Кога последен пат сте виделе „шиткач“ или „тапкарош“ пред некоја киносала?

„Шиткач“, термин од скопскиот сленг (во дигиталните речници на англиски: ditcher, a person who blows off others), популарен во шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Се користеше и терминот „тапкарош“, а се однесуваше за луѓето кои правеа ситен криминал со препродавањето билети на публика која ја има повеќе отколку слободни места во киносали, концерти и фудбалски натпревари.

Циклусот „Руска зима: Месец на класичен и современ руски филм“ во Кинотеката на Македонија предизвика невиден интерес кај публиката, посебно кога станува збор за филмот на отворањето, АНА КАРЕНИНА: ПРИКАЗНАТА НА ВРОНСКИ (Анна Каренина. История Вронского/Anna Karenina: Vronsky’s Story) на Карен Шахназаров (Karen Shakhnazarov), па моравме да организираме дополнителни проекции.

Сеќавањето на скопските „шиткачи“ е сеќавање на еден поинаков социјален момент. Киното како една од најголемите и најпопуларни масовни забави во периодот по Втората светска војна е неодминлива епизода во записите на скопските хроничари.

Писателот Данило Коцевски во една прилика пишува за скопските фраери. Една од неформалните школи за станување фраер била и препродавањето билети за кино:

Не знам дали некој досега се обидел да направи класификација на скопските фраери, но ако некој се обидел, сигурно многу се изнамачил. Постоеја, а некои од нив сѐ уште постојат, фраери-скокачи во водите на Вардар или во базените во летниот период, фраери рок-занесеници во душата и во облекувањето, фраери-шиткачи (препродавачи на билети), фраери-маалски швалери и корзо-кибицери, фраери-играчи што настапуваа за спортските клубови, а најинспиративен дел им беше женската публика, фраери-велосипедисти (со девојката качена на предниот дел од велосипедот), фраери-моторџии, кои во наше време едвај доаѓаа до „веспа“, а потоа, со новите модели отидоа многу далеку, фраери-снагатори со тарзан-фризура, која им ја потсекуваа на корзо или на училиште, фраери-битлсомани со тесни ќунци-панталони, кои понекогаш завршуваа под острите ножици, фраери фиќо-генерации што беа првите аматери возачи во педесеттите години, фраери-седачи во слаткарниците „Ванила“ или во стариот „Пелистер“. Дури потоа дојдоа нивните наследници, фраерите-окапувачи по шанковите и коњопоите во кафулињата… Ова е само мал дел од таа скопска фраерска митологија…Скокачите од Камени мост биле од различни маала во Скопје. Битпазарчаните се сеќаваат дека Алексо од Дуќанџик „бил ептен добар скокач“, а познат по своите скокови бил и пајкомалецот Сабит. На улицата „27 март“, во близината на дуќанот на берберот Цафуре, живееле браќата Ѓуро и Љубе. Двајцата го носеле прекарот Скопски. Биле познати тапкароши и одлично скокале од Камени мост во Вардар…

Во друга хроника за формите на летна забава во Скопје Коцевски ги запишува овие редови во неговите хроники за т.н. кино „Џабе“:

Во Скопје, пред земјотресот, се живееше еден мирен, спокоен, материјално скромен, но духовно богат и внатрешно исполнет живот. И она што е најбитно, тој живот не беше едноличен. Покрај другите тогашни феномени, голема улога играа филмот и кината. Во тие рамки посебно место имаше популарното кино џабе, бесплатните проекции на филмови на отворено. И тоа не каде било туку во самиот центар на градот, на плоштадот, каде што денес се возобновува зградата на стариот Офицерски дом.

Како функционираше кино џабе? Навистина многу необично. Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а „платното“ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, урамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите. Во квечерините, со паѓањето на првиот мрак, започнуваше големата претстава. По големите дневни горештини, Скопје го заплиснуваше првата мала вечерна свежина, за што придонесуваше близината на реката Вардар. Срамежливо се вклучуваа првите светилки, започнуваше вревата на скопското корзо, се слушаше џагорење на младите и децата, од сите страни се појавуваа скопските шетачи. Градот имаше препознатливи мириси и бои, атмосфера што понекогаш потсетуваше на филмовите од Фелини… Мислам дека кинооператорите главно беа аматери, се упатуваа во филмот и проектирањето обучувани од постарите. Подоцна и тие станаа познати мајстори на својот занает. Филмските аматери едно време имаа простории во Буњаковец, во близината на основното училиште Коле Неделковски, каде што се наоѓаше и Народна техника. Така, вистински чуда се случуваа во предземјотресно Скопје. Треба допрва да се снимаат филмови и да се пишуваат романи за него.

Кинооператорите што ги проектираа филмовите за нас беа волшебници, без оглед дали стануваше збор за аматери или за познати професионалци. Нивните имиња и ден-денес ја обележуваат историјата на скопските кина, како што беа Абдула, познат по прекарот Гаврош, потоа Пандо Лазаровски, Стево Миовски-Шатка, Борче Блажевски, Звонко и др. Кино-џабе почнуваше со проекции на 10 јуни, кога завршуваше учебната година, а престануваше со работа на 5 септември, времето кога учениците поаѓаа на училиште. Но во нашите спомени, проекциите од волшебното летно кино џабе никогаш не престанаа.

Уште еден скопски куриозитет. Ако им помагавте на шиткачите на карти пред киното „Младина“, кои во 1960-тите години беа многубројни, наградата што ви следуваше не беше за потценување – една осмина бурек или трошки од бурек завиткани во фишек.

Д-р Стефан Сидовски – Сидо, професор по теорија и историја на филмот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА – порано и популарниот професор по филозофија во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ – бил сведок и непосреден учесник на таа филмоманија во предземјотресно Скопје.

Професорот Стефан Сидовски-Сидо

Како момче на 13-14 години „залудено“ од филмот, Сидо бил дел од тогашната кино-еуфорија:

Еден од најпознатите „тапкароши“ беше Цане, који имаше тајфа од 10 деца кои купуваа билети за него, а меѓу нив бев и јас. Цане го држеше бизнисот со „тапкање“ билети пред кината „Вардар“, „Култура“, „Балкан“ и „Младина“, понекогаш и кино „Карпош“, додека кината „Братство“ и „Напредок“ ги држеа други „тапкароши“. Како функционираше „тапкањето“? Дозволениот максимум беше 5 билети по човек, и сите ние „луѓе на Цане“ пред проекцијата за кино утро ќе купевме по 5 билети за вечерните проекции, и му ги предававме на Цане. Тоа се 5о билети. И вечерта, посебно кога на репертоарот беа љубовни и мелодрамски филмови, пред кината беше полно, се бараше билет повеќе. Момците дојдени со девојките, немаат каде, мораа да купат билети од Цане, кој им ги препродаваше по двојно или тројно повисока цена. Првите 5 реда во кината беа најевтини, а најскапи беа последните 5 редови и ложите. Мојата награда беше што добивав билет за кино без пари, а имав и пари за во слаткарница и фишек семки…

Сидо ја раскажува понатамошната судбина на „тапкарошите“:

Цане беше господар на „тапкарошите“ десетина години, јас во таа шема учествував година-две, видов дека можеби ќе застранам и во криминал, па се повлеков. Имаше конкуренција меѓу „тапкарошите“, па не ретко се случуваа тепачки за освојување територии. Од друга страна, пак, имаше еден висок и корпулентен милицаец, како што тогаш се нарекуваа чуварите на јавниот ред и мир, чиј терен беше просторот пред овие кина, и постојано ги бркаше „тапкарошите“. Тој и другите милицајци го знаеа Цане и со што се занимава, постојано го опоменуваа, и еден ден го снема Цане – го однеле в затвор! По неколку години минати во затвор, по земјотресот, Цане повторно се појави на тој простор пред кината, но веќе беше друг човек, физички пропаднат и полуден. Не ја знаевме целата вистина, се раскажуваше дека бил многу тепан в затвор, но набргу потоа Цане заврши во болницата за душевни болести во Бардовци.

Сентименталната исповед за предземјотресната филмоманија Сидо ја завршува со податокот дека скопјани прв пат виделе телевизори во излозите на продавниците за бела техника, и на нив била емитувана италијанската програма РАИ. Телевизорите влегле во домовите по земјотресот, а Сидо продолжил да оди в кино, некогаш и по пет пати дневно.

Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во „Мирно лето“

Новинарот и колумнист Ѕвездан Георгиевски во една прилика се осврна на легендарното кино „Култура“ како своевиден „Универзитет на филмот и животот“. Нема осврт на тоа сентиментално минато без тапкароши:

Не е, значи, само евтина метафора кога се тврди дека со пропаста на киното „Култура“ започна и пропаѓањето на македонската култура. Зашто, ако за нешто може да се каже дека со право го носи своето име, тоа беше токму киното „Култура“, своевиден универзитет за филмот, а преку него и за животот воопшто.
Тука не е место да се повторуваат оние анегдоти со „тапкарошите“, со довикувањата од публиката („уа, шнајдери“), со чичкото што ти прегледува во уста дали имаш мастика или не, иако тој дел од скопската кино-култура не е за занемарување. Едноставно, во киното „Култура“ овие анегдоти беа – најретки. А причината беше сосема едноставна: за разлика од соседните кина „Вардар I“ и „Вардар II“ каде што се прикажуваа главно комерцијални американски и југословенски хитови или од киното „Бамби“ кое беше специјализирано за детска филмска програма, во кино „Култура“ се прикажуваа најчесто европски, односно нешто пософистицирани, понекомерцијални или, како што тогаш ги нарекувавме, „уметнички“ филмови.

Веќе одамна билетите можеме да ги купиме преку интернет, од домашниот компјутер или смартфонот. Но, ако ве интересира дали и како нашинците „тапкале“ билети за концерти во Лондон во пошетокот на деведесеттите години, можете да прочитате во оваа колумна на книжевникот и професор Тихомир Јанчовски.

Leave a comment