Од 16 до 21 септември во Битола ќе се одржи најновото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, под мотото „И покрај се“. Годинешното фестивалско издание ќе биде хибридно, со физичко присуство на публиката, на отворено и во кино-сала, а дел од програмата ќе оди на МРТВ, соопштија организаторите на прес-конференцијата во Кинотеката на Македонија.

-ИФФК „Браќа Манаки“ не е мал играч на полето на филмски фестивали. Пандемијата ги направи работите тешки за организирање, но под мотото „И покрај се“ годинава ќе се одржи Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Отворањето на фестивалот ќе се одржи во Пациото на Музејот во Битола, програмата на фестивалот е скратена и содржи 10 долгометражни филмови и 10 кратки филмови, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски.

Дамевски ги соопшти и деталите околу наградите.

-Добитник на „Златна камера 300“  за животен опус му се доделува на австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, познат по соработката со режисерот Михаел Ханеке, но и по неговиот систем на осветлување кој е негов изум и кој ќе биде презентиран на Фестивалот, а Андреј Кончаловски е годинешен лауреат на специјалната награда „Камера 300“.

Претседателот на Друштвото на филмските работници (ДФРМ) Игор Иванов Изи го соопшти лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Тоа е Северџан Бајрам, филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, познат по филмовите на Столе Попов и Емир Кустурица пред се.

За филмовите селектирани во програмата на годинешнава компетиција „Камера 300“ говореше селекторот на главната програма Слаѓан Пенев. Тие нудат тематска, стилска и културна разновидност. Се обидовме да вклучиме дела со висока естетика, дела кои ќе се обраќаат до широката публика, но и до оние гледачи кои претпочитаат артхаус филмови, дела кои имаат силен индивидуален авторски печат, како и дела за кои веруваме дека ќе имаат долготрајно влијание врз филмската индустрија, создадени како од препознатливи и искусни автори, така и од не толку познати, но многу талентирани филмаџии.

-Програмата се состои од десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари. Од нив седум се европски филмови, два се азиски филмови и еден е африкански филм. Сите филмови се дела на режисери кои се истовремено и сценаристи на овие филмови, а за четворица од нив ова се дебитантски долгометражни играни филмови. Додека, пак, поголем дел од кинематограферите на овие десет филмови се многу поискусни творци, при што половината од нив се со над десет долгометражни филмови во своето портфолио, а за кинематограферите на два од овие десет филма ова е прв долгометражен филм зад чија визуелна естетика се потпишале, истакна филмскиот критичар Пенев.

Филмскиот режисер Даријан Пејовски, селектор на програмата на кретки играни филмови, ја претстави годинешната компетиција.

-Особено ми е драго што годинешната краткометражна натпреварувачка програма на ИФФК „Браќа Манаки“ докажува дека филмот има иднина, и како никогаш до сега, приказните се храбри, инвентивни и бескомпромисни. Селекцијата се состои од претежно европски, иако има филмови и од Иран и Перу, од релативно непознати до филмови што биле на големите филмски фестивали. Еден од тие е и домашниот “Северен пол”, на Марија Апчевска – единствениот македонски филм што бил дел од официјалната конкуренција на филмскиот фестивал во Кан, посочи Пејовски.

Директорот Дамевски соопшти и дека пратејќи ги трендовите на светските фестивали, одлучиле да ја укинат документарната програма на „Браќа Манаки“.

-Доколку има квалитетни филмски дела од документарната програма, тие влегуваат или во кратката или во долгата програма. Но, ќе имаме ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика – од Оскар до Оскар“, во соработка со Кинотеката на Македонија, рече Дамевски.