На 10 февруари (петок) со почеток во 20:00 ч. во Кинотеката ќе се слави еден необичен и благороден јубилеј – 50 творештво на филмскиот аматер Петре Чаповски.

На програмската вечер посветена на Чаповски ќе бидат прикажани 10 наслови од разните фази на неговото непрофесионално филмско творештво.

Тие што го познаваат Чаповски и неговиот ентузијазам за филм ќе додадат дека Петре ги прославува првите 50 години од неговото творештво. Чаповски е роден во Скопје во 1954 година, работи како претприемач, но пред сè, тој е мајстор на аматерскиот филм – горд сопственик на титулата што ја доделува Кино сојузот на Македонија.

Со филм започнал да се занимава во 1970 година, членува во кино-клубот „Камера 300“ од Скопје, а од 1980 година во Аматерскиот кино клуб (АКК). Чаповски е автор на повеќе од 70 филмови од различни категории кои учествувале на десетина државни фестивали на аматерскиот филм во Македонија, потоа на ексјугословенските федерални фестивали, како и на меѓународни филмски фестивали.

Играниот филм е главниот творечки императив на Чаповски. Неговиот игран филм СРЕДБА е првиот македонски филм што е награден на UNICA, светскиот филмски фестивал на непрофесионалниот (аматерскиот) филм во светот. Чаповски е и првиот делегат на Македонија како земја-членка на UNICA. Кон успехот на СРЕДБА се придружуваат и останатите негови остварувања: ЖЕЛБА, ПОТЕРА, МОСТ, ИСКУШЕНИЕ, БАРАЈЌИ ЈА ТАЛИЈА, ТАНЦ СО КУКЛИТЕ, КАКО ШТО МИНУВА ВРЕМЕТО, ДОЖДЛИВО СОНЦЕ, КРВ, КАВАЛ, 100 ГОДИНИ ПОТОА…, а во 1983 година го реализираше и неговиот прв професионален игран филм АТИНА, кој го привлече вниманието на филмската критика и публиката.

Меѓу бројните награди што Чаповски ги добил за неговото уникатно творештво се седум „Grand Prix“ на државните филмски фестивали во Македонија, потоа „Grand Prix“ на Интернационалниот фестивал на непрофесионален документарен филм во Битола, бронзена плакета на светскиот филмски фестивал на непрофесионалниот филм UNICA… Чаповски е добитник на наградите на УНЕСКО за неговиот филм КРВ во Хрватска 2006 година, и на наградата на UNICA за 100 ГОДИНИ ПОТОА во Романија 2016 година.

Чаповски членувал во престижните жири-комисии на фестивалите во Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија. Нашиот славеник ја имал честа и привилегијата да биде прв филмски автор-член на жирито на фестивалот UNICA во Русе, Бугарија, во 2012 година.

Чаповски со децении се занимава и со педагошката дејност во непрофесионалниот филм , пренесувајќи го своето знаење и искуство на младите генерации во Академскиот кино клуб и на филмската школа организирана од Кино сојузот на Македонија и Народната техника на Македонија преку предавања и практични филмски вежби.