————————————–

ПРОГРАМА ЈУНИ 2021

————————————–

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

27 МАЈ – 3 ЈУНИ

(ЦЕЛОСНАТА ПРОГРАМА И ИНФОРМАЦИИ ТУКА)

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

4 ЈУНИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

ПОКАЖИ МИ ГО ПАТОТ ДО СТАНИЦАТА

(Eki Made no Michi wo Oshiete / Show me the way to the station)

Игран филм, Јапонија

2019, 125 мин., колор ДЦП

Режија: Наоки хашимото (Naoki Hashimoto)

Сценарио: Иџуин Шизу (Ijuin Shizu)

Улоги: Ниицу Чисе, Јоши Оида, Сакаи Маки, Такито Кеничи (Niitsu Chise, Yoshi Oida, Sakai Maki, Takito Kenichi)

 

Девојчето Сајака сè уште не може да прифати дека Лу, нејзиното сакано куче, починало. Еден ден Сајака оди на тајното место каде што играле заедно со Лу за да го бара, верувајќи дека тоа е сè уште живо. Таму наидува на куче, кое повторно повторно ќе го сретне пред кафуле во нејзиното соседство неколку дена подоцна.

Сопственикот на кафулето Котаро во соседството важи како тврдоглав и необичен. Исто како Сајака, и стариот Котаро сè уште не може да ја прифати реалноста по смртта на неговиот мал син пред неколку децении. Сајака започнува почесто да го посетува кафулето на Котаро и тие постепено се запознаваат подобро. Заедничка им е силната желба повторно да ги видат тие што ги сакале, а заминале. Се среќаваат со чудесната „илузија“…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

5 ЈУНИ (САБОТА), 20:00 Ч.

РЕСТОРАН ОД НЕБОТО

(Sora no resutoran / Restaurant from the sky)

Игран филм, Јапонија

2019, 126 мин., колор, ДЦП

Режија: Јошихиро Фукагава (Yoshihiro Fukagawa)

Сценарио: Доки Харуми (Doki Harumi)

Улоги: Оизуму Јо, Хонџо Манами, Окада Масаки (Oizumi Yo, Honjo Manami, Okada Masaki)

 

Ватару живее со неговата сопруга и ќерката Шиори на ранч со добиток во Хокаидо. Го наследил ранчот од неговиот татко. Тој произведува и сирење, но не е толку вешт во правењето сирење и неговиот строг учител често го критикува.

Сепак, тој добро се забавува со своите колеги, вклучувајќи го и Канбе, кој се пресели од Токио во Хокаидо. Еден ден кај нив доаѓа познат шеф-готвач од Сапоро со намера да купи намирници што ги произведуваат на ранчот. Ватару и пријателите се воодушевени од готвењето и одлучуваат да отворат ресторан. Тие сакаат нивните клиенти да го доживеат истото чувство што го имале кога ја вкусиле преубавата храна на готвачот…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

6 ЈУНИ (САБОТА), 20:00 Ч.

САМО МАЧКАТА ЗНАЕ

(Hatsukoi: Otosan, Chibi ga Inaku Narimashita / Only the cat knows)

Игран филм, Јапонија

2019, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Шотаро Кобајаши (Shotaro Kobayashi)

Сценарио: (Yuka Honcho, Keiko Nishi)

Улоги: Татсуја Фуџи, Киеко Баишо, Микако Ичикава (Tatsuya Fuji , Chieko Baisho, Mikako Ichikawa)

 

Масару (Фуџи) и Јукико (Баишо) се во брак речиси поповина век. Тие имаат три деца кои живеат независно од нив. Масару и Јукико ги живејат мирните пензионерски денови: секојдневната рутина на Масару се состои од негодување и неприметување на сопругата Јукико: тој е груб спрема неа, одбивајќи да разговара. Не ја приметува Јукико дури и пред други луѓе, неговите пријатели од локалниот шоги-клуб каде што редовно седи.

Јукико дома плете или гледа корејски ТВ-серии, и единственото друштво во осаменоста и е Чиби, црната мачка скитница, која многу ја сака. Но, еден ден, Јукико и кажува на својата ќерка Наоко (Ичикава) дека сака да се разведе од Масару…

САМО МАЧКАТА ЗНАЕ на Кобајаши е базиран на популарниот „манга“ стрип на Кеико Ниши. „Манга“ е специфичен стил на цртање стрипови, развиен во Јапонија во кон крајот на 19. век – со корени во раната јапонска уметност – а потоа актуелизиран и популаризиран по Втората светска војна. „Манга“ стриповите се популарно четиво на возрасните Јапонци. Најчестите жанрови кои се застапени во „манга“ стриповите се акција, авантура, романтика, спорт, историја, комедија, научна фантастика, мистерија, хорор, секс, бизнис… Овие стрипови се популарни и во светот, па често се инспирација и за филмските автори.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

7 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

СТОП-МОУШН АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА ТАКЕШИ ЈАШИРО

(Stop Motion Animation Films by Takeshi Yashiro)

НОРМАН СНЕШКОТО: ПОЛАРНАТА СВЕТЛИНА (Norman the Snowman: The Northern Lights, 2014)

 

 

 

 

 

 

 

 

НОРМАН СНЕШКОТО: НОЌТА КОГА ПАЃААТ ЅВЕЗДИ (Norman the Snowman: On a Night Of Shooting Stars, 2016)

 

 

 

 

 

Месечина на несоница (Moon of a Sleepless Night, 2017)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Гон, малата лисица (Gon, the little fox, 2019)

 

 

 

 

 

Филмовите реализирани со стоп-анимација на наградуваниот режисер Такеши Јаширо ретко се прикажуваат надвор од Јапонија, па затоа ова е уникатна можност за уживање во изборот за НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ во Кинотеката.

Јаширо (р. 1969)дипломирал на Универзитетот за уметности во Токио во 1993 година. Како директор во Taiyo Kikaku Co., Ltd., јапонска компанија за производство на ТВ-реклами, режира бројни реклами, но самостојно создава и разни техники на анимација, користејќи ги и усовршувајќи ги во неговите комерцијални филмски дела и продукци за интернет.

Во 2012 година се фокусира на создавање на стоп-моушн анимација. Делата на Јаширо создаваат чувство за рачна изработка: освен аниматор, тој е сценарист, режисер, сценограф и креатор на кукли.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

8 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

РУЧЕКОТ НА ТАТО

(Papa no obentô wa sekaiichi / Dad’s lunch box)

Игран филм, Јапонија

2017, 76 мин., колор, ДЦП

Режија: Масаказу Фукацу (Masakazu Fukatsu)

Сценарио: Тошицугу Оно (Toshitsugu Ono)

Улоги: Тошими Ватанабе, Рена Такеда, Шо Кијохара (Toshimi Watanabe, Rena Takeda, Sho Kiyohara)

 

Филмот на Фукацу е инспириран од вистинска приказна за еден јапонски татко, кој три години подготвувал секојдневни ручеци „бенто“ за неговата ќерка-средношколка. Неговите ручеци се повеќе од вообичаени оброци: тие се вкусни и непобедливи креации, секогаш спакувани во интересен стил. За целиот тој период таткото се потрудил да подготви прекрасна храна за својата ќерка додека е в училиште…

РУЧЕКОТ НА ТАТО избира многу директен пристап: сите дијалози во филмот се за ручеците. Таткото и ќерката Мидори, татко и неговите колеги, Мидори и нејзиното момче, Мидори и пријателките… разговараат само за храната.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ

9 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН

(Nichinichi kore kôjitsu / Every day a good day)

2018, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Сценарио: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Улоги: Хару Куроки, Кирин Кики, Микако Табе, Шинго Цуруми (Haru Kuroki, Kirin Kiki, Mikako Tabe, Shingo Tsurumi)

 

Норико е студент на Универзитет. По препорака на нејзината мајка, Норико започнува да присуствува на традиционалната јапонска церемонија на чај во близина на нејзината куќа со нејзиниот братучед Мичико. На тие церемонии на чај Норико е подучувана од наставникот Такеда. Норико го стекнува искуството на церемонијата на чај во нејзиниот живот, потребно за неа во моменти кога е тажна или среќна…

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН е базиран на есејот на Норико Моришита (Noriko Morishita) од 2002 година кој го анализира филозофскиот дух на овој сегмент од јапонската традиција.

Јапонскиот израз 日々是好日 (nichinichi kore koujitsu), или „секој ден е добар ден“ е зен израз што се користи во популарниот социјален момент „церемонија на чај“, што е многу повеќе од просто испивање топол (или студен) напиток од разни видови билки.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

10 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ИВАНОВОТО ДЕТСТВО

(Иваново детство/Ivan’s childhood)

Игран филм, Русија

1962 г., 95 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Владимир Богомолов, Михаил Папава (Vladimir Bogomolov, Mikhail Papava)

Улоги: Николај Бурлјаев, Валентин Зубков, Евгениј Жариков (Nikolay Burlyaev, Valentin Zubkov, Evgeniy Zharikov)

 

ИВАНОВОТО ДЕТСТВО е трагична приказна за изгубеното детство на дванаесетгодишниот сирак Иван, кој ќе се најде на источниот советски фронт за време на Втората светска војна. Иван шпионира и собира информации во корист на Советската армија. Навлегува длабоко во позадината на германските редови, го ризикува сопствениот живот, иако причината за тоа на возрасните и искусни војници не им е секогаш јасна. Се обидуваат да го сместат во интернат, подоцна и во воена школа, но малиот сирак инсистира да остане на фронтот и да се одмазди за смртта на своето семејство. Иван е мал херој кој чекори со сигурност до своите цели, невидлив за никого, но присутен во мислите на своите повозрасни пријатели, тројцата офицери на Советската армија.

Филмот е прв долгометражен филм на Андреј Тарковски, и – во 1962 година е добитник на наградата „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција.

 

Воведно „онлајн“ излагање: проф. д-р Игор Евлампиев (Русија)

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

11 (ПЕТОК), 20:00 ч.

МИРНО ЛЕТО

(A Quiet Summer )

Игран филм, Македонија

1961, 99 мин., црно-бел, 35 мм.

Режија: Димитрие Османли (Dimitrie Osmanli)

Сценарио: Фрида Филиповиќ (Frida Filipovic)

Улоги: Љупка Арсова Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Стојка Цекова (Ljupka Arsova Dzundeva, Slobodan Perovic, Meri Boshkova, Ilija Milchin, Darko Damevski, Aco Jovanovski, Petre Prlichko, Ilija Dzuvalekovski, Stojka Cekova)

 

Младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимограф во театар, живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите. Во вакви околности, на Заре му се доделени клучевите на Етнографскиот музеј во Охрид, заради негово средување, што за семејството Мисевски значи бегство во оаза на мир и тишина, за време на трите летни месеци, колку што треба да престојуваат во Охрид. Сакајќи својата радост да ја споделат со пријателите, Заре и Мира, секој за себе, раскажуваат за добиената „премија“. Лето е, Заре и Мира се веќе во Охрид, во музејската зграда. Заре работи на својот проект, а Мира слика и се труди да не му пречи во работата. Но, проблемите почнуваат кога еден ден, на гости им доаѓа колешката на Мира, Дара Љубина, разочарана од неславниот крај на последната љубовна врска. Револтот на Заре сè уште не е стивнат, а во нивниот привремен дом доаѓа Нестор Гиевски, некогашен факултетски професор на Заре, кој патувајќи кон Атина, наминал кај нив на одмор. На новонастанатата ситуација Заре и Мира бргу се привикнуваат, но не за долго. Братот на Мира, со своето друштво, дошол на гости кај сестрата и зетот. Инвазијата на музејот продолжува. Во дворот на музејот стигнуваат стрикото и стрината на Заре и семејството Поп-Коцеви, кои имајќи проблеми со сместувањето, на покана на стрико Тале, дошле во музејот. Ситуацијата во куќата веќе не може да се контролира, владее општ метеж. Мира, изнервирана и лута, ќе побара мир во блискиот хотел…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

12 ЈУНИ (САБОТА), 20:00 ч.

АНДРЕЈ РУБЉОВ

(Андрей Рублев / Andrei Rublev)

Игран филм, Русија

1966 г, 205 мин, црно-бел/колор, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovski)

Сценарио: Андреј Тарковски, Андреј Кончаловски (Andrei Tarkovski, Andrei Konchalovski)

Улоги: Анатолиј Солоницин, Иван Лепиков, Николај Гринко (Аnatoliy Solonitsyn, Ivan Lepikov, Nikolay Grinko)

 

AНДРЕЈ РУБЉОВ е биографско-историска драма заснована на животот на познатиот руски иконописец од 15 век. Во 15 век руските земји минуваат низ турбулентни времиња, растргнати од татарската инвазија и борбата за превласт помеѓу руските принцови (болјари). Во такво опкружување, Андреј Рубљов, монах и иконописец, се обидува да проникне во суштината на уметноста и на верата, ги разгледува можноста и потребата да твори во услови на репресија и неправда, размислува за улогата на индивидуалецот, заедницата и власта во создавањето на духовна и епска уметност… Рубљов ја доживува несреќата да биде сведок на еден масакр од страна на Татарите врз недолжното население и врз свештенството, во крајна нужда е приморан и да убие, и тој пораз на човечкиот ум и дух ќе го доживее и како свој пораз. Решава да се самоосуди на молк и да престане да комуницира со луѓето. По долга изолација се враќа меѓу луѓето и ќе биде изненаден од талентот на младиот конструктор на џиновската камбана. Во тој период ја насликал својата позната икона „Света Троица”.

AНДРЕЈ РУБЉОВ бил долго време забранет од советските власти кои жестоко го обвинувале Тарковски за идеолошка и естетичка субверзивност. Во 1969 г. ја освојува наградата FIPRESCI на филмскиот фестивал во Кан.

 

Воведно излагање: д-р Атанас Чупоски (Македонија).

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

13 ЈУНИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

СОЛАРИС

(Солярис/Solaris)

Игран филм, Русија

1972, 167, црно-бел/колор, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Андреј Тарковски, Фридрих Горенштајн, според романот на Станислав Лем (Andrei Tarkovsky, Fridrikh Gorenshteyn, Stanislaw Lem)

Улоги: Наталија Бондарчук, Јури Јарвет, Донатас Банионис, Анатолиј Солоницин, Владислав Дворжецки (Natalya Bondarchuk, Jüri Järvet, Donatas Banionis, Anatoli Solonitsin, Vladislav Dvorzhetsky)

 

Мисијата Соларис е утврдена база на планетата која пречекува еден вид агенти, но деталите се многу мистични. Научниците се обидуваат да ја разберат тајната на загадочната планета Соларис, но набргу стануваат жртви на своите имагинации и скриени желби. Психологот Крис Келвин (Донатас Банионис) е испратен во вселенската станица по мистериозното исчезнување на еден од трите научници во базата. Келвин има задача да ја испита загадочната смрт на докторот, како и проблемите што ги мачат космонаутите во станицата. Тој го пронаоѓа и останатиот дел од екипата, кои се однесуваат чудно, а останува вчудоневиден кога во станицата ја сретнува и својата сопруга Кари, која е почината пред седум години. Веднаш станува видливо дека Соларис поседува нешто што ги носи потиснатите сеќавања и опсесии на космонаутите од вселенската станица. Келвин паѓа во дилема и сомнеж за својата сопствена перцепција на реалноста.

СОЛАРИС е победник на филмскиот фестивал во Кан од 1972 година, а филмот имаше „римејк“ во режија на Стивен Содерберг во 2002 година.

 

Воведно излагање: проф. Кирил Трајчев (Македонија)

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

14 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

РОКА ГО МЕНУВА СВЕТОТ

(Rocca verändert die Welt / Rocca Changes The World)

Игран филм, Германија

2019, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Катја Бенрат (Katja Benrath)

Сценарио: Хили Мартинек (Astrid Lindgren, Hilly Martinek)

Улоги: Луна Максајнер, Каспер Фишер-Ортман, Луизе Рихтер (Luna Maxeiner, Caspar Fischer-Ortmann, Luise Richter)

 

Единаесетгодишната Рока е како девојче од друга планета. Таа е супериорна во техничката и социјалната комуникација во однос на нејзините врсници, има сила да го менува светот, и со таа мисија започнува во нејзиното непосредно окружување. Рока се бори за правда и без страв им се спротивставува на насилните врсници кои ги малтретираат послабите. Рока, всушност, израснала во изолирана средина, и тоа не било каква, туку во вселенска станица. Затоа секојдневниот живот во Хамбург, за неа изгледа многу чудно. И покрај тоа, Рока ги задржува својот отворен дух и духовитоста, пријателски настроена кон другите. Секогаш полна со оптимизам, Рока се бори да ја заѓува својата независност и да докаже дека и децата имаат моќ да го менуваат светот…

Снимен според книжевните мотиви на шведската писателка за деца Астрид Лингрен (Astrid Lindgren, 1907-2002), најпозната по романите за Пипи Долгиот Чорап (Pippi Longstocking), РОКА ГО МЕНУВА СВЕТОТ беше во минатогодишната конкуренција за Наградата на младата публика на Европската филмска академија. Децата-актери од филмот на Бенрат ги освоија националните германски филмски награди, беше најдобар филм на популарниот фестивал за деца „Џифони“ и на фестивалот во Луксембург…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

14 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ОГЛЕДАЛО

(Зеркало / Miror)

Игран филм, Русија

1975, 106 мин., колор, 35 мм

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Александар Мишарин, Андреј Тарковски (Aleksandr Misharin, Andrei Tarkovsky)

Улоги: Маргарита Терекова, Олег Јанковски, Филип јанковски, Игњат Данилцев (Margarita Terekhova, Oleg Yankovskiy, Filipp Yankovskiy, Ignat Daniltsev)

 

На прашањето „Реализам на сонот, исто како во Огледало?“, од интервју во 1980-тата година за филмот НОСТАЛГИЈА, кој во тоа време е во подготовка, Тарковски на новинарот ќе му одговори: Не постои „реализам“ од едната страна, а од другата (во контраст, контрадикција) „сонот“. Ние поминуваме третина од нашите животи спиејќи (што значи, сонувајќи): постои ли таму некаде нешто кое е пореално од сонот? Човек на умирање во своите четириесетти години, се сеќава на минатото. На своето детство, неговата мајка, војната, личните доживувања и спомени…

НОСТАЛГИЈА е дело со автобиографски елементи, кое нè води низ коридорите на времето на мистериозен, сомнамбулен начин. ОГЛЕДАЛО на Тарковски е филмска поема за амалгамот на соништата и сеќавањата од кои што сме сочинети ние, луѓето, и за нашата човечка состојба, вкотвена во флуидната субјективност на времето. Со неконвенционална структура и нелинеарен наратив, со филмска фотографија која ненаметливо преминува од боја кон црно-бело и сепија, како и со поезијата на таткото (Арсениј Тарковски) на режисерот, како и со инцидентната музика и звучните ефекти на Едвард Артемиев во филмот, Тарковски прави мистична синестезија на „текот на свеста“, опиплива на големиот екран – како никогаш порано. ОГЛЕДАЛО, чија што магија барем еднаш во животот мора да се искуси на големото платно, се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња.

 

Воведно излагање: проф. д-р Славица Србиновска (Македонија)

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

15 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

СТАЛКЕР

(Сталкер/Stalker)

Игран филм, Русија

1979, 163 мин., црно-бел/колор, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Аркадиј и Борис Стругацки, според нивниот роман/новела „Пикник покрај патот“ (Arkadiy Stugatskiy, Boris Strugatskiy)

Улоги: Александар Кајдановски, Анатолиј Солоницин, Николај Гринко, Алиса Фрејндлих, Наташа Абрамова (Alexander Kaidanovsky, Anatoli Solonitsin, Nikolai Grinko, Alisa Freyndlikh, Natasha Abramova)

 

Научнофантастичниот филм СТАЛКЕР е снимен според новелата „Пикник покрај патот“ на браќата Борис и Аркадиј Стругацки. Филмот ги следи тројцата мажи, Научникот (Николај Гринко), Писателот (Анатолиј Солоницин) и Сталкерот (Александар Кајдановски) и нивното патување низ мистериозната и заборавена територија во руската пустина наречена „Зона“. Во „Зоната“ ништо не исто како што изгледа: таа е налик на вонземско место, опкружено со војници и бодликава жица. И покрај убедувањата од жена му да не оди, Сталкерот ги води луѓето во „Зоната“, каде што тајните желби стануваат реалност, сеедно што ризикува казна затвор. Таа ноќ, тој носи двајца во „Зоната“: популарниот писател, кој е циничен, но и се прашува за својата генијалност – и тивкиот научник, кој е позагрижен за својот ранец отколку за патувањето. Пристапот во „Зоната“ мора да биде индиректен. Како се наближуваат поблиску до целта, се чини дека правилата се менуваат, а Сталкерот се соочува со кризи.

 

Воведно излагање: м-р Стефан Палитов (Македонија)

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

16 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ФРОСИНА

(Frosina)

Игран филм, Македонија

1952, 79 мин.,црно-бел, 35 мм

Режија: Воислав Нановиќ

Сценарио: Владо Малески

Улоги: Мери Бошкова, Велјановски Петар, Ацо Јовановски, Надја Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски (Meri Boshkova, Petar Veljanovski, Aco Jovanovski, Nadja Poderegin, Ilija Dzuvalekovski)

 

Фросина е една од многуте измачени македонски печалбарски жени, кои со мажачката не го добиле вистинското семејно огниште, туку се обремениле со сите проблеми што ги носи животот. По краткотрајните престои на мажот дома, таа раѓа деца кои поради сиромаштијата се кусовечни. Фросина е сама и кога ги раѓа и кога тие умираат. Единствено Климе, нејзиното последно дете, ги совладува сите болести што ги демнат децата и расте пред очите на Фросина како нејзина последна и единствена радост. Доаѓа војната. Климе заработува ловејќи риба со постарите рибари. Неговата љубов останува залудна поради различните социјални средини на кои им припаѓаат тој и неговата сакана. Средбата со ранетиот партизан Крсте прави од Климе, дотогашен пасивен симпатизер, активен учесник во борбата против окупаторот. Мајката Фросина останува сама, во постојан страв за животот на синот. Доаѓа и денот кога партизаните влегуваат во градот. Со нив е и Климе, кој доаѓа да ја види својата мајка. По неговото заминување, Фросина ја забележува крвта на своите раце и го бара низ градот, на чии улици се водат борби. Тешко ранетиот Климе умира на рацете на мајка си. Борците заминуваат. Мајката Фросина останува сама со својата болка…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

17 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

НОСТАЛГИЈА

(Nostalghia, Nostalgia)

Игран филм, Русија / Италија

1983, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Андреј Тарковски, Тонино Гуера (Andrei Tarkovsky, Tonino Guerra)

Улоги: Олег Јанковски, Ерланд Јозефсон, Домицијана Џордано (Oleg Yankovskiy, Erland Josephson, Domiziana Giordano)

 

Андреј Горкачов, руски поет, патува во Тоскана, Италија, за да го истражи животот на еден руски композитор од 18-тиот век, Павел Сосновски. Но, уште на почетокот од ова патешествие, Андреј брзо чувствува немир и посакува да се врати во Русија…

Тарковски вели дека на руски зборот „носталгија“ значи „љубов кон татковината и меланхолија за домот кога сме далеку од него“. Овој копнеж по домот од каде што се доаѓа, е отелотворен токму во Андреј (Олег Јанковски). НОСТАЛГИЈА, поетска визија за егзилот, е првиот од филмовите на Тарковски кои што ги снима надвор од Русија, земјата во којашто никогаш повеќе нема да се врати. Во филмот тој користи долги, соновидни секвенци и минимална приказна, а за филмот напишан во соработка со Тонино Гуера (еден од честите соработници на Микеланџело Антониони), Хоберман ќе рече: „НОСТАЛГИЈА не е толку филм, колку што е место во коешто може да се вселите за два часа“. За филмот Тарковски ја добива наградата Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал во 1983 година, која што ја дели заедно со Робер Бресон.

 

Воведно излагање: Владимир Љ. Ангелов (Македонија)

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ

19 ЈУНИ (САБОТА), 20:00 ч.

ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ

(Offret / Sacrifice)

Игран филм, Шведска / В. Британија / Франција

1986, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Сценарио: Андреј Тарковски (Andrei Tarkovsky)

Улоги: Ерланд Јозефсон, Сузан Флитвуд, Алан Едвал (Erland Josephson, Susan Fleetwood, Allan Edwall)

 

Aлександар, новинар, естетичар и пензиониран актер, му кажува на „Малиот човек“, својот нем син, колку е загрижен за недостатокот од духовност кај современиот човек. Истата вечер, кога го слави својот роденден со семејството и пријателите, тие дознаваат дека на светот му се заканува нуклеарен холокауст – вест која што ќе го претвори празничното расположение во атмосфера на страв и очај. На прагот на Трета светска војна, Александар бара начин да го врати мирот во светот, но открива дека мора и да понуди нешто за возврат…

ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ e последното филмско остварување на Тарковски кое што го создава во периодот кога боледува од рак, пред крајот на својот живот, а за кое што дело го добива и своето второ „Гран-При“ на Канскиот филмски фестивал, по СОЛАРИС. Снимен во скандинавската идила на шведскиот остров Готланд, близу островот Форе на Бергман, филмот го рефлектира распадот на цивилизацијата, како и вечниот јаз помеѓу тоа какви се работите, и тоа какви ние ги посакуваме да бидат. Маестралната филмска фотографија во филмот е на Свен Никвист (Sven Nykvist), долгогодишниот соработник на Ингмар Бергман. За овој филм – филмското списание „TIME Magazine“ – ќе рече: „[…] криптичниот стил на Тарковски помага да се создаде една возвишена катедрала на свеста“.

 

Воведно излагање: доц. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (Македонија)

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

21 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ

(Le voyage du prince / The Prince’s voyage)

Анимиран филм, Луксембург / Франција

2017, 77 мин., колор, ДЦП

Режија: Жан-Франсоа Лагиони, Ксавиер Пикар (Jean-François Laguionie, Xavier Picard)

Сценарио: Жан-Франсоа Лагиони, Аник Лереј (Jean-François Laguionie, Anik Leray)

 

Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродската несреќа. Таму го пронаоѓа дванаесетгодишниот Том, чии што родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот најпрвин ќе биде подвргнат на научни испитувања, а потоа во придружба на Том ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…

ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ е ново долгометражно остварување на водечките француски аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар, кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме. ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Стразбур, Франција (Strasbourg European Fantastic Film Festival), како и на други фестивали за анимирани филмови.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

21 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ПОСЕДНИК

(Possessor)

Игран филм, Канада / В. Британија

2020, 103 мин., колор, ДЦП

Режија: Брендон Кроненберг (Brandon Cronenberg)

Сценарио: Брендон Кроненберг (Brandon Cronenberg)

Улоги: Габриел Грахам, Андреа Рајсборо, Кристофер Абот, Џенифер Џејсон Ли (Gabrielle Graham, Andrea Riseborough, Christopher Abbott, Jennifer Jason Leigh)

 

Корпоративниот агент Тасја Вос користи технологија на имплантација на мозокот со која може да завладее и да управува со мислите на други луѓе, а потоа да ги натера да извршат убиство. Целта би била по желба на компанијата… Иако има талент за овој вид технолошки „напредна“ професија, окружувањето околу Тасја и остава длабоки лузни во нејзиниот живот. Нејзината ментална состојба сè повеќе се влошува. Во еден момент, Тасја ќе се најде заробена во умот на човекот чиј идентитет се заканува да го уништи нејзиниот.

Брендон Кроненберг е син на славниот мајстор на хоророт, Дејвид Кроненберг, нарекуван уште и „Баронот на крвта“. Не е ни чудно што ПОСЕДНИК и неговите претходни наслови се од жанровите трилер, хорор и научна фантастика. Иако изгледа дека ПОСЕДНИК е полн со скапи визуелни ефекти, поголемиот дел од нив се едноставни видео-трикови, направени само со помош на камерата. ПОСЕДНИК имаше голем успех кај филмската критика на северниот и јужниот американски континент (од Канада и САД до Мексико), освои 9 награди, а забележа уште 34 номинации, меѓу нив и за најдобра драма на Фестивалот на независен филм во Санденс 2020.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

22 ЈУНИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ХАКЕР

(Hacker)

Игран филм, Данска

2019, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Пол Берг (Poul Berg)

Сценарио: Пол Берг, Руне Кале Бјерко (Poul Berg, Rune Kalle Bjerkø)

Улоги: Есбен Далгард Андерсен, Јанус Набил Бакрави, Алфред Бјере Ларсен (Esben Dalgaard Andersen, Janus Nabil Bakrawi, Alfred Bjerre Larsen)

 

Филмот ја раскажува приказната за тринаесетгодишниот талентиран хакер Бенјамин, кој открива дека мајка му не починала во сообраќајна несреќа пред неколку години, како што му било кажано. Трагата посочува кон високи службеници во данската тајна служба, па Бенјамин, заедно со неговата нова другарка Савана, тргнува на стресна потрага да ја дознае вистината за исчезнувањето на својата мајка.

Филмот е синхронизиран на албански јазик.

 

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

22 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

СУПЕРНОВА

(Supernova)

Игран филм, В. Британија

2020, 95 мин., клор, ДЦП

Режија: Хери МекКвин (Harry Macqueen)

Сценарио: Хери МекКвин (Harry Macqueen)

Улоги: Колин Фирт, Стенли Тучи, Пипа Хајвуд (Colin Firth, Stanley Tucci, Pippa Haywood)

 

Сем и Таскер, хомосексуални партнери веќе 20 години, патуваат низ Англија со нивното старо камперско возило и ги посетуваат своите семејства, старите пријатели и омилените места од нивната младост. Откако Таскер заболел од деменција пред две години, времето поминато во дружба е најважното што им преостанало во животот…

Колин Фирт (во улогата на Сем) и Стенли Тучи (Таскер) – „млади“ ветерани на филмската сцена (и двајцата се родени во 1960 година) – се извонредните актери во оваа меланхолична и моќна приказна на режисерот, сценаристот и актерот Хери Мекквин – за љубовта и загубата, креирајќи драматични сцени без „преглумување“ и измамување солзи кај публиката. Приказната се занимава со длабоки и сложени прашања за животот и смртта, минатото и иднината… Сето тоа е надоградено со одличната фотографија на прославениот директор на фотографија Дик Поуп (Dick Pope) – омилен снимател на британската режисерска легенда Мајк Ли (Mike Leigh), а меѓу другото и член на жирито на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во 1995 – и неговата визуелизација на англискиот пејзаж како разгледница од природата. СУПЕРНОВА беше во конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан (Шпанија) за 2020 година, како и на неколку други фестивали.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

23 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00 ч.

СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ

(Vsi proti vsem / All Against All)

Игран филм, Словенија / Македонија

2019, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Андреј Кошак (Andrej Kosak)

Сценарио: Андреј Кошак (Andrej Kosak)

Улоги: Владо Новак, Силва Цушин, Александра Балмазовиќ, Благој Веселинов, Милан Тоциновски (Vlado Novák, Silva Cusin, Aleksandra Balmazovic, Blagoj Veselinov, Milan Tocinovski)

 

СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ е политички трилер чие дејствие се случува во измислено место Ровте под идиличните Алпи во Словенија и зборува за демократијата, изборните измами и уништувањето на социјалните вредности. Словенечката транзиција ни покажа дека демократијата и политиката станаа синоним за корупција. Филмот е поставен како огледало на светот во кој живеме денес. Главниот лик е градоначалникот Франт, кој ги губи изборите во малиот словенечки град Ровте, и е принуден да соработува со криминалци. СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ, на локално ниво покажува дека живееме во глобален свет на лажни вести, политички „спинови“ и корупција, каде моралот и етиката се уништени и речиси потполно ги изгубиле своите хумани вредности.

Првиот филм на Андреј Кошак, АУТСАЈДЕР, е еден од најгледаните словенечки филмови. Вториот негов втор филм е ЗУЕЊЕ ВО ГЛАВАТА, кој го работел заедно со сценаристот Дејан Дуковски. Монтажер на неговиот трет филм СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ е Мартин Иванов, а продуценти од македонска страна се Илија Циривири и Дејан Илиев.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

24 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЅВЕРОТ ВО ЏУНГЛАТА

(The Beast in the Jungle)

Игран филм, Холандија

2019, 87 мин., колор, ДЦП

Режија: Клара ван Гоул (Clara van Gool)

Сценарио: Клара ван Гоул, Глин Максвел (Clara van Gool, Glyn Maxwell)

Улоги: Сара Рејнолдс, Ден Хурст, Клер Џонстон, Лариса Фабер, Џером Бурелбах, Џулијан Нест (Sarah Reynolds, Dane Hurst, Claire Johnston, Larisa Faber, Jerome Burelbach, Julian Nest)

 

Уште една современа адаптација на романот на еден од најзначајните американски писатели од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Хенри Џејмс (Henry James), издаден во 1903 година, која во поетски стил ја плете енигматичната љубовна приказна на Џон Марчер и Меј Бертрам, која содржи злокобна тајна. Употребувајќи ги светлото и сенките на природен начин, ван Гол раскажува приказна во временски период подолг од половина век – од Втората светска војна до атмосферата на Лондон на почетокот на 21 век. Џон Марчер, безнадежен фаталист, е опседнат со верувањето дека неговиот живот треба да биде обележан со некој катастрофичен или спектакуларен чин, кој лежи во него, како „ѕверот во џунглата“. Меј решава да купи куќа во Лондон со парите од наследството, и да престојува во неа додека го чекаат „големиот чин“.

Марчер ја изведува Меј на театарска претстава, а потоа и на вечера, но не дозволува Меј премногу да се доближи до него. Марчер само мирува и дозволува најдобрите години од неговиот живот да одминат…

Филмот на Клара ван Гоул беше учесник на Филмскиот фестивал во Ротердам 2019.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ „ЗЛАТНА РАМКА“

25 ЈУНИ (ПЕТОК), 10:00 Ч. – 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ „ЗЛАТНА РАМКА“

26 ЈУНИ (САБОТА), 10:00 Ч. – 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМ „ЗЛАТНА РАМКА“

27 ЈУНИ (НЕДЕЛА), 10:00 Ч. – 20:00 ч.

 

 

 

28 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

БЕЗОПАШЕСТИОТ ПЕЛЕ

(Pelle Svanslös)

Анимиран филм, Шведска

2020, 67 мин., колор, ДЦП

Режија: Кристијан Рилтениус (Christian Ryltenius)

Сценарио: Јохан Богаус, Геста Кнутсон (Johan Bogaeus, Gösta Knutsson)

Гласови: Адам Пелсон, Кристофер Вагелин, Ли Хагман (Adam Pålsson, Christopher Wagelin, Li Hagman)

 

Класична анимирана филмска сторија за едно разгалено маче кое го изгубило својот опаш. Еден ден, неочекувана бура ќе го понесе безопашестото маче наречено Пеле на вистинска авантура во еден чуден град. Таму Пеле запознава нови другари и развива вистински пријателства. Меѓутоа, не е секогаш лесно да се биде новата мачка во градот. Немаат сите добри намери и Пеле силно посакува да се врати дома…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

28 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:30 ч.

ВЧЕРА ШТО МИ СЕ СЛУЧИ

Игран филм, Македонија

2020, 50 мин., црно-бел, МП4

Режија: Теа Беговска

Сценарио: Теа Беговска

Улоги: Тоше Крстев, Мелани Јанкоска, Иван Цветановиќ, Христина Младеновска, Давор Арџик, Анастасија Анастасовска, Симона Георгиевска, Кристина Цветковска, Фросина Насевска, Сашко Орешков, Кристијан Костадиновски

 

ВЧЕРА ШТО МИ СЕ СЛУЧИ е среднометражен филм во продукција на Школата за дизајн и уметност “Џолев и уметностите”, Обука за Филмски Актер.

Главниот лик, млад човек на 25 години, секое утро излегува со својот автомобил на автопат и собира патници со цел да ги однесе до саканата дестинација. Неговата голема желба е да запознава нови луѓе и да си направи муабет со нив.

Едно утро тој тргнува на пат со цел барем на некој да му раскаже што му си случило вчера. Иако тргнува со таа идеја, тој никако не доаѓа до збор со своите патници кои се преокупирани со својата цел и своите проблеми. Филмот е проткаен со апсурдни и комични дијалози во автомобил,  кои не знаеме дали се случиле или не. Приказната како да се случува во сон, не сме сигурни дали е вистина или е фикција. Ниту еден патник не стигнува до посакуваното место, поради околностите кои за секој од нив се непредвидливи.  Во ова “патување” од мугри до мрак, главниот лик среќава различни патници.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

КРАТКИ ФИЛМСКИ ДИЈАЛОЗИ

Образовен филм, Македонија

2020, 15 мин., колор, МП4

Режија: Теа Беговска

Сценарио: Теа Беговска

Улоги: Јована Јосифоски, Дамјан Блажески, Ања Костовска, Лазар Стаменковски, Стојан Петровски, Дејан Лазароски, Надица Дамевска, Даниел Гочевски

 

КРАТКИ ФИЛМСКИ ДИЈАЛОЗИ спдржи кратки дијалошки филмски форми во продукција на Школата за дизајн и уметност “Џолев и уметностите”, Обука за филмки актер.

Обуката за Филмски Актер обработува актерски процес и игра пред камера, низ кој учесниците се едуцираат во областа на филмот и актерството. Низ десет средби учесниците се запознаваат со основи на актерска игра, имагинација, емоција, импровизација, кастинг, создавање лик, обработка и реализација на филмско сценарио. Во првиот семестар со учесниците се снимаат кратки филмски етиди, а во вториот семестар се снимаат филмски дијалози. Менторот низ истражувачки процес со учесниците пишува сценарио, а потоа го реализира во форма на дијалози.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

ПАРАДОКС

(The Paradox)

Експериментален филм, Македонија

2021, 1 мин., колор, МП4

Режија: Александар Toмовски

Сценарио: Александар Toмовски

Балерина: Марија Кичевска

Наратор: Ендру Кук

 

Приказна која ја доловува состојбата во која се најдоа сценските уметници за време на пандемијата, раскажана преку танц и квантна теорија која го поставува прашањето – дали постоиме доколку не сме набљудувани?

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

ЕЏИЗАМ

(Ageism)

Експериментален филм, Македонија

2021, 1 мин., колор МП4

Режија: Анде Јанков

Сценарио: Анде Јанков

Улоги: Зоран Новковски и Оливер Милевски

 

EЏИЗАМ го разгледува постоечкиот проблем со дискриминација врз основа на возраст на работните места.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

СЛЕПИЛО

(Blindness)

Експериментален филм,  Македонија

2021, 1 мин., колор, МП4

Режија: Софија Христовска

Сценарио: Софија Христовска

Улоги: Даријан Петров, Кристијан Мишовски

Базирано врз источните спиритуални филозофии, кратка приказна со осврт на егото, кое се јавува како проблем и не заслепува со текот на годините.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

СОСТАНОК

(Date)

Експериментален филм, Македонија

2021, 1 мин., колор, МП4

Режија: Оливер Милески

Сценарио: Оливер Милески

Улоги: Агон Османи, Aна Стојановиќ

 

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: бесплатен влез

 

 

 

 

 

Leave a comment