Косара Митиќ. Млада продавачка со чудни манири и начин на однесување по име Еми,  е одговорна во драгсторот во ноќната смена. Додека таа, како и секоја друга вечер, ги услужува купувачите во доцните часови, ни оддалеку не ја насетува опасноста во која се наоѓа. Двајца другари планираат да го ограбат драгсторот на Еми. Додека едниот чека во кола другиот влегува во драгсторот. Еми успева да го совлада напаѓачот и да го врзе за столче, што неочекувано всушност претставува почеток на една нетрадиционална и нековенционална, но искрена и страсна љубов.

Македонското културно творештво сè посуштествено го одразува и изразува глобалните страмежи кон реосмислување и предефинирање на базичните општествени вредности. На бранот на современата креативна критичка мисла македонските кусометражни играни филма ЌЕ ДОЈДАТ ДЕЦАТА на режисерката Ана Јакимска, БЕЗ ЉУБОВ на режисерката Дина Дума и НАМИНИ БАР ЕДНАШ на режисерката Косара Митиќ ни ја раскажуваат својата приказна под влијание на теоријата на постпостмодерната интелектуална мисла и врз придобивките на активизмот, искуствата и начелата на четвртиот феминистички бран.

 

 

 

Leave a comment