До 2001, ниеден македонски филм не беше отворил филмски фестивал. На 29 август 2001, „Прашина“ на Милчо Манчевски го отвори најстариот на светот, фестивалот во Венеција. На истиот фестивал 7 години претходно, Манчевски победи со дебито „Пред дождот“.

Манчевски го подготвуваше својот втор филм 7 години. Како што во монографијата „Манчевски“ пишува историчарката Ирис Кронауер, „Манчевски самиот го напиша сценариото откако му се јави Роберт Редфорд, кој понуди да го продуцира неговиот следен филм“. Постигнат е договор со „Саут форк“ (South Fork) на Редфорд и со „Мирамакс“ (Miramax) како финансиер и дистрибутер, но проектот тогаш не се реализираше. Потоа Манчевски, во прво време со помош на партнерот на Редфорд, Мајкл Нозик, а потоа и сам ги мина следните пет години (1995-2000) во обид да најде финансии за „Прашина“ и во разни фази за проектот беа врзани и холивудските ѕвезди Томи Ли Џонс и Ричард Гир, како и музичарот Том Веитс.

Покренувањето на „Прашина“ во целиот период имаше бројни почетоци и прекини од финансиски причини. Заедно со пишувањето и снимањето на филмот, потребни беа речиси седум години да се создаде „Прашина“, како британско-италијанско-германско-шпанско-македонска копродукција во соработка со продуцентската куќа на Редфорд. За главните улоги Манчевски ги избра Розмари Марфи, Адријан Лестер, Дејвид Венам, Џозеф Фајнс, Ен Броше и македонските актери Николина Кујача и Владо Јовановски.

„Прашина“ почна да се снима во Њујорк во април 2000. По неколку месеци, продолжи во Македонија, се снимаше прво во околината на Штип (што ја глумеше Оклахома), а потоа во Мариово. Есента снимањето продолжи во Германија, а заврши повторно во Мариово. Во Македонија, која во оваа голема меѓународна копродукција учествуваше со помалку од 5% од буџетот, работеше филмска екипа од 13 земји.

Дизајнерот Дејвид Манс и сценографската екипа во Македонија изградија црква од камен во Штавица, како и бачило и каубојски бордел (Вишновата градина / Cherry Orchard) кој сега се користи како ресторан во околината на Скопје. Каменото црквиче, на чиј надворешен ѕид е пресликан фрескописот од Лешочкиот манастир, сè уште стои во Штавица, а пред неколку години се појави и на разгледница – толку е вклопено во пејзажот што многумина и не знаат дека е филмска сценографија.

„Прашина“, чии главни ликови се една стогодишна старица во Њујорк, еден крадец од Харлем, двајца каубојци од Оклахома и една трудница и војвода од Македонија, го продолжува истражувањето на нелинеарното раскажување на Манчевски. Приказната – која се префрла меѓу Њујорк денес, американскиот Див Запад, Париз на почетокот на 20.  век и последните години на Отоманската империја во Македонија – на почетокот ја раскажува старицата со пиштол вперен во крадецот кој провалил во нејзиниот стан. Раскажувачот и приказната кои се протегаат низ еден век и два континента на крај се испреплетуваат во комплексна емотивна и наративна сложувалка.

Кога „Прашина“ го отвори 58. Венециски фестивал, во Македонија штотуку почна акцијата на НАТО „Неопходна жетва“, со која по воениот конфликт во 2001 се разоружуваа милитантите од албанската екстремистичка организација ОНА. Конфликтот заврши 17 дена претходно, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а во западните медиуми угледот на Македонија не беше најпозитивен. Дури и на гала влегувањето во фестивалската палата при отворањето на фестивалот, прилика која инаку се користи за гламурозно шоу-бизнис интервју, Манчевски беше прашан за судбината на НАТО војниците во Македонија (на што тој одговори дека тие што им го поделиле оружјето на екстремистите сега одат да им го одземаат).

Веднаш по премиерата во Венеција, реакциите за „Прашина“ беа поделени – публиката беше воодушевена и со долги аплаузи и овации ја проследи проекцијата, а критичарите беа главно резервирани и првата реакција беше дека е ова многу чуден филм. Следните денови, откако во весниците излегоа текстовите на критичарите, атмосферата се вжешти. Критичарите речиси воопшто не го анализираа филмот како дело, туку главно инсистираа на дневнополитичкот аспект и го читаа како протест на Македонија против НАТО. Така, речиси сите ја имаа истата саркастична забелешка дека „во филмот Западот е претставен како човек кој е спремен да убива за пари, а Истокот како борец за идеали“. Како своите предрасуди за НАТО интервенцијата во Косово и актуелната сотојба во Македонија да ги пренесоа на филмот. За волја на вистината, имаше само една експлицитно лоша рецензија, на критичарот на „Кориере дела сера“ кој го нарече „грд вестерн“. Другите не беа лоши, но не беа ни воодушевени.

„Прашина“ потоа неколку дена беше топ-тема во италијанската културна јавност. Бројни интелектуалци, меѓу кои  и неколку режисери со филм во конкуренција за награди во Венеција, како Алфонсо Куарон или Карло Карлеи, се замерија со критичарите и застанаа во одбрана на филмот. Нивниот аргумент беше дека филмот е толку нов во синеастичка и креативна смисла, и толку богат и импозантен што сигурно ќе отвори ново поглавје во филмската уметност.

„Но јас го бранам ‘Прашина’ и сите храбри филмови“, рече италијанскиот врвен романсиер Алесандро Барико, во интервјуто за „Ла Република“. Авторот на бестселерот „Свила“, и писател чија популарност се мери само со онаа на Умберто Еко, беше меѓу многумината интелектуалци кои тогаш се јавија во жешката полемика за филмот.

„Ми се допаѓа ‘Прашина’затоа што е едно отворено дело, има сè и сосем е спротивен на сè, комбинира лингвистички шеми со архетипови за да создаде продукт што воопшто не е изгланцан и што Американците ќе ги удри в лице. Критичарите не се подготвени за вакви филмови и книги: тоа е како да одиш на планина во костим за капење па се чудиш зошто ти е ладно. Како кога прв пат виделе локомотива и запрашале: а каде се коњите? Но, вакви дела се наша работа, на современиците, и за среќа, публиката за тоа има поголема интуиција отколку критичарите“, изјави тогаш Барико.

По бурната Венеција, „Прашина“ продолжи со својот интензивен фестивалски и кино живот, кој траеше повеќе од една деценија и филмот достигна култен статус. Играше на над 50 светски фестивали, како и во кината на над 30 земји на сите континенти, меѓу нив и во САД. Имаше и светска дистрибуција на видео и ДВД во бројни земји, меѓу кои и во Британија, Јапонија, Италија, Австралија, Шпанија, Мексико, Исланд, Аргентина, Полска, Германија. Во Британија беше прогласен и за видео на месецот. Се прикажува и на каналот на фестивалот Санденс на Редфорд.

Светската критика „Прашина“ го нарече „македонска Герника“, а Манчевски „кубист на сребрениот екран“. „Амбициозен и фасцинантен“, рече „Ла Република“, „Манчевски има ретка визуелна интелигенција“, вели „Вилиџ војс“. „Моќно, самоуверено и амбициозно филмско дело….Има доволно културен судир што на Прашина на му треба еквивалент на зен коан“, вели „Њујорк тајмс“.

Професорот Родерик Кувер во „Филм квотерли“ вели: „Манчевски користи разновидни ликови и фрагментирана наративна структура за да создаде мозаик во кој деталите од историјата се субјективни, контрадикторни и илузорни, а сеќавањата постојано се менуваат за да одговорат на желбите на раскажувачите или на наративните структури на приказните што сакаат да ги раскажат… Но, можеби најзначајно, ‘Прашина’ е филм за љубовта на Манчевски кон чинот на раскажување, кој страсно издржува и покрај насилството и загубата.“

„Прашина“ се потврди и како академски хит во најреномираните универзитети на светот – меѓу другите, имаше и проекции на универзитетите Браун и Колумбија во САД и Торонто во Канада. На Универзитетот во Лајпциг, Германија во 2003 се одржа научна конференција посветена на „Прашина“, насловена „Колективен идентитет – интердисциплинарна конференција за филмот ‘Прашина’“. Конференцијата беше под покровителство на угледниот германски филозоф Георг Мегле, а во тридневната дискусија со научни трудови учествуваа европски филозофи, историчари, социолози, психолози и филмски теоретичари. Конференцијата го истражуваше прашањето „Колективен идентитет – или кои сме ние?“,  анализирајќи различни аспекти на „Прашина“.

Во текот на овие 20 години следуваа бројни есеи за филмот, објавени во врвни научни списанија од различни сфери и на универзитетски програми, како и во стручни списанија за анализа на сценарија.

Како ретко кое филмско дело, „Прашина“ имаше влијание и врз популарната култура. Беше вброен во многу антологии на стрипот, а често се цитира како пример за модерна обнова на вестерн жанрот. Во 2003, дизајнерот Едриен Смит од италијанската модна куќа за висока мода „Черути 1881“  се инспирираше од „Прашина“ за колекцијата на машка мода.

И „Прашина“, како и сите други филмови на Манчевски, имаше рекордна публика во кината низ Македонија и беше најгледан филм на годината. За генерации млади луѓе овој филм беше прв допир со комплексно уметничко дело, за многумина стана и репер. Во разни пригоди, особено на социјалните мрежи, до денес се споделуваат лични впечатоци за влијанието што го имал филмот кога првпат го гледале.

Дваесет години од премиерата, „Прашина“ сè уште игра во бројни кинотечни и академски програми секаде низ светот, останува уметничко дело кое е предизвик за новите генерации и отвора теми за академски изучувања и есеи.