100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВО КИНОТЕКА: КРАТКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ И ОТКРИВАЊЕ НА МУРАЛ ВО ЧЕСТ НА ВЕЛИКАНОТ

На 7 септември, вторник, во 20:00 ч., по повод 30 ГОДИНИ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ, во Кинотеката ќе бидат проектирани документарни филмови и ќе биде откриен муралот посветени на великанот на македоскиот јазик и култура Блаже Конески.

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) е еден од најистакнатите македонски книжевни, културни и јавни дејци. Академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и лингвист, преведувач, реномиран славист и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, основач на Македонската академија на науките и уметностите и една од најзначајните личности во македонската книжевност.

Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. Конески е добитник на најзначајните државни награди за своето творештво, меѓу кои и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981), како и бројни меѓународни признанија.

На вечерта посветена на стогодишнината од раѓањето на великанот ќе бидат проектирани документарни филмови и тв-емисии инспирирани од неговиот живот и посветени на неговото книжевно дело: десетина куси филмови произведени 2021 по нарачка на Министерството за култура на РСМ, а по повод одбележувањето на јубилејот на Конески, потоа документарните  ПРИЛЕП, ВЧЕРА И ДЕНЕС (1959) и ДЕН КОГА СЕ ПРОШТЕВА (1976) во продукција на Вардар филм, како и телевизиските проекти ШАХОТ ВО МАКЕДОНИЈА (2007) и ТВ ЛЕКТИРА – „РАКУВАЊЕ“ ОД БЛАЖЕ КОНЕСКИ (2004).

Во соработка со Фестивалот за урбана култура „Мурал“, кој годинава бележи три години постоење, ќе биде крериран мурал на површина од 20 м2, изведен во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. На него ќе биде отсликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво.

Муралот е дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај (Куманово, 1997), кој има богато искуство со исцртување на мурали и графити.

Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева. Учествувал на повеќе групни изложби и проекти, меѓу кои и „Кумановски графичари“ 2018 г.; Современа Македонска графика – „Графичка акција Скопје – Сплит“ 2019 г; изложба во чест на Драгутин Аврамовски Гуте (каде што е добитник на награда за најдобро изработено графичко дело за 2019 г.); на повеќе завршни изложби на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ); изложба “Градот” во паркот на франкофонијата во Скопје; изложба  на минијатурни графики  Ex Libris во Скопје, 2019 г.; изложба – „Душата мисли во слики“ 2020 г. во Скопје; изложба на цртежи  “Lockdown sketches” 2020 г. Во Куманово, итн..

Бил коорганизатор и учесник на „Графити фест“ во Куманово 2017 и 2018 г., учествувал во разни проекти за исцртување мурали и графити низ Куманово и Македонија, „Графити фест“ Неготино 2018,  реализирал мурали во Кочани, Чашка- Велес, Крива Паланка…

Повеќе за неговиот креативен опус ТУКА.