Стојан Синадинов

Интернационалниот филмски фестивал во Солун (1-11 ноември) минатата недела го финализираше неговото 59. издание со доделувањето награди на филмовите од натпреварувачката конкуренција кои беа селектирани во малку необичен контекст за етаблирани фестивали. Петнаесет први филмови на автори од целиот свет ја имаа темата за  тн. „римско милосрдие“ („caritas romana“), класичниот мотив во уметноста инспириран од грижата на Перо за нејзиниот татко Симон. Стариот Симон во древниот Рим бил осуден на смрт со гладување, фрлен во зандана, со рацете врзани зад грбот. Неговата ќерка Перо, во тој период мајка-доилка, тајно го доела, па му ја враќала силата, но и вербата на Симон. Овој мотив во уметноста е најпознат по делото на славниот фламански сликар Петер Паул Рубенс, „Симон и Перо (Римско милосрдие)“ од првата половина на 17 век.

Фестивалот беше програмиран во дослух со најактуелните социјално-општествени тенденции, што понуди филмови што се гледливи за широката публика, но не останаа незадолни ниту филмските критичари. Идејата да се преиспита оваа приказна во светлото на современите теории за улогата на жената, слабеењето на патријархатот и различните нормативи на родовите улоги ја обележа натпреварувачката програма: различните социјални нормативи раѓаат различни филмски наративи.

Фестивалското жири составено од Сандра ден Хамер (директорка на Филмскиот музеј во Амстердам), романскиот режисер Раду Жуде, иранската актерка Фатемех Мотамед-Арја, грчката историчарка на уметноста Сираго Сијара и шпанскиот композитор на филмска и театарска музика Алфонсо де Вилалонга, го наградија филмот „Реј и Лиз“ на британскиот режисер Ричард Билингем со „Златен Александар“ заради необичниот поглед на темата за римското милосрдие. Кај Билингем се работи за лична приказна која го рекреира неговото мачно детство минато во семејство од ниската работничка класа  во Англија во осумдесеттите години од минатиот век.

„Реј и Лиз“

„Сребрениот Александар“ му припадна на „Сè е добро“ на германската режисерка Ева Тробиш за сторијата на девојката која со супериорно молчење го пребродува силувањето од познаник на нејзиниот шеф на работа. Главната актерка Ане Шварц од овој филм ја сподели и наградата за најдобра актерка со Мариша Триантафулиду од Грција, која, пак, имаше впечатлива ролја во „Нејзината работа“ на Никос Лабот.

„Се е добро“

„Бронзениот Александар (награда за најдобар режисер) му припадна на тајландскиот режисер Футифонг Аронфенг за филмот „Манта реј“ („Ѓаволска риба“), реализиран во минималистички манир, а и наградата за фотографија отиде кај кинематограферот на овој филм, Наворофат Трунгфибунсофит.

Јакоб Седергрен

Актерот Јакоб Седергрен од данскиот филм „Виновен“ на Густав Мелер беше прогласен за најдобар актер, а симпатичниот „Криумчарење на Хендрикс“ на грчкиот режисер Мариос Пиперидес доби специјално признание од жирито. Освен жирито, и публиката навиваше за духовитата  сторија за барањето на едно кученце на границата која ги дели грчкиот и турскиот дел од Кипар: иако формално се работи за куче, сепак приказната е потрагата по „најмалиот заеднички содржател“ на поделениот остров.

„Софија“

Наградата ФИПРЕСЦИ од интернационалната програма ја доби „Софија“ на мароканско-француската авторка Мерием Бенм’Барек. Додека, пак, наградата на критиката во грчката селекција отиде во рацете на режисерката Тоња Мишиали за филмот „Пауза“, сторија за проблемите, но и предизвиците, на жените во менопауза.

Публиката, пак, освен „Виновен“, како свои фаворити ги издвои и ги награди „Пеперутки“ на турската режисерка Толга Карачелик, сторија за браќа и сестри кои го бараат таткото кој одамна ги напуштил (во селекцијата „Балкански преглед“), потоа „Дванаесетгодишна ноќ“ на шпанскиот автор Алваро Бречнер, како и на „Бегалци, втор дел: Патека од мраз“ на грчкиот режисер Христос Николерис.

На копродукцискиот форум беше награден македонскиот проект „М“ на режисерот Вардан Тозија и продуцентот Дарко Попов („Фокус покус“), кои добија постпродукциски пакет за нивниот филм во развој. Образложението на жирито гласи: „Наградата му ја доделивме на филм со одредена визуелна амбиција што ја носи автор кој ни се чини дека го отелотворува сето она што треба да биде еден режисер: раскажувач, но и техничар“.

„Крадци“

Фестивалот го отвори стариот добар јапонски мајстор Хироказу Коре-Еда, со неговото најново остварување „Крадци“(„Shoplifters“), а го затвори „Девојка“ на белгискиот режисер во подем Лукас Донт. И двата филма беа надвор од конкуренција, но и двата филма совршено ја отсликуваат темата што си ја задале фестивалските програмери. Коре-Еда, кој со овој филм ја освои „Златната палма“на годинешното издание на Канскиот фестивал, од навидум обична случка, создава минуциозно преиспитување на денешниот формат на семејството во Јапонија, но, секако, и во универзални рамки. Главниот лик и неговиот син наоѓаат напуштено и смрзнато девојче, па сопругата ќе се согласи да ја земат и да ја згрижат, иако се сиромашни и одвај врзуваат крај со крај, сожалувајќи се на нејзината трагична приказна. Семејството во постојана трка за гола егзистенција, сепак, е среќно, но еден инцидент ќе започне да ги открива скриените тајни и ќе ги стави на тест дотогашните цврсти семејни врски…

Во „Девојка“, пак, кој имавме можност да го видиме во натпреварувачката конкуренција на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола пред еден месец, одличниот млад актер Виктор Полстер ја отелотворува хермафродитската личност на момчето што станува девојката Лара. Токму терминот „отелотворува“ веројатно е најподатлив за неговата креација: Лара има 15 години, сака да биде балерина, а нејзината трансформација по пат на хормонални терапии и хируршка интервенција е во тек. Но и најдобрата желба и поддршка од страна на таткото со скромни примања (се работи за еднородно семејство), не значи дека тој пат е без трње…

Во натпреварувачката програма го видовме и преиспитувањето на цената за успех во кариерата, и тоа актерска, како приземна алузија, во „Живот во синџири“ на американскиот автор Арон Шимберг; општественото жигосување на млада девојка од Мароко, која раѓа вонбрачно дете, па, освен со презирот од сопственото семејство, се соочува со затворска казна, во „Софија“ на мароканско-француската авторка Мерием Бенма Барек; социјалната дисфункција на еден старомоден келнер што е патолошки собирач на информации во „Келнер“ на грчкиот автор Стив Крикрис…

Солунскиот фестивал и годинава, по 25-ти пат, ја одржа одличната програма „Балкански преглед“ во селекција на Димитрис Керкинос, кој знае непогрешливо да ја сумира сезоната на балканските кинематографии со префинет избор на филмови што се естетски и политички значајни за регионот. Во годинешната балканска програма учествуваше и краткиот македонски игран филм „Види ја ти неа“ на Горан Столески. Доминираа романските филмови (новите наслови на Раду Жуде, Богдан Мурешану, Раду Мунтеан, Јоана Урикару и Стере Џулеа сочинуваа дури една третина од програмата), а селекторот приреди и омаж на романските автори што со нивните филмови го најавија денес фалениот и етаблиран нов романски филм.

Солунскиот фестивал и годинава не пропушти да ѝ претстави на публиката некои од најзанимливите наслови, кои, на овој или оној начин, ја обележија сезоната на престижните фестивали низ Европа. Најголем интерес публиката имаше за новиот филм „Рома“ на Алфонсо Куарон, со кој победи на последниот Венециски фестивал. Филмот е црно-бел еп за личното авторско видување на Мексико во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, продуциран од денес сеприсутниот Нетфликс.

Од другите автори, треба да се издвојат и победничката на годинешното „Берлинале“, Адина Пинтилие, со филмот-есеј „Не допирај ме“, новиот филм на оскаровецот Ласло Немеш, „Зајдисонце“ (филм што авторот го планирал да го снима пред наградуваниот „Синот на Шаул“), како и најновото остварување на Раду Џуде, „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“, на малку осветлената тема за нацистичкиот карактер на романските власти за време на Втората светска војна.

Солунскиот фестивал годинава имаше повеќе од 200 наслови, селектирани во 12 програми и омажи на режисерите Хаим Розалес од Шпанија, Нанук Леополд од Холандија и авторскиот двоец Кристобал Леон и Жоакин Косиња од Чиле. Новитетите, како програмата на филмови снимени во техниката на виртуелна реалност (ВР) продолжува, а специфична димензија на годинешното издание на Солунскиот фестивал беше грчкиот квир-филм.

„Слепа точка“

Стандарнатата и популарна програма „Нови хоризонти“ беше збогатена со дополнителна програма насловена „Нови хоризонти: уште еден обид“, а и двете се фокусирани на новите естетички тенденции во кинематографиите во светот. Меѓу насловите што оставија впечаток посебно место има норвешкиот филм „Слепа точка“ на шведската актерка и пејачка Тува Новотни, позната по улогата во романтичната комедија „Јади, моли, сакај“ со Џулија Робертс од 2010 година. Новотни, ќерка на чешкиот режисер Давид Јан Новотни и шведската актерка Барбро Хедстрем, дебитира како режисерка на игран филм со една неверојатно динамична и емоционално брутална сторија снимена во еден кадар (маестрална камера на Јонас Аларик). Двата часа на „Слепа точка“ ве водат во сивата зона на психологијата на едно девојче што решава да се самоубие со скокање од прозорецот во нејзиниот стан. На изглед мирната атмосфера во на изглед среќното семејство одеднаш влегува во темниот вител на најголемите потсвесни стравови заради губитокот на најмилите. Ако тематскиот мотив во натпреварувачката програма е милосрдието, кај Новотни во „Слепа точка“ тоа е превртено наопаку и доведено во слепа улица: знаете дека не можете напред, бесполезно е да се враќате назад.

Но тоа е филмот: токму кога ќе помислите дека сè е веќе илјадапати видено, ќе се појави некој нов бисер…

 

Leave a comment