На 1 септември годинава се навршија 25 години од премиерното прикажување на дебитантскиот филм ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia), или популарната Мостра, како што го нарекуваат најстариот филмски фестивал во светот.

Како што е добро познато, Манчевски во Венеција се закити со „Златниот лав“ и уште неколку награди. ПРЕД ДОЖДОТ потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа, а филмот освои и номинација за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван  филм во историјата на македонската кинематографија.

ПРЕД ДОЖДОТ е во продукција на Полиграм, Аим Продакшн, Ное Продакшн и Вардар филм – Скопје(Република Македонија, Англија и Франција). Во својата филмска нарација содржи три целини поврзани меѓу себе.Тие се насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Сценариото е на Манчевски,  кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…

„Кога снимаш филм, мораш да насочиш бесен ѕвер кој се состои од пари, опрема и его, до крајната цел – она особено нешто кое некако успева да ти го допре срцето и да те натера да размислуваш “, се вели во воведот на „Писма од Пред дождот“ од Милчо Манчевски / Letters from Before the Rain (Criterion DVD) by Milcho Manchevski.

„Рецепт за добар филм-мистерија по правило е оној, во кој коцките на сегментите на нелинеарното дејствие во финишот ќе се склопат во складна и логична целина. ПРЕД ДОЖДОТ е генијален во неговиот радикално поинаков пристап: неговите сегменти совршено не се вклопуваат“, напиша критичарот Драган Лековиќ по повод 25 години од премиерата на ПРЕД ДОЖДОТ.

 

Leave a comment